Откако паметам за себе сум борец и позитивна личност. Тешкотиите секогаш сум ги надминувала со размислување и пронаоѓање на најдоброто решение.
Сакав да се смеам и играм. Работев многу и на работа како и дома и ништо не ми беше тешко.
Направив многу, а сакав уште повеќе. Моите деца израснаа во прекрасни млади луѓе.
Едно утро една капка крв на мојата пижама ме потсети дека треба да мислам малку и на себеси. Си закажав мамографија. Некако добив желба да шетам и да посетам места кои сум сакала да ги видам. Шетав и не сакав да мислам што ќе биде, го живеев животот во тие моменти.

На прегледот ми ги потврдија сомнежите, солзите за миг потекоа. Синот ме чекаше пред вратата, а јас си реков мора да бидам силна заради нив а и заради себе, сакам да имам внучиња и да се радувам на нив.
Со леснина реков, треба да одам понатаму и да се лекувам.
Се друго е тешкотија која сите со дијагнозата канцер ја поминуваат. Најтешко ми беше кога гледав како моите деца се плашат и тагуваат, но и кога на хемотерапиите гледав многу млади жени кои дома ги чекаа нивните мали дечиња. Некако длабоко во душата знаев дека се ќе помине, сила ми даваше и другарството со Маргот , која се лекуваше од канцер на грло. Нејзините зборови, се гледаме во Рио де Жанеиро секојпат ме дигаа од постела.
Дознав и за борбата на жените од ” Борка” со кои имав прекрасни дружења и сфатив дека има уште многу големи борци со кои може да се дружам.
Болеста не ми ги одзема деновите кои сега ги живеам со моите деца и внучиња кои ми го исполнуваат денот.
Секојпат мора да си најдеме добра причина за која вреди да се избориме со тешкото лекување затоа што се исплати. Рачињата на моите внучиња секој ден ми го потврдуваат тоа.
Може да се победи само ако си поставиш желба да истраеш и да победиш. Дијагнозата не е крајот, таа е почеток на едно поинакво живеење со вистинските приоритети. Таа мене ме натера да мислам на себе и на тоа што го сакам.
Борете се и ќе добиете.

Снежана Неделковска