Лимфомот е рак на лимфниот систем (кој е дел од имуниот систем), од кој може да заболи секој човек на било која возраст и пол. Лимфниот  систем е дел од имунолошкиот систем и преку него белите крвни клетки (лимфоцитите) се разнесуваат по целото тело. Постојат  2 главни типа на лимфом  Хочкин лимфом и Не-хочкин лимфом (НХЛ).

Во светот има околу 1.000.000 луѓе кои боледуваат од лимфом. Секоја година се дијагностицираат околу 360.000 нови пациенти со лимфом.  Лимфомот е најчесто малигно заболување на крвта и трето најчесто малигно заболување кај децата.

Кои се симптомите на лимфомот?

Првите симптоми на лимфом се неспецифични и го отежнуваат поставувањето на дијагнозата. Некои симптоми на лимфомот не се лесно препознатливи и погрешно се сфаќаат како симптоми на други почести заболувања или инфекции (грип, ангина и други вирусни или бактериски инфекции). Поради тоа за лимфомот се вели дека е “скриен“ или “тивок“ рак.

Најчести симптоми на лимфомот се:

  • Зголемени, безболни лимфни јазли на вратот, пазувите или во препоните.
  • Необјасниво губење на телесна тежина.
  • Покачена телесна температура.
  • Обилно ноќно потење.
  • Кашлица, отежнато дишење или болка во градите.
  • Слабост и изнемоштеност кои се постојано присутни .
  • Болка, отеченост или чувство на исполнетост на стомакот.
  • Постојан јадеж на телото.

Како се дијагностицира лимфомот?

Многу често пациентите немаат  симптоми кога се дијагностицира лимфомот. Во повеќето случаи матичниот лекар не е во состојба да ја потврди дијагнозата. Затоа сите пациенти за кои се претпоставува дека се заболени од лимфом треба да се упатат до соодветна здравствена установа за да се потврди или исклучи постоењето на ова заболување.  Дијагнозата вообичаено се поставува со правење на биопсија (земање примерок од ткиво) од зголемената лимфна жлезда. Исто така се користат и други дијагностички процедури(крвна слика, рентген, компјутеризирана томографија, биопсија на коска и др.)

Како се лекува лимфом?

Терапијата на пациентите со лимфом е индивидуална и се избира посебно за секој пациент. Во терапијата постојат различни опции: хемотерапија, терапија со моноклонални антитела, радиотерапија, “watch and wait” (“набљудувај и чекај“), тераписки пристап, трансплантација на коскена срцевина, и други типови терапија кои моментално се во фаза на испитување.

 

References:

www.lymphoma.org

www.lymphomacoalition.org.

GLOBOCAN 2008 (IARC) Section of Cancer Information (7/9/2011)