Мојата приказна започнува кога имав неполни 39 години. Почувствував некоја банална болка во грбот и решив да отидам на лекар за да проверам што е тоа. Лекарот кој ме прегледа итно ме препрати на радиологија за да направам снимки на дојката. Откако ги направив снимките, за миг ми се сруши целиот свет пред мене. Јас дознав дека имам карцином кој е многу прогресивен и ми кажаа дека мора веднаш да се отстрани. Во хируршкиот зафат ми беа отстранети двете дојки. После тоа се прашував што со мене. Наредните неколку денови почнав со хемотерапија. Се чувствував како да одам низ пеколот, но постојано во себе си велев дека морам да чекорам по тој пат и да ги издржам сите маки и стресови. Си велев дека морам да живеам.

Некое време подоцна, при рутинска контрола на лекар, ми открија уште нешто. Тука следеше уште еден шок. Ми кажаа дека ќе морам да направам оперативен зафат со кој ќе ги отстранат моите јајници и мојата матка.

Ја направив и таа операција, се чувствував како да доживувам „дежа ву“. Операција, па хемотерапија. Овие две операции се случија во рок од десетина месеци.

Но овој пат реков си ветив самата на себе дека ќе бидам похрабра, посилна и поиздржлива. Си реков дека ќе го победам тој проклет карцином. Верувале или не, јас го победив. Животот ми се продолжи, ми се роди и првата внука, а јас бев пресреќна и заборавив на болеста. Неколку години подоцна се родија и моите внуци Лука, Миа и Лара. Моите внуци се мојата инспирација. Јас бев најсреќната баба на светот. Но за жал во 2016-тата година стресот повторно се врати. Ми кажаа дека ќе мора да се отстрани надбубрежната жлезда.

Ова беше веќе трет пат како го поминувам истото. Сакам да кажам дека денес сум се уште жива и не се предавам. Секогаш велам дека сум здрава, среќна и сакана. Така и ќе продолжам.

Јас сум жива!

Ленче Петрова – Скопје