Ме нарекуваа девојката со Хочкинот… Тогаш ми сметаше тоа, но сега сум горда на мојата победа. Имав 19 години, сакав да направам многу работи, имав дури направено план на работи што треба да ги остварам таа година…

Се започна со моето запишување на факултет, нови другарки и другари, одење на предавање, шетење, журки. Толку бев преокупирана што не забележував дека пополека облеката ми се зголемува, нагло ослабев многу. Тогаш мислев дека е поради моето нередовно јадење, често бев отсутна од дома. Но потоа почнав да кашлам, почнав да се потам, се повеќе ми се гадеше кога ќе ми спомнеа јадење, имав темпетатура 37.5 која што никако не се смалуваше. Одев на доктор и таму ми даваа да пијам парацетамол за температура иако сегиментацијата на крв ми беше многу висока. Еден ден од сабајле толку многу кашлав што исплукав крв. Тоа ме исплаши многу и повторно отидов на доктор. За среќа се погоди друга докторка која ме прати под хитно на ренген. Таму докторката кога ја виде снимката ми даде упат за на Пулмологија.

Тој ден 19.12.2002 год. започна мојата мака. После многу испитувања, скоро после еден месец ми ја дадоа дијагнозата Хочкинов лимфом 4 фаза, а 4 фаза е последна. Што да кажам повеќе, плачев многу, ми кажаа дека косата ќе почне да ми паѓа,  дека можеби потешко ќе имам деца… Примав 12 хемотерапии, болки во стомакот, повраќање и без никакво чувство за вкус и мирис. Имав голема поддршка од мојата фамилија, од мојот сопруг кој ми даде поддршка иако тогаш ми беше само дечко. Имав голема верба во Господ, секогаш се молев за спас.

Тешка беше борбата, но бев дисциплиниран пациент. Kога одев на контрола проф. Др. А.С ме носеше кај други пациенти да ме видат дека сум се излекувала и да им дадам поддршка. Во тој момент се чувствував како херој. Затоа го напишав ова да им дадам утеха на сите што имаат Хочкин, сега се поминати 17 години и јас имам две прекрасни деца. Успеав да родам, успеав и го победив Хочкинот. Сега не ми пречи да ме викаат девојката со Хочкинот.

Верица Живковска Долевска