посветено на оние со кои делиме иста борба, посебно на дечињата

Драги мои, не сме си пишувале еден подолг период, но во меѓувреме ми се случи еден цел живот. За жал, болеста ми се врати, а за среќа си славам сега уште еден роденден, нова трансплантација, нов живот хихихи До овој момент сум добро, фала му на Бога, но во моментов не би зборувала само за себе. Би зборувала за сите нас. Како изгледа врската помеѓу нас, борци за едно ново утро, помеѓу нас, кои преживеале многу сончеви утра, помеѓу нас, кои се молат за чудо, помеѓу нас, кои се поклонуваат пред своите родители, својата фамилија и најблиски. 

Да ви кажам искрено, во целата голгота со болеста, доживеав и прекрасни работи. Запознав прекрасни луѓе, како што би рекол мојот другар од Белград, „Јана, ова се пријателства од војска“. Повозрасните генерации ќе разберат какви се тие пријателства. Ние сите заедно сме во една борба, се бориме со сите сили и сите средства против непријателот, ги делиме истите стравови, истите надежи, сè со цел нови насмевки. Но, се случува непријателот да биде премногу агресивен, да не наседне и некој од нас да нагази на мина. Во тој момент имам милиони прашања, зошто, како, кога… стратегијата беше добра, но… очигледно некои прашања ќе останат без вистинскиот одговор. И си зборувам самата со себе „Јана, дали си свесна дека Бог ти дава втора шанса, свесна ли си дека некои од твоите соборци не ја имаа истата среќа?“ Денес сум свесна, да! Свесна сум дека ништо во овој живот не е случајно. Или можеби сакам да верувам во тоа. Откако се вратив во мојот Охрид првиот пат, полека се вратив на едно старо темпо на живот, без ништо да променам. Мислев целиот свет е мој,но пиев сеуште терапија, знаев да се форсирам и во работата и да сум преморена. И повторно истата грешка, не слушав, не слушав што ми зборува организмот. После година и пол, со огромна самодоверба одам на редовна контрола, скенер, и оппп… покажува нешто во главата. Дома не кажувам додека не стигне официјалниот резултат, но разговорите се во тек со моите најблиски, што би рекол Алек „воени ветерани“. Многу ми беше тешко, психолошки многу потешко од првиот пат, ми се сруши целиот свет и сите планови,  но со помош на љубовта и поддршката од моите драги луѓе, од мојот Охрид и мојата Македонија, и мојот фантастичен психолог, излегов од својата блага депресија. 

Почнав повеќе да верувам во Бог. Мојата Проф Басара, мојата кралица, ми кажа „Јана, ќе победиме и овој пат, но верувајте и во Бога“. Мислам дека некоја сила, некоја божја енергија ми го покажува патот, ја движи мојата интуиција. Така е од самиот почеток.  А сега, замислете, контролата бр 4, кога докторот по нуклеарна медицина го констатира рецидивот, требаше да биде во април, но јас сакав да одам на концерт во Киел, па имаше можност порано да се скенирам, во февруари, два месеци порано. После четири циклуси хемотерапија, Проф. Ми кажува дека ќе имам радиотерапија и денот на трансплантација ќе биде 28 август, Голема Богородичка. Многу се вознемирив, почнав да плачам. И да, верувам дека Бог ми даде втора шанса со некоја причина. Се преиспитувам себе си, што е тоа што треба да го променам во својот живот, што е тоа што треба да го направам. Ќе го најдам одговорот, самиот живот ќе ми го покаже. 

Драги мои, за крај, сакам да оставам порака до сите болни дечиња. Мили мои, посакувам оваа сила што ме движи мене и вас да ви го покаже вистинскиот пат. Ви посакувам многу љубов, зошто верувајте ми дека љубовта значи здравје. Ви посакувам насмевки, зошто во насмевката се крие вистинската борба. Еден ден, вие ќе израснете во големи луѓе, големи во душата и срцето, ќе ширите љубов, ќе ги сакате и почитувате луѓето околу вас, нема да осудувате зошто секој носи товар на една поинаква судбина. Јас знам дека нема објаснување на прашањето зошто… зошто јас? Зошто во овие години? Зошто сега кога треба да бидам во школо, да прославувам со моите другарчиња, да играм фудбал, да учам па макар ги немам сите петки, да фатам дечко/девојка и да ги почувствувам пеперутките, најпрекрасното чувство на светот… Дечиња мои, Бог Ви дал шанса за борба, искористете ја до максимум за да можете после тоа да ја исцрпите целата животна радост во овој свет. Бидете паметни, запознавајте го светот во рамките на можностите, не дозволувајте никој да ви каже дека љубовта не е важна и почитувајте ги вашите родители. Никогаш не смеете да ја заборавите нивната борба, таа е идентична, не… таа е многу поголема од вашата, од нашата. И во овој момент, длабоко се поклонувам на секој родител кој има болно детенце и на секој родител кој изгубил детенце во оваа борба без правила, наречена ЖИВОТ! Одиме, храбро… 

Со љубов од една од нашите “борки” – Јана Арсовска