Велат по утрото и денот се познава, а по денот додавам јас и ноќта се препознава низа расфрлени ментални фотографии поминуваат низ мојот ум, мугрите ме самоисцелуваат од ноќните отстоени течности и ноќните потсвесни длабоки бездни, кои нудат ,,несвесност’’,кои треба да ги премостам со дневниот  енергетски баланс  и потоа во ноќта да ги  преминам во една чудесна синергија, каде мирува царството на спокојството.

Станувајќи од постела, мугрите ја следат мојата срцевина и таа потскокнува ко водопади низ сините вени прашувајќи се и одговарајќи се низ контемплации дека денес иако глетката ми е низ прозорецот нема оправдување дека не можам да творам.

Да, граматичката конструкција ,,не можам’’  го исфрлив од речникот во мојата скромна библиотека и го издишав преку техниката за длабоко дишење, која ја применувам  во секое утро и на тој начин го распнувам денот и посегнувам  длабоко во ноќта, за да го  прикажувам својот дневен биолошки часовник, а тој пак како зрнце песок се вшмукува и повлекува уште еден природен ден од мојот природен живот.

Глетката од мојата тераса чини секој ден да е природен ден, и како да престанам да творам, кога под прозорецот од мојот дом природата ме зеленее, ме расцутува и ме замирисува и задржува во опоен занес дека не се случува некаква пречка и дека не се случува некаква препрека, дека се се одвива по природен тек и дека таа е тука подготвена да разговара со мене дали и денес ќе го следам нејзиниот пулс. Величествената природа, така ненаметлива и денес, како и секој ден со благ императив побара од мене да не бидам љубоморна и да не го сочувам во себе и за себе овој ракопис и да го предадам да се прочита, впрочем и таа кога би била љубоморна и секогаш кога би се сочувала за себе и во се себе тогаш низ светот не би владеела промена,  а кога не би господарела промената, тогаш светот застанува и ништо не се случува.Е, затоа природата ми вели:,, Не застанувај!Не прекинувај! Не се попречувај! Не се спречувај со творењето! Зарем јас некогаш сопрев со столетија?  Зарем јас некогаш потфрлив и не нахранив и не напоив гладни и жедни усни? Зарем јас некогаш се спречував и кога неосвестените човечки битија ми ги палеа моите бели дробови? Зарем јас не пркосев, никнувајќи по секој невнимателен опожарен оган и не распламтував нови дрвца, од никулци па се до раскошни крошни рацутени цветови, на кои пчелите вреднуваа земајќи сладок нектар и правејќи мед да ви нахрани човечка душа и зарем требаше да престанам да ви дарувам сочност преку  гризнати залаци помеѓу вашите заби?

Зарем ме забележа дека посакувам да сопрам и тогаш кога посакуваа да ме сопрат и  да ме умираат луѓето без тронка совест и свест? Не, јас никогаш не сопрев и никогаш нема да сопрам, и затоа спорам со тебе, ти која се изложуваш да ме набљудуваш, ти која  имаш смелост да ме следиш кога раззеленувам ,кога расцутувам и кога ќе дадам плод, па тогаш и ти следи ја мојата суштественост и биди природа, положи ја својата верба во мене, во природата, во твојата природна заборавена интуиција,таа ти е подарена од мене,исчерупај ја, ископај ја, пикни ја, впрегни ја кочијата и забоди го  длабоко со колецот семето на новиот поредок, без кој јас повеќе нема да се насолзувам и нема да тагувам.

Ете, ме соголувавте низ пожари, ми ги разголувавте бесрамно моите гради, моите прашуми, ми ги цедевте течните корита, ги сушевте моите корења низ кореновити бедра, ми ги изгоневте животните, ми ги изгазивте лековитите билки и чаеви и ми го запоседнавте небото, секаде ве имаше, секаде бевте предатори, па дури поврзувавте јажиња, поврзувавте антени, поврзувавте сателити, за да можете да се напентарите и други планети да уништите.

Ме засрамувавте кога ме остававте гола, гола во физичка и духовна смисла, бидејќи тогаш ми ги откривавте моите тајни и скришни места, се срамев од вашите лакоми погледи, бев дама, а како и секоја дама не уживав кога се одгледувавте во мојата голотија и беда, но сега кога ме набљудувате од вашите прозорци, почнувам да сочувствувам со вашата човечка природа, а таа е дека всушност јас ви бев вашиот одраз на вашата голотија и на вашата сиромаштија и беда.

Ако сакавте да ме прашате за праисториската тајна: кој моден креатор се грижи за мене и ако почувствувавте завист за секое мое скапоцено и природно руво, можевте да ме прашате, ќе ви одговорев исто како што и ве облекував и ве дефилирав низ светските модни ревии, ако ме прашавте ќе  ми  укажавте голема чест, ќе ми причинивте исцелувачки мевлем,со кој ќе го заборавев вашиот потпишан договор со вашиот самоуништувачки код.

Разликата меѓу мене и вас е дека вие не сте природа, а кога би биле тогаш никогаш не би посакале да ме соблечете, да ме разголете и да ме засрамите.

Не бидете пијавици,не ги цицајте моите вдлабнатинки, не ги погребувајте моите испакнатинки со засмрден смет, не ги потопувајте моите води со гнасни пластични шишиња и не го претварајте небото со вашите гасни комори, бидејќи еден ден и вие ќе засмрдите, и вие ќе се згадите и вие ќе заболите!

Ќе ве чекам да се смирите, ќе ве примам во своите одаи кога ќе го сталожите вашиот разврат, кога ќе сакате да созреете,оти сеуште сте ми неузреани цреши и кога ќе ја  разберете мојата акумулирана невидлива и видлива природна артистична проекција , тогаш ќе ја срушам својата бариера кон вас и ќе ве подготвам за дарување, сочинето од бескрајно и безусловно љубење, кое во вашите закоравени долапи ги заборавивте.

Затоа пишувај, создавај и креирај, нека ти бидам јас твое огледало, огледувај се, опули се на мене секој ден од твојот прозорец и не ми се срди и не ми се лути што и скришум во ноќта додека ти сонуваш јас се прекројувам и се зашивам во пупки или во цветови во различни колоритети, оти така ми шепнува кројачот да се променувам додека ти заспиваш , тајна е ми вели дека можеш секој момент да го овековечиш и ете бидејќи те љубам, бидејќи знам дека ти не ме спориш со некаква вештачка интелегенција  и не го умртвуваш живото во мене, ќе ти пријдам за да те спречам во твојот бунтовнички бес дека не си посведочила на секоја моја промена и ќе ти кажам дека не можеш да овековечиш нешто што е  ВЕЧНО!

Вечноста не може да ја овековечи човечки дух, бескрајот не може да го зароби крајот, несоницата не може да го дофати сонот и просветлувањето не може да ја просветли светулката во ноќта, затоа сонувај,воздивнувај , воздигнувај се и паѓај, впрочем човечкиот дух е ризница како и јас природата, паѓам ко човечки дух во есенски лист, просветлувам во зимски снежец, се будам и раззеленувам и расцутувам, вжештувам и горам во летни горештини.

Забележуваш, исти сме по детерминирана автономна и биолошка сатница?!

Не се лути на кројачот, ете тој преку мене ја обелодени својата тајна, а тој пак ми дошепна дека и тој те закројува, те потсекува и ти ја возобновува секоја твоја пора, бдее над твоето деноноќие и кога заспиваш и кога стануваш, оти и ти треба да бидеш лична и да бидеш убава, за да ме видиш мене лична и убава низ твојот прозорец.

Не се лути и не дебатирај дека не можеш да овековечиш нешто што е ВЕЧНО,бидејќи кратка е твојата животворност и кус е твојот светоглед, затоа гледај го она невидливото, за да ти се престори во видливо и исцелувај го она болното во тебе!

Не се срди и на себе, ти и да сакаш да видиш се и да допреш се не ќе можеш, бидејќи претставуваш лачење на засилена рамнотежа помеѓу празнење и полнење на сензации и претставуваш експлоататорска помисла и постапка за нови залихи на рудни богатства!

Те зазорувам и не се срамам кога ме гледаш од твојот прозорец, облечена сум во во зелена одежда и покриена со сончевите зраци, те ,,попладнувам’’ и те врзувам во зелени појаси и те ,, заноќувам’’низ илјада запалени светилки во соседните згради и соседните куќи.

Да, сите сме дома, јас како природа, одамна избркана од својот дом се вратив дома,убав е мојот дом, убави се вашите домови, убав е и твојот дом, во потполна реставрација ја оплеменуваме и ја наслушнуваме што ни вели фреквенцијата на која треба да вибрираме,таа треба да биде соодветна на онаа, која ни е врежана во меморијата од нашите претци, е да, сега сите сме воајери на внатрешната интимна и интелектуална наобразба, сега сите сме во еден прозорец, од кој ѕиркаме и ѕидаме пофалби дека се чувствуваме благодарни дека не сме повеќе скитници и дека не сме повеќе туѓинци во сопствените домови, инаку во спротивно  би го погазиле значењето на именката,,сопствени’’ и тогаш ништо не сме научиле од нашите скитања низ прочитаните редови во книгата,, Сидарта’’ од Алберт Ками.

Во нашите домови и од нашите прозорци веќе не се чувствуваме и веќе не ѕиркаме како странци,неживото не присили да ја иссилуваме нашата подлост и агресивност и да ја изгониме со градскиот врач дека ја поседуваме супериорната моќност над природната слабост,таму каде има моќност има и слабост, вечна размисла.

Од мојот прозорец не се спречувам да творам, закованата ортома на слободата ја одврзав и под видливите пранги од мојот балкон јас ги изразувам и ослободувам сите невидливи синџири, со кои сум била опкована и заробена.

Изразувањето на слободата не започнува од надвор, туку неговата иницијална капсула започнува да се разлева кога си внатре во себе, тогаш се создава триење, со кое може да се спуштиме доле до земјата и да се вивнеме горе до небото.

Обликувањето на слободата започнува најпрво од нашиот прозорец и преку таа проѕирна и видлива стаклена материјализација го ослободуваме ропството, согледувајќи го низ сите стеги,низ сите заковани и заштрафувани ролетни, кои ни пречеле да сме слободни во она што сме и за она што сме.

Прозорецот ни служи да го ,,одробуваме’’ ропството и да ги изгризаме синџирите , во кои сме биле распнати на крстови додека сме крстосувале и воделе надворешни крстоносни меѓусебни човечки војувања.

Чуму ти е слобода надвор, ако ја немаш внатре? Затоа почни одвнатре, за да имаш однадвор!

И така и природата и јас се возообнуваме и се разубавуваме, оти и двете сме дами.

А, јас пак повеќе не се лутам на природата што се сокрива од мене кога се променува додека јас заспивам, не се лутам ни на кројачот, бидејќи тој ме закројува онака како што ми доликува да ползам до земјата и да растам до небото и не се лутам ни на себе самата повеќе, бидејќи еден е прозорецот и токму тој треба да се изживее според сопствената волја и преку него не треба да се размислува, туку треба да се измедитира без да се насолзам и без да се израдувам, сложеноста е во едноставноста да бидам јас, сопственост на себството во мене во симбиоза со ОНА ВЕЧНОТО!

Бескрај на моето писание.

Маја Трајковиќ