И повторно е убава пролет, разиграна, разеленета. Ја сакам пролетта, таа е моето омилено годишно време. За жал првиот пролетен ден од 2016 година, животот ми се сврте наопаку. Тој ден дознав дека ја имам најопаката болест. Колку само се чувствував беспомошно. Ме обземаше силна болка и страв. Се обвинував себеси. Зошто? Зошто не одев на редновни прегледи? Илјадници мисли ми поминаа низ главата, а една од нив беше дали воопшто ќе ја дочекам следната пролет.

Морав да соберам храброст и престанав да се сожалувам. Знаев дека ме чекаат тешки моменти. Битката започна со мојот „непријател“. Најтежок момент беше кога еден ден се видов во огледалото, а јас бев без коса. Се погледав и си реков „Убава жена си е убава жена и без коса“.

Мојот живот се уште изгледаше исто. Излегував се дружев, се смеев, се однесував како да не ми е ништо. Едноставно знаев дека се ќе помине. Некаков внатрешен глас ми кажуваше да се борам и да издржам. Станав борец. Борец кој се бори со „непријателот“. И имав за што да се борам. Многу ми помогнаа насмевките на моите родители, најсилните карпи од кои мојот „непријател“ се плашеше најмногу.

Го засакав мојот „непријател“ затоа што тој ми ги отвори очите, ми ги покажа луѓето кои вредат и кои секогаш ќе бидат тука со мене, а ги избрка оние кои не го заслужиле тоа место. Луѓето на кои им верував ме напуштија, додека луѓето што не ги познавав стануваа моја најголема поддршка. Се борев и издржав. Ги издржав напорните хемотерапии и тешката операција која траеше со часови. Јас издржав баш се. Издржав затоа што ја имам мојата принцеза, мојата радост, мојата гордост. Се борев заради неа.

Станав поинаков човек. Му се радувам на секој нов ден. Сега животот, сонцето, луѓето, ги гледам поинаку. Оние кои ме сожалувале и оние кои никогаш не дозволиле да ми помине низ главата ниту една лоша мисла. И повторно е пролет, убава, прекрасна. Го живеам мојот сон похрабра и посилна од кога и да е. Позитивноста, храброста, љубовта и вербата дека се ќе помине ми помогнаа. Бидете пооодговорни за своето здравје. Посетувајте го почесто вашиот гинеколог затоа што подобро е да се спречи, отколку да се лечи.

Маринела Тасевска – Скопје.