Кога дознав дека имам карцином на тироидната жлезда си реков зошто јас?

Првиот маж ми почина во 79 година од рак, се борев заедно со него на 26 години. Потоа татко ми во 90 тата година почина од рак, како и брат ми во 2006 тата година. Значи сега јас дојдов на ред? Не можев да поверувам кога ги добив резултатите од биопсијата од тироидната жлезда, си реков не, јас не можам да се предадам, ми ги зема нив ама јас не се предавам. Иако поминаа 11 години од тогаш јас се уште се сеќавам на се што се случи како да беше вчера.

Помина операцијата и маките со тироидната жлезда, па на ред дојде ларингсот. Tие маки беа најтешки, и многу макотрпни. Си велев во себе да си оди од мене. Макотрпни беа затоа што не можев да комуницирам со моите блиски, и со пријателките од Борка.

Комуницирав така што јас пишував на лист хартија, а тие ми одговараа бидејќи не можев да зборувам. Но тој проклетник не си отиде, тој почна да шета низ моето тело. После само една година тој повторно се појави на мојата дојка.  Се налутив многу, но добив и уште поголема сила да се борам со него, а тука дојде и она најлошото, хемотерапијата.

Пат по кој како да газев боса низ трње. Одев низ темниот тунел, но се изборив да дојдам до крајот на тунелот каде што ја видов светлината. Го видов патот со рози каде што нема болки и солзи. Но за да стигнам до тој пат ми помогна љубовта, помошта од моите блиски и од моите Борки, борци кои ме научија како да се изборам со сите маки кои ги поминував.

Кога се пројде се и помислив дека е тоа крај на моите страдања, се разболе мојот сопруг. Тоа беше вториот сопруг за кого се омажив после 16 години откако ми почина првиот. Заедно се изборивме со него и неговиот карцином на синуси, што е многу редок. Откако заврши со сите лечења, зрачења и цитостатоци тој мислеше дека е излечен. За жал болеста му се поврати и тој не се спаси. После одреден период пак проклетникот се врати кај мене, добив рецидив и заедно со мојот сопруг се боревме со ракот. За жал тој почина, а јас повторно успеав да го победам тој проклетник после речиси осум години откако го победив и првиот пат.

Рецидивот го оперираа со локална анестезија, бидејќи не смеав да примам целосна анестезија. Причината за тоа е мозочниот удар и блокадата на срцето кои ги преживеав во 2013-та година. После сето ова продолжив да живеам и да се радувам на животот на моите деца, внуци и зетовци. Се надевам дека Господ ќе ми даде уште внуци за желбата за живот и радоста ми бидат уште поголеми. Многу ми помогна дружбата со моите Борки и помошта пружена една на друга, во која ни помогна нашата кралица Биба Додева.

Таа е најголемиот борец меѓу нас, затоа што се избори за речиси сите наши права. Сакам да им кажам на сите заболени од рак да не се плашат и дека и после ракот има живот. Само ако се бориш и не му се предадеш на тој проклетник ќе живееш, ќе се бориш и ќе помагаш на сите што ги сакаш, а јас ќе живеам, ќе давам совети и ќе пружам помош се до моите 93 години. Ќе се борам уште толку години и не се предавам. Ќе чекорам по  розововиот пат што за мене значи живот. Ќе продолжам да се борам со сите заедно и секогаш ќе пружам позитивна енергија, ќе останам таква засекогаш. Ве гушка и ве сака ваша Никче.

Николинка Котевска – Скопје.