Животот несекогаш е она што го посакуваме и очекуваме. Понекогаш знае да ја сврти добрата страна за миг и да ни направи хаос. Така почна и мојата приказна кога дознав за моето заболување.

Се работеше за рак од малиген карактер, кој за среќа беше откриен во рана фаза. Како и да е, сепак стануваше збор за РАК, нешто најлошо што може да му се случи на еден човек. По природа сум цврста личност со многу цврст карактер. Така и ме препознаваа сите што ме знаат. Но тоа беше период на слабост, огромна слабост која беше посилна од мене. Мал дел од луѓето беа информирани за тоа што се случува со мене, но имаше една личност која после мојот сопруг ми ја даде најголемата психичка поддршка која никогаш нема да се заборави. Како што викаат постарите “Во лошото се познаваат вистинските пријатели”. И така беше. Од денот кога дознав за болеста до ден денес можам да се ослонам на поединци. Благодарение на неколку луѓе го прифатив животниот предизвик на 24 години и легнав во таа студена сала, со страв но и со замисла за подобра иднина. Морав, морав да се изборам со тоа. Морав тоа  ”чудо” да го отстранам од мене, од моето тело, од моите мисли и едноставно од мојот живот. Имав верба дека ќе го победам и не сакав да ги разочарам луѓето кои веруваа во мене и кои секојдневно ме охрабруваа. Самата си ветив дека ќе живеам. Го сакам животот и мора да се борам. Благодарна сум на Бог секој ден затоа што ме научи дека животот има обврски, тежина и убавина. Дека оние депресивни денови кои ги има секој од нас се нула во споредба со тоа што може да ти приреди животот.

Сега стојам и ќе стојам исправено, подготвена да се борам со секој нов предизвик со надеж дека сетоа тоа остана во минатото. Живејте го животот, живејте го секој ден како да е последен, но никогаш не губете верба, верувајте во животот и борете се со предизвиците цврсто и исправено!

К.М.В