Вака започнува мојата а може и да се нарече нашата приказна… Останав без мојот татко на 25 годишна возраст и од тогаш мислам дека се тргна надолу. Бев недипломиран студент кој имаше уште многу малку до крајот. За мајка ми можам само едно да кажам, а тоа е дека беше жена која во било која ситуација и проблем цврсто стоеше зад мене. Во овие тешки моменти полни со болка поради загубата го  добивме најголемиот удар од брат ми т.е од нејзиниот син. Решен дека мора имотот да се дели додека немаше ни 4о дена од смртта на татко ми, реши да не малтретира психички и физички. После шест месеци поради тој неподнослив притисок јас и мајка ми заминавме од дома и почнавме да живееме под кирија. Стресен период од една година и четири месеци по судските лавиринти, конечно си го зедов мојот дел и си го вратив покривот над глава мислејки дека ова е крајот на моите нервози. Јас и мајка ми почнавме да водиме еден убав смирен живот без стресови.

По природа сум многу борбена и единствено нешто што може да ме извади од кожа е неправда. Кога мислев дека животот ми тече во една убава насока добив отказ. Токму неправдата и изнесувајќи го мојот став за истата придонесе да бидам отпуштена од работа поради тоа што не можев да замижам ниту да премолчам деградирање и злоупотреба на вложениот труд. За среќа мајка ми земаше пензија која ни помогна да го пребродиме овој тежок период. Во целиот тој хаос на барање на нова работа, бог ми подари човек за кој сеуште не знаев дека дека ќе биде мојата најголема утеха и поддршка.

Наеднаш, како гром од ведро небо се појави знак дека со мајка ми нешто не е во ред. Докторот не препрати во Скопје на преглед. Во тој момент моите роднини се повлекоа а пријателите си го покажаа вистинското лице. Нејзината дијагноза ми беше кажана само на мене, мајка ми само знаеше дека се работи за карцином но не знаеше дека е во напреден стадиум. Таа ја примети тагата и болката во моите очи и тивко ми изговори: “Нема да те оставам сама, но мораш прво да го средиш твојот живот, а јас сакам да држам внуче во моите раце”. После започна еден навистина тежок период. Хемотерапија радитерапија.. Придонесоа да бидеме разделени месец ипол. Се гледавме само за викенди кога ја земав од Скопје. Кога доаѓаше морав да бидам цврста, се смеевме, разговаравме, се шетавме… Најдов и работа.  Во тој макотрпен период моја најголема поддршка ми беше моето тогашно момче, сегашен сопруг.

Почнаа полека да се местат коцките. Мајка ми добро ја поднесуваше терапијата. После три месеци резултатите беа зачудувачки добри. Сите контроли покажуваа дека полека но сигурно болеста исчезнува. Тоа што мајка ми го посака на почекот на оваа битка и се оствари. Таа денес го држи своето три месечно внуче. Тоа што таа ми вети дека нема да ме напушти го исполни со верба во Бог, поддршка од мене и од неколку пријатели како и од страна на докторката која беше исклучително професионална. Успеавме заедно да ја победиме оваа битка. Затоа не се откажувајте! Колку и да е тешко на сите борци кои се борат со карцином не заборавајте дека ние најблиските сме тука, со нашата поддршка да се се избориме во вас. Животот носи непредвидливи ситуации но најважно е секогаш да гледате на светлата страна и позитивно на работите. Бог е голем.

Б.К