Колоректалниот карцином или рак на дебелото црево  иако е класифицирано како заболување на постарата возрасна група, во последниве децении се актуелизира  појавата на овој вид заболување и кај помлади пациенти кои се на возраст до 40 години, и тоа најчесто помеѓу 20 и 40 годишна возраст. Се смета дека надворешните фактори имаат мошне важна улога во појавата на овој малигном. Клиничките студии извршени на мигрантите покажуваат дека инциденцата  на колоректалниот карцином  во мигрантската популација се менува, здобивајќи ја вредноста која ја има популацијата во регионот  во кој мигрантите се доселиле, без оглед на тоа дали инциденцата е повисока или пониска од подрачјето од кое потекнуваат. Енормно е и влијанието на факторите на средината, пред се,  влијанието на диеталните навики Како ризик фактори се посочуваат и генетските предиспозиции, алкохолизмот, инфламаторните заболувања на дебелото црево, радијацијата на карличната регија и др.

Просечниот ризик за заболување од колоректален карцином кај секоја индивидуа во текот на животот изнесува околу 7%. Ризикот е поголем кај постарата популација, така што 90% од сите луѓе со дијагностициран колоректален карцином се над 50-годишна возраст. Просечната возраст на која е дијагностицирана оваа форма рак е 64 години. Се смета дека полот и расната, односно етничката, припадност немаат големо влијание врз ризикот за појава на колоректален карцином. Особено е висок ризикот за појава на оваа болест кај лицата со наследена предиспозција за заболување од колоректален карцином. Кај овие лица обично постои фамилијарна историја на болеста.

Инциденцата на појава на колоректалниот карцином во земјите од ЕУ изнесува 58 нови случаи годишно на 100.000 жители, а морталитетот е 30 на 100.000 жители годишно. Годишно од оваа болест умираат околу 655.000 луѓе во светот.

Според податоците на СЗО, колоректалниот карцином е трета причина за смрт од рак кај мажите и четврта кај жените, одговорен за 10 % од причините за смрт од рак во развиените земји.

Според податоците од РЗЗ на РМ за 2002 година, колоректалниот карцином е одговорен за 12% од сите форми на карцином во нашава држава и се јавува со инциденца од 25,7 случаи на 100.000 жители годишно.

Во текот на 2010 година во Р.Македонија е изработен Консензус за превенција, дијагноза,терапија и следење на пациентите со колоректален карцином за подобрување на информираноста на граѓаните за овој тип на карцином.

Сепак, резултатите од истражувањата покажуваат ниско ниво на информираност за колоректалниот карцином. Информираноста и едукацијата на граѓаните мора да расте, како едно од најважните прашања во борбата против ова многу тешко заболување Македонските граѓани имаат негативен пристап и страв од ракот како болест генерално, и тоа е една од основните причини за недостаток на информации за сите типови на рак.

На 03 Февруари 2011 год. на седницата на Европскиот Парламент во Брисел, усвоени се најновите протоколи за дијагностика и скрининг методи на колоректалниот карцином. Во прилог Ви го посочуваме линкот каде што можете да ги прочитате горенаведените најнови протоколи:

Протоколи за дијагностика и скрининг методи на колоректалниот карцином