Бев сама во болница кога ми ја соопштија дијагнозата „рак на дојка“. Јас го слушнав само тоа. Во тие моменти чувствував болка, бев во шок, како да останав без ум. Ги земав резултатите и излегов од ординацијата како да немам нозе како да немам тело. Во мене како да умре се. Јас не бев со себе. Чекав автобус, а мојата изгубена душа се прашуваше во мене, зошто, како, каде, а солзите ми течеа низ лицето.

Се качив на првиот автобус со број 60 и седев до крајната станица. Се симнав на Матка. Како некој да ме повика да отидам таму. Немаше луѓе, бев сама и уживав во природата. Седнав на една клупа и ја гледав реката, дрвјата и цвеќињата. Го слушав пеењето на птиците. Во тој момент се чувствував мирно.

Многу време помина, а јас упорно седев, слушав и гледав. Се беше совршено, секое цветче, тревка, водата што шумолеше и ветерот што ме милуваше и ги тераше лисјата од дрвјата да ми пеат.

Се беше прекрасно и одеднаш мојата душа го најде тоа што одамна го бараше. Го пронајдов нашиот Татко кој живее насекаде. Ја најдов неговата љубов која е вечна. Да Татко, ти благодарам за искушенијата што ни ги даваш. Благодарам за твоето трпение и простување за нашите гревови кои ги правиме на твојата земја.

Да Татко, заборавивме да се сакаме и да си простуваме. Заборавивме да ти благодариме за секој поминат ден. После терапиите одев и на Гешталд терапија, а потоа почнав со јога и медитација. Читав многу книги на овие теми и сфатив дека љубовта, простувањето и благодарноста се најважните нешта во животот. Нека е Бог со нас, а тој нека ја дава силата на љубовта која може да победи се.

Во оваа борба има само две опции. Или бираш да бидеш жртва или си победник. Трета опција нема. Тоа е состојба на умот. Ние сме родени како победници. За мене нема назад, само напред розово.

Снежана Стојановска – Скопје