Продолжуваме со серијалот „Приказни од херои“.
Овој пат нашиот Митко Јордановски ја сподели неговата приказна со нас и реши да ги охрабри сите оние кои моментално го поминуваат патот што тој го одел пред неколку години. Мите, како што ние си го нарекуваме во БОРКА, има меланом, односно рак на кожа, и покрај многуте компликации не престанува храбро да се бори и да верува во убавината на секој нов ден.

“Мојата приказна започна пред пет години. Мајка ми случајно ја забележа промената на бемката на мојот грб. Бемката не беше голема но ја промени бојата и формата.
Веднаш отидов на лекар да проверат за што се работи. Ме упатија на пластична хирургија да направат биопсија. Ме прими д-р Маргарита Пенева на која сум и неизмерно благодарен. Ми рече дека мора да се направи операција и целосно да се одстрани. Операцијата беше локална, траеше половина час. Потоа си заминав дома. Следниот ден отидов на работа како ништо да не се случило. Работев и сеуште работам во Денмак, но во моментов сум на боледување. Кога стигнаа резултатите од биопсијата се покажа дека бенката е бенигна и дека нема простор за паника. Продолжив со животот нормално, но направив една грешка, во наредните три години не направив ниту една контрола, ниту ехо, дермоскопија, ниту пак бев едуциран за последиците кои можам да ги имам.

После три години откако ја направив првата операција, бев на гости кај баба ми, кога таа забележа некакви промени кај мене. Ја извести мајка ми и ја молеше да закажам ехо за да направам контрола бидејќи нешто и беше сомнително. После еден месец убедување, конечно мајка ми успеа да ме натера да одам на ехо преглед, на 26 декември 2017 година. Влегов во ординацијата, ме прегледа д-р Низаметим Сезаи и веднаш ме прати кај д-р Маргарита Пенева заедно со резултатите од ехото. Д-р Маргарита ми кажа дека бенката од пред три години не била бенигна туку била малигна и дека треба веднаш да се направи операција под двете пазуви. Во моментот кога ми соопштија дека имам рак на кожа т.е. меланом, не знаев каде се наоѓам. Бев лут, гневен, тажен, имав милион емоции кои не можев да си ги објаснам. Имав чувство како целиот свет да ми се сруши. Но и покрај сета таа лутина, бев спремен и сакав операцијата да се направи уште истиот ден.

Ме оперираа на 2-ри Јануари 2018. Операцијата траеше осум часа, повторно со целосна анестезија и ми беа отстранети седум лимфни јазли од едната и десет од другата страна под пазувите. Во болница останав десетина дена и полека заздравував. На почетокот не можев воопшто да ги движам рацете, но бев упорен и после неколку дена почнав полека да ги мрдам прстите. Резултатите стигнаа после десет дена. И на двете страни под пазувите беа пронајдени малигни клетки. Бев ставен во системот на клиниката за онкологија, како пациент на д-р Игор Стојковски, специјалист за рак на кожа – меланом. Голема благодарност до него како и до директорот д-р Нино Васев, кои освен што се добри доктори, се и добри пријатели. После закрепнувањето од операцијата, направив контролен пет скен. Се беше во ред, не беа пронајдени други малигни клетки во моето тело. Докторите согласно протоколите, одлучија дека нема потреба од дополнителна терапија туку само контрола на секои три месеци.

После пет месеци од втората операцијата и прегледот на пет скенот, почна да ми се влошува состојбата. Сите мислеа дека проблемот е во мојата глава и дека мојата психа попушта. Еден месец правев разни контроли но никој не можеше ништо да открие, па мислеа дека сум луд, дека измислувам. Но јас чувствував дека нешто не е во ред. Во тој период почнав да повраќам црна течност и ослабев 15 килограми. Повторно отидов на ехо и после прегледот ми кажаа дека морам под итно на операција поради преплет на црева. Во мај 2018 година д-р Зоран Караџов, кого во оваа прилика особено го поздравувам, ме прими на клиниката за абдомен каде ми ги направија сите компјутерски испитувања. Итно ми беше направена операција која исто така траеше 7-8 часа, но за мене беше многу потешка од предходната. Првите два дена имав многу јаки, неиздржливи болки.  После десет дена во болница, полека закрепнував и ги чекав резултатите од биопсијата. Не очекував дека ќе ми соопштат таква вест. Едноставно, не можев да верувам дека ми извадиле тумор од тенкото црево кој бил причина за проблемот со преплетот на цревата. Тогаш прв пат заплакав, но не од страв, туку од лутина, неверување. Не верував дека ми се случува ова. И ден денес не го прифаќам тој резултат. Како и тогаш, така и сега, се чувствувам сосема здраво, како физички така и психички.

После ова решив да побарам мислење и на друго место. Закажав преглед во Виена, кај д-р Зијелински кој е директор на клиниката за онкологија во Австрија. Ме прими во неговиот дом и по негова иницијатива направив дополнителни испитувања на главата, вратот и абдоменот. После добиените резултати, неговиот заклучок беше дека сите овие проблеми настанале од сонцето и сончање на бемката. Ми рече дека мојот најголем непријател е сонцето и ми сугерираше да почнам терапија со апчиња. По враќањето од Виена, со резултатите и препораките од д-р Зијелински, појдов кај д-р Нино Васев на онкологија. Тој веднаш ја одобри терапијата со апчињата Зелбораф. За терапијата со Котелик требаше да почекам бидејчи не беше на листата на достапни лекови.

Ја користам оваа прилика, да им кажам едно големо благодарам на Биба Додева, министерот за здравство д-р Венко Филипче и д-р Нино Васев, кои за брзо време ги вложија сите напори за лекот Котелик да биде достапен на пациентите на онкологија, па од тогаш и јас ја користам таа терапија која ми помага во справувањето со болеста.
Потоа, преку мојот вујко дознав за здружението “БОРКА”. Успеав да се запознаам и со претседателката Биба Додева со која станав многу добар пријател и имаме прекрасна
комуникација. Таа ми даде поддршка кога ми беше најтешко, ми дава совети и насоки кои ден денес ги применувам. Станав член во здружението “БОРКА”, каде основавме тим за меланом и почнавме со едукации во Брисел, Стокхолм, Крусенбург, а минатата година во организација на “БОРКА” и Европската мрежа на пациенти со меланом (MPNE) имавме интернационален семенар и во Скопје, каде што учествуваа околу 30-тина пациенти и претставици на здруженија од цела Европа.

Додека сум на боледување, времето го поминувам на базен. Пливањето и пешачењето е најдобро за луѓето кои го имаат мојот проблем. Пред 12 години бев пливач, репрезентативец на Македонија, но пред 10 години ми се случи несреќа во која едвај останав жив. Бев удрен од глисер во Охридското Езеро и морав да ја завршам мојата кариера.

Почнав да работам и да држам приватни часови по пливање и по извесно време добив понуда да бидам тренер во еден од најдобрите и најуспешни клубови во нашата земја, би рекол и на Балканот, Вардар 2018 каде што држиме часови за деца од четири години, па нагоре. Во нашиот клуб тренира и Евгениј Поп-Ацев кој е светски шампион на долги маратони, шести во светот на кратки маратони, а воедно ми е еден од најдобрите другари. Таму го наоѓам мирот, пред се за мене, а работата со децата ме прави уште посреќен и ме исполнува. Во овој клуб се пронајдов и среќен сум што можам целото мое пливачко и животно искуство да им го пренесам на младите пливачи. Пливањето беше и сеуште е дел од мојот живот.

Се е во главата и во позитивниот став. Правете ги работите што ги сакате во животот. Немојте да ги форсирате работите и да ги правите на сила, бидејќи така ќе направите само контра ефект. На сите им препорачувам да внимаваат кога се сончаат, да користат адекватна заштита (креми за сонце, наочари, капа, а тие што се со посветол тен – облека со долги ракави). Внимавајте во кој период од денот се сончате, мојата препорака е да се сончате само до 11 часот претпладне и после 18 часот. На оние кои имаат меланом, но и на оние кои немаат, им препорачувам задолжително да прават контрола еднаш годишно (преглед на бенките, дермоскопија, ехо и проверка на крвна слика). Секогаш бидете ведри и позитивни. Ќе има разочарувања, но живееме во такво време, само држете ја главата горе и гордо.

Морам да напоменам дека во најтешките мигови, кога мислев да се откажам од се, тука беше моето семејство кое ми ја даде најголемата поддршка на светот. Сакам да се заблагодарам на моите мајка, татко брат, вујко и мојата баба за сите совети и за целата енергија што ја вложија во мене за да ги пребродам овие тешки мигови.”

 

Митко Јордановски – Скопје.