Денес, хммм денес е дождлив ден, инспиративен додека лежам покрај балконската врата и го служам дождот, секоја капка, секое шепотење на ветрот… ги затворам очите, пуштам музика и размислувам. Обично прелетувам на некоја нова дестинација, но оваа вечер не. Оваа вечер си размислувам за работи, навидум едноставни, но во минатото имам впечаток дека не знаев да ги доживувам на овој начин. Некогаш имаше денови кога многу се лутев на дождот, зошто беше тмурно и зошто на пат за работа некој автомобил знаеше така добро да ме поплави поминувајќи покрај мене хахаха Некогаш имаше денови кога се лутев на сонцето ако пече едно плус 35 степени зошто се препотував додека ги водев моите туристи и бев постојано жедна, а не дај Боже настанот да се одвиваше на одреден археолошки локалитет, па како да сум била на море хахахах Некогаш поминував покрај моето езеро и како да не поминував покрај нешто толку прекрасно, понекогаш разиграно и во различни нијанси на сино и зелено . Некогаш гледав во прекрасна природа, но не знаев како да ја чувствувам, како да и се радувам. А љубовта? Секогаш сум имала толку многу љубов во срцето, што мислам дека ако ја испуштам целата, може да биде доволна за сите нации, за секоја една цивилизација во светов по малку. Може човек да живее од љубовта. Тоа го научив додека го гледав и проучував светот од болничкиот прозорец. Човек може да биде среќен само ако знае да сака, искрено да сака. Така јас научив да го сакам дождот, зошто додека го слушав на прозорот, ме успиваше слатко и ме научи како да се исплачам за да ми ја исчисти душата и да ми олесни. Научив да го сакам и сонцето кога пече, зошто безброј пати копнеев да ме погали, макар и преку прозорот. Низ прозорецот се одвиваше еден цел живот, луѓе одат на работа, купуваат намирници во маркетот наспроти болницата, ги шеткаат своите кучиња, искажуваат нежности на клупите пред болницата, плачат за свој близок. А јас, јас верував дека наскоро ќе излезам и ќе го вдишам тој живот прекрасен, и нема да го гледам низ прозорот, туку ќе го живеам буквално. Така научив за мојот Охрид, за мојот дом и за моето езеро. Научив да ги сакам повеќе, многу повеќе. Имаше моменти кога ќе ги затворев очите и го слушав моето езеро, ги слушав брановите, ги гледав луѓето како пијат кафе покрај него, бродовите како пловат по неговата површина, децата како се радуваат. Со затворени очи се шетав по калдрмата во стариот град, се молев во црквите, ги разгледував бисерите, а од Канео погледнував према Галичица и ги ширев двете раце за да можам да ја прегрнам таа убавина, да не ми избега, да не ја снема кога ќе ги отворам очите.

Болеста ме научи да сакам уште повеќе. Има причина зошто сум јас таа, избрана со сите останати, да го пренесам искуството. Има причина зошто и болеста ми се врати повторно и зошто и денес се борам со одредени нус појави. Повеќе не оставам неискажани зборови, не ги стегам чувствата во мене. Позитивна сум, среќна, па плачам, па сум осамена, тажна, уплашена, нервозна, па повторно среќна… но жива. Сите овие чувства ги чувствувам, значи сум жива. И не е важно дали има уште 0.2,5,10,50 или 90 проценти лоши клетки, важно во овој момент сум жива, утрово ги отворив очите, му благодарам на Бога.

Ќе бидам искрена, многу често со моите херои ги дискутираме „бубачките во главата“, односно стравот. Од мојот психолог научив дека стравот до одреден степен и треба да го има, за да бидам претпазлива после трансплантацијата. Но, доколку стравот го превземе кормилото на мојот живот, во тој случај имаме голем проблем. Сум имала проблем, нема да Ве лажам, во форма на благи панични напади што самиот организам не може да ги контролира. И се плашев многу, се плашев од смртта. И најпозитивниот човек на оваа планета, доколку биде дијагностициран, сигурно ќе го помине патот на страв од таа непозната појава. Јас повеќе не се плашам. Влегов во четврта година на борба и повеќе не ме плаши тој поим. Ме плашат други работи. Ме плашат солзите на мајка ми и брат ми, на мојата фамилија, на моите најблиски луѓенца. Кога ќе помислам на тоа, ми се насолзуваат очите и нешто ме стега во желудникот. Ме плаши радоста на мојот Барт, да не згасне од тага ако мене ме нема. А колку само ми се радува и ми прави здраво со своите шепички за да го љубам. Ме плашат сите убави работи што се случуваат во животите на моите пријатели, да не ги пропуштам. Ме плаши љубовта, зошто сакам секогаш да ја чувствувам. Ме плаши природата, да не не можам да бидам среќна на нејзината убавина и нејзините плодови, да јадам највкусно јаболче или охридска цреша хахах Ме плашат патувањата, да не можам да го откријам светот, па да бидам мајка, да љубам, да земам уште едно другарче за Бартче мој, да истражувам, да работам… ете од тоа се плашам. И затоа се борам, па паѓам во депресија понекогаш и таа ме влече, но јас пак станувам! Станувам најпрво поради солзите на мојата фамилија. Мојата фамилија е мојата душа. Душа, која на моменти се бори и повеќе од мене самата. Душа која пати и се плаши повеќе од мене самата. Душа, без која јас денес, можеби немаше да бидам жива.

Затоа, мои драги луѓенца, би Ви рекла да не чекате премногу за да го засакате дождот или сонцето, или вашата комшивка која Ве нервира… ако, насмевнете се и поздравите ја љубезно. На пат за работа нахранете некое животинче, прегрнете ги своите најблиски и кажете му на својот сакан или сакана дека го/ја сакате најмногу на овој свет, без да си поставите прашање од типот „ааа зошто тој/таа не ми се јави прв“ хахаха како тоа да е најважно. Ако пак денот Ви е ептен катастрофа, пуштете си гласна музика, како мене, и одлетајте некаде во некој замислен свет додека се исфилтрира негативната енергија од вас. И сакајте, за да бидете среќни и за да имате пријатели. Зошто фамилијата и искрената љубов и пријателство се многу поважни од секоја паричка во банка. Зошто ова е живот и зошто еден ден, ако не дај Боже, се случи било кој од нас или од вас да копнее по животот преку болничкиот прозорец, тогаш само љубовта чиста и искрена може да ни даде сила до светлината на тунелот!

Ви посакувам убава вечер! Господе, чувај не сите!

Ваша,
Јана