Мојата животна приказна започнува помалку спонтано. Имено пред десет години, поради сомнителни промени на дојката кај мојата мајка, решив да ја убедам да направи мамографски преглед. По извршеното испитување, кај неа беше откриен карцином на дојка. Една година подоцна улогите се сменија. Јас не сакав да одам на мамографски преглед, но по инсистирање на докторите и на мојата мајка, собрав храброст и решив дека морам да го сторам тоа.

Резултатите од прегледот беа позитивни. Јас имав карцином на дојка. Имав неверојатен хаос во мојата глава. Немир, страв и неспокој во душата. Светот се сруши врз мене. Сите планови кои ги имав зацртано ми изгледаа недостижни и неостварливи.

Помислив на моето семејство и на моите блиски пријатели. Знаев дека повеќе нема да биде исто, но моето семејство ме поддржа и ми ја даде таа волја да продолжам понатаму. Вечерта пред да ја направам операцијата не можев да заспијам.

Во главата замислував секакви можни сценарија. Мислев дека тоа утро за последен пат ќе си го видам моето семејство. По брза постапка беше закажана хируршката интервенција која беше успешна. Потоа следуваше периодот на рехабилитација и враќање во нормала. Во тој период најважна ми беше поддршката на мојот сопруг и моите деца кои постојано ме охрабруваа и на секој можен начин ми ја поттикнуваа волјата за живот. Во оваа исповед сакам да се заблагодарам на сите роднини, пријатели и познаници кои ми помогнале на било каков начин.

Не можам, а да не го споменам нашето домашно милениче Рико, кој како да чувствуваше што се случува, па цело време се вртеше околу мене. Од свое лично искуство можам да кажам дека во такви моменти домашните миленичиња се од исклучителна важност за психичкото здравје на заболените. Во истата година станав и член на Здружението за борба против рак на дојка „Борка“. Оттука веќе работите почнаа да одат на подобро.

Со поддршка на претсетаделката Биба Додева и волонтерите од Здружението, за прв пат почувствував потреба да бидам цврста и отворено да се соочам со реалноста. „Борка“ организираше психолози и волонтери кои секојдневно работеа со лицата кои беа заболени од карцином. Набрзо ми се врати самодовербата и сфатив дека ништо не е изгубено.

Ако не постоеше темнината, никогаш немаше да ги видам ѕвездите. Животот е убав и треба да се ужива во секој момент од него. Денеска сум горда на сето тоа што го поминав, затоа што дознав колку сум храбра и цврста. Денес можам слободно да говорам за карциномот на дојка, и пред себе и пред новозаболените. Ракот дојде, се боревме и јас победив. Мојата мисија тука не е завршена. Бидете храбри, бидете бестрашни, бидете и повеќе од тоа. 

 Лилјана Николовска – Координатор на Скопје