Веќе не боли. Осум години и девет месеци подоцна, како да било пред осум века, толку силно и енергично сакав да го избришам од глава тоа сеќавање, што сега ми изгледа како да не било никогаш. Нема солзи, нема самосожалување, нема каење. Се што требаше да биде, се случи. Верувам дека со 11-те милиметри малигна неоплазма, платив за сето несвесно и за сето погрешно во триесетите години живот. Верувајки дека го живеам сонот, ги живеев туѓите очекувања, притискајки се себе си да бидам најдобра во се, на сите полиња од животов. Се што беше за некој друг, јас од минатиот живот (оној пред осум века) го извршував веднаш, а рaботите кои мене лично ме засегаа, ги одложував за  некој иден нов ден, кој наместо 24 ќе брои 48 часа.

Времето ме враќа на први октомври 2010 година, ден петок, седум часот наутро, ги облекувам тренерките кои три години си ги чувам за нови, зошто немам време често да  нурнувам во авантурата наречерена рекреација. Но животот си најде време и начин на кој ќе ме (ре)креира, нурнувајки ме во најолемата авантура наречена рак на дојка. Имаше многу адреналин, многу непознати лавиринти низ кои се провлеков, многу солзи, многу крв, многу болки, неизвесности, луѓе и табиети. А немаше страв, да немаше страв! Јас плашливката и плачката која во тинејџерските и раните дваесети години од животот плашејки се од болести и гојазност, живеев здраво, хранејки се вегански, со спорадични вежбања во теретана и чести три километарски џогингзи на кеј. Да, јас немав страв, затоа што стравот го погледнав  в лице и го прашав што сака тој од мене. Немав страв затоа што  знаев дека Господ е со мене (така ме убеди тетка ми, дека Тој ќе биде  секогаш пред мене и зад мене).

Проучував разни алтернативи за холистичко излекување (физичка и психолошката состојба на пациентот). Покрај конвенционалниот медицински третман имав режим на исхрана кој пред се, се темелеше на жива храна, бланширан зеленчук, бројсов сируп, мешан чај од коприва, невен и ајдучка трева, органски мед, ладно цедено маслиново масло, јаткасти плодови и разни семенки. Душава ја крепев со книги од светите отци, а ја тешев со исповедни видеа на ѕвезди од светски ранг, кои се избориле со болеста и продолжиле посилни од кога и да е.

Сите до еден изјавија дека психолошката помош, а особено групите за поддршка, имаат голем удел во нивното опоравување. Убедував психолог кој во тоа време правеше групна терапија со жени жртви на семејно насилство, да креира група за  жени жртви на карцином, но наидов на затворена врата. Втората врата на која веднаш  штом тропнав ми отворија, беше вратата на “Борка“.  Храбрата Биба за седум дена успеа да оформи група од најмладите пациентки  таа 2010 година со карцином на дојка Јас и другите четири девојки, еднаш седмично поминувавме низ сите сеништа кои ни донесе хемотерапијата, радио-терапијата и анти-хормонските терапии. Имаше обиди да ни се приклучат и други девојки, но по неколку сесии, се откажуваа. Подоцна дознав дека за жал се преселиле во вечните ловишта (статистиката вели дека оние кои биле дел од групите за поддршка, имаа поголем процент на преживување). Цела година се соочувавме со предизвици, се бодревме, учевме едни од други, плачевме и се радувавме и на крај победивме. Сите четири од тогашната екипа.

Овие денови не се гледаме често како тогаш, но кога и да паднам во малодушност (инспирирана од македонсково секојдневие), секогаш пред очи ми излегува сликата на четири девојки со перики, кои неколку часа  по примената  хемемотерапија од која ги боли се, од ножното мало прсте до ‘рскавицата на увото, дотерани, влегуваат во автомобил во кој пеат додека ги држи глас и  се упатуваат  кон првиот ред на промоција на книга во елитен скопски ресторан. Додека сите наоколу (секоја чест на исклучоците) се мафтаат со туѓите (брендирани) пердуви, четирите мафтаат со насмевки полни со верба, верба во себе и во Бога, верба во светла иднина.
Ако можев тогаш, можам и сега – да верувам.

Ако можевме ние, можете и вие да бидете излекувани!

Големиот Ајнштајн животот го компарирал со возење велосипед, а една од неговите најголеми мисли гласи „Гледајте само напред, за да не изгубите рамнотежа“.

П.с. Борката која успеала да ја добие најголемата битка во својот живот борејќи се со оваа опака болест ја сподели својата приказна, но по нејзино барање не замоли да остане анонимна.

Е.С.