Ларингеалниот карцином претставува рак на гркланот т.е. ларинксот или гласните жици.

Опис

Ракот на гркланот се развива бавно. Околу 95% од овие видови на рак се развиваат од тенки, рамни клетки наречени сквамозни епителни клетки. Овие клетки го обложуваат гркланот. Постепено, сквамозните епителни клетки почнуваат да се менуваат и се заменуваат со абнормални клетки. Овие абнормални клетки не се канцерни, но се пред-малигни клетки кои имаат потенцијал да се развијат во рак. Оваа состојба се нарекува дисплазија. Кај повеќето луѓе со дисплазија никогаш не се развива рак. Состојбата едноставно поминува без никаков третман, особено доколку лицето со дисплазија престане да пуши или пие алкохол.

Видовите на рак кои се развиваат на гласните жици често се дијагностицираат многу рано, бидејќи дури и мали тумори на гласните жици предизвикуваат зарипнатост. Покрај тоа, гласните жици немаат врска со лимфниот систем. Ова значи дека ракот на гласните жици не се шири лесно. Кога е ограничен само на гласните жици без каква било поврзаност со други делови на гркланот, стапката на лечење на овој вид рак е 75% до 95%.

Супраглотисот е областа над гласните жици. Таа го содржи епиглотисот, кој го штити дишникот од туѓи тела. Видовите на рак кои се развиваат во овој регион обично не се дијагностицираат толку рано како ракот на гласните жици, бидејќи симптомите се помалку специфични. Супраглотисот има многу врски со лимфниот систем, па ракот во овој регион има тенденција многу лесно да се прошири на лимфните јазли, а оттаму и на други делови на телото.

Кај 25% до 50% од луѓето со рак во областа на супраглотисот ракот веќе е раширен кон

лимфните јазли во моментот на дијагностицирање. Поради ова, стапките на преживување кај овие видови рак се пониски отколку кај видовите рак кои го зафаќаат само глотисот односно само гласните жици.

Субглотисот е областа под гласните жици. Ракот кој потекнува т.е. започнува во регионот на субглотисот е многу редок. Сепак, во случај да се јави, обично се открива само откако ќе се прошири на гласните жици, каде што предизвикува очигледни симптоми, како на пример зарипнатост. Бидејќи ракот веќе почнал да се шири во моментот кога е откриен, стапките на преживување се генерално пониски отколку за видовите на рак во други делови на гркланот.

Демографија

Секоја година во Соединетите Американски Држави се развиваат т.е. дијагностицираат околу 12.000 нови случаи на рак на гркланот. Истовремено, во просек 3.900 луѓе умираат од оваа болест на годишно ниво. Ларингеалниот карцином е околу четири до пет пати позастапен кај мажите отколку кај жените.

Речиси сите мажи кај кои се развил ларингеален карцином се постари од 55 години. Се смета дека главните фактори што оваа болест почесто се развива кај постарите мажи отколку кај жените се животните навики т.е. пороци како пушењето и користењето алкохол. Мажите пушат и пијат повеќе од жените. Меѓутоа, како пушењето станува се поприсутно кај жените, се чини дека треба да се очекуваат повеќе случаи на ларингеален карцином и кај жените.

Во Македонија инциденцата односно бројот на новозаболени од карцином на ларинкс за двата пола изнесува 198 случаи на 100 000 население, додека бројот на смртните случаи изнесува 109 случаи на 100 000 население (GLOBOCAN 2008 fast stats).

Причини и симптоми

Ларингеален карцином се развива кога нормалните клетки кои го обвиткуваат гркланот се заменуваат со абнормални клетки (дисплазија) кои стануваат малигни и се репродуцираат со што формираат тумори. Развојот на дисплазија е тесно поврзан со животните навики како пушење и прекумерна употреба на алкохол.

Колку повеќе човек пуши, толку поголем е ризикот за развој на ларингеален карцином. Многу невообичаено е кај некој кој не пуши или пие да се развие рак на гркланот.

Сепак, понекогаш и кај луѓето кои вдишуваат азбестни честички, честички т.е. прав од дрво, бои или некои индустриски гасови во тек на подолг временски период може да се развие болеста.

Симптомите на ларингеалниот карцином зависат од локацијата на туморот. Туморите на гласните жици ретко предизвикуваат болка, но затоа предизвикуваат зарипнатост. Секој кој континуирано има зарипнат глас повеќе од две недели или пак има кашлица која не поминува треба да се провери кај лекар.

Туморите во областа над гласните жици – супраглотисот често предизвикуваат повеќе различни, но помалку специфични симптоми. Во нив спаѓаат:

  • постојана болки во грлото
  • болка при голтање
  • отежнато голтање или често загушување со храна
  • лош здив
  • грутки во вратот
  • постојана болка во увото (која често се нарекува проектирана болка; извор на болката не е увото)
  • промена во квалитетот на гласот

Туморите кои започнуваат под гласните жици се ретки, но може да предизвикаат бучно или отежнато дишење. Сите горенаведени симптоми може да бидат предизвикани како и од други видови на рак така и од помалку сериозни болести. Меѓутоа, доколку овие симптоми продолжат т.е. траат подолг временски период, многу важно е да се оди на лекар и да се најде нивната причина, бидејќи колку порано започне лекувањето на ракот, толку поверојатно е дека ќе биде успешно.

Дијагноза

При првата посета на лекар во врска со симптомите кои укажуваат на ларингеален карцином, лекарот прво ја прегледува комплетната медицинска историја, вклучувајќи ја и семејната историја на рак, а ги зема во предвид и информациите во врска со начинот на живот на пациентот во врска со пушењето и употребата на алкохол. Докторот исто така прави физички преглед, обрнувајќи посебно внимание на регионот на вратот, барајќи грутки, преголема осетливост или оток.

Следниот чекор е испитување од страна на оториноларинголог односно специјалист за уво, нос и грло. Овој лекар исто така врши физички преглед, но дополнително ќе сака да погледне и во внатрешноста на грлото т.е. да го види гркланот.

Малку посеопфатен преглед вклучува и процедура наречена ларингоскопија. При ларингоскопијата (оптичка или видео ларингоскопија), фибер-оптичка цевка (која служи за обезбедување светлина) на која е прикачена минијатурна камера – наречена ларингоскоп се вметнува низ носот или устата на пациентот и се провлекува надолу во грлото, така што лекарот ќе може да го види гркланот и областа околу него. Снимките добиени со оптичкиот ларингоскоп може да му послужат т.е. помогнат на докторот да земе биопсии (примероци од ткиво) од области кои изгледаат абнормално.

 

Врз основа на наодите на патологот, може да се дијагностицира и одреди стадиумот т.е. фазата на развој на ракот. Откако ракот ќе се дијагностицира, најверојатно ќе бидат потребни други тестови со цел да се утврди точната големина и локацијата на туморите. Оваа информација е корисна за одредување кои третмани би биле најсоодветни. Овие тестови вклучуваат:

  • Ендоскопија. Процедура слична на ларингоскопијата, се прави кога се претпоставува дека ракот најверојатно се проширил и во други области, како што е хранопроводот  или дишникот.
  • Компјутерска томографија. Оваа процедура помага да се лоцираат и да се одреди големината на туморите и обезбедува информации за тоа дали тие можат да бидат хируршки отстранети.
  • Магнетна резонанца. Деталните информации кои ги обезбедува оваа процедура се неопходни доколку се планира операција во областа на гркланот.
  • Бариумова каша. Проголтаниот бариум го обложува грлото и овозможува да се направат рентгенски снимки на ткивата кои го обложуваат грлото.
  • Рентгенска снимка на градите. Оваа процедура се врши со цел да се утврди дали ракот се проширил на белите дробови. Бидејќи повеќето луѓе со ларингеален карцином се пушачи, ризикот исто така да имаат и рак на белите дробови или емфизем е висока.
  • Биопсија со тенка игла. Доколку се пронајдат грутки на вратот, се вметнува тенка игла во грутката и се вадат неколку клетки за анализа од страна на патолог.
  • Дополнителни тестови на крв и урина. Овие тестови не дијагностицираат рак, но помагаат да се утврди општата здравствена состојба на пациентот и да се обезбедат информации кои третмани за рак би биле најсоодветни.

 

Стадиуми

Кај ракот на гркланот одредувањето на раните фази зависат од тоа каде ракот започнал.

 

Стадиум I. Ракот се наоѓа само во областа каде што и започнал, се нема проширено во лимфните јазли во близина или пак некои други делови на телото:

  • Супраглотис: ракот е само во една област на супраглотисот и гласните жици можат да се движат нормално
  • Глотис: ракот е присутен само во гласните жици и гласните жици можат да се движат нормално
  • Субглотис: ракот се нема проширено надвор од субглотисот

 

Стадиум II. Ракот е само во гркланот и се нема проширено во лимфните јазли во близина или во некои други делови на телото:

  • Супраглотис: ракот е во повеќе од една област на супраглотисот, но гласните жици можат да се движат нормално
  • Глотис: ракот се има проширено во супраглотисот или во субглотисот, или пак во двете области. Гласните жици може или не може да се движат нормално
  • Субглотис: ракот се има проширено на гласните жици, кои можат или не можат да се движат нормално

 

Стадиум III

  • ракот се нема проширено надвор од гркланот, но гласните жици не можат да се движат нормално или ракот се има проширено и на ткивата соседни на гркланот
  • ракот се проширил и на еден лимфен јазол на истата страна на вратот на која се наоѓа ракот и големината на лимфниот јазол е околу 3 сантиметри

 

Стадиум IV

  • ракот е проширен и на ткивата околу гркланот, како што е грлото или ткивата на вратот. Лимфните јазли во областа може да се зафатени од ракот или не
  • ракот се проширил на повеќе од еден лимфен јазол на истата страна на вратот, на лимфни јазли од едната или двете страни на вратот или пак на било кој лимфен јазол кој во големина е повеќе од 6 сантиметри
  • ракот е проширен на други делови од телото

 

Повторувачки т.е. рекурентен рак. Рекурентна болест значи дека ракот се вратил (повторно се појавил) откако бил успешно излечен. Може повторно да се појави во гркланот или во друг дел на телото.

 

Tретман

 

Третманот се базира на фазата во која се наоѓа ракот како и неговата локација, и од здравјето на поединецот.

 

Хирургија

 

Ракот кој се наоѓа во стадиум III или IV обично се третира со целосна ларингектомија. Ова претставува операција за отстранување на целиот грклан. Со целосната ларингектомија се отстрануваат и гласните жици. Поради тоа мора да се научат алтернативни методи на говорна комуникација со помош на логопед.

Помалите тумори понекогаш се третираат со делумна ларингектомија. Целта е да се отстрани ракот, но се спаси што е можно повеќе од гркланот (и способноста за говор). Многу мали тумори на ова место понекогаш успешно се третираат со ласерска хирургија (ласерско засекување т.е. отстранување на туморот). Ракот во напредни стадиуми (стадиум III и IV) што се има проширено во лимфните јазли често бара операција наречена дисекција на вратот. Целта на дисекцијата на вратот е да се отстранат лимфните јазли и да се спречи ширењето на ракот. Радикална дисекција на вратот е операција при која се отстранува најголем дел од ткивото.

 

Зрачење

 

Предноста на радиотерапијата е во тоа што го зачувува гркланот и способноста за говор. Недостатокот е тоа што може да се случи да не ги убие сите клетките на ракот. Радиотерапија може да се користи само во рана фаза на ракот или во комбинација со операција. Понекогаш радиотерапијата се користи како првичен план т.е. обид, при што доколку не успее сеуште останува опцијата за хируршка процедура. Често, радиотерапијата се користи по операција на напредни форми на ракот, со цел да ги убие клетките кои хирургот можеби не ги отстранил.

Несаканите ефекти на терапијата со зрачење вклучуваат сува уста, болки во грлото, зарипнатост, проблеми со кожата, проблеми со голтањето и намален осет за вкус.

 

Хемотерапија

 

Оваа постапка се користи главно за лекување на напреден ларингеален карцином, кој не може да се оперира или има метастазирано во многу напредна фаза. Хемотерапијата често се користи по операција или во комбинација со радиотерапија. Во тек се клинички испитувања со цел да се утврди најдобрата комбинација за третман на рак во напредна фаза.

Двата најчести хемотераписки лекови кои се користат за лекување на ларингеален карцином се цисплатин и флуороурацил (5-FU). Постојат многу несакани ефекти поврзани со цитостатиците, вклучувајќи гадење и повраќање, губење на апетитот (анорексија), губење на косата (алопеција), дијареа и рани на устата. Хемотерапијата исто така може да ги оштети клетките на коскена срцевина кои ја создаваат крвта, што може да резултира со слаба крвна слика т.е. намален број на крвни клетки, зголемена можност од инфекции и абнормално крварење или модринки.

 

Прогноза

 

Колку порано ларингеалниот карцином ќе се открие и ќе се третира толку поголема е веројатноста дека ќе се излечи. Ракот кој ќе се пронајде во стадиум 0 и стадиум I има стапка на успешност во лечењето од 75% до 95% , во зависност од случајот. Ракот во понапредните фази кој веќе има метастазирано има многу ниска стапка на преживување, додека стапките за ракот кој се наоѓа во средна фаза се некаде на средина.

Кај луѓето кои веќе имале ларингеален карцином постои најголем ризик тој да се врати (ракот да се повтори), особено во главата и вратот, во текот на првите 2-3 години после третманот. Токму затоа во текот на првата година после операцијата неопходни се прегледи на секој втор месец (6 пати во годината), а четири пати годишно во текот на втората година. Многу ретко се случува ларингеалниот карцином да се повтори после пет години без рак.

 

Превенција

 

Досега се покажало дека најефикасен метод да се спречи ларингеалниот карцином е да не се пуши. Пушачите кои се откажале од пушењето исто така значително го намалуваат ризикот кај нив да се развие болеста.

Други начини да се спречи ларингеалниот карцином се: ограничување на употребата на алкохол, јадење на добро избалансирана храна, барање на третман во случај на подолготрајна појава на пирозис (враќање на желудочните сокови кон грлото) и избегнување на вдишување азбестни честички и хемиски пареи.