Хемотерапија –  стандардни  хемотераписки  агенси

Ако хемотерапијата  е  соодветен  третман  за  вашиот стадиум на  НСКБК,  треба  да  знаете  дека  постојат  различни  типови  на  хемотераписки  агенси,  групирани  во  неколку  категории,  како на пример  прва  линија,  втора  линија,  трета  линија  на  третман,  зависно  кога  се  даваат  во  текот  на  вашиот  третман.  Овие  лекови  се  даваат  сами  или  во  комбинација  со  други  стандардни  хемотераписки  агенси.

Најчест  тип  на  хемотерапија  се  агенсите  базирани  на  платина,  како  што  се  карбоплатин  и  цисплатин.  Може  да  се  користат  сами  или  комбинирано.  Најчесто  комбинациите  се  базирани  на  платина,  вклучувајќи  еден  платински  агенс  заедно  со  друг  лек,  како  што  се  таксаните  (доцетаксел  или  паклитаксел), пеметрексед,  гемцитабин  или  винореблин.

Како  се  даваат  стандардните  хемотераписки  агенси

Овие  лекови  најчесто  се  даваат преку инфузија. Медицинската сестра може да ви ги  администрира во  болница, или во  дневна  болница. Најчесто  нема  потреба  да  останете  преку  ноќта во  болницата  за  третман. Колку често  треба  да  примате  третман  зависи  од  комбинацијата  на  лекови  која ви се администрира. Колку  добро реагирате  на  третманот  може  исто  така  да  влијае  на  должината  на  третманот. Хемотерапијата  се  дава  во  циклуси,  кои  вклучуваат  период  на  третман  и  период  на  пауза. На  пример, може  да  примате  хемотерапија  еднаш  неделно,  во период  од  три  или четири  недели,  а  потоа  да  следи  период  од  една  недела  без  овие  лекови. Со  ова,  се  овозможува  вашето тело  да  се  одмори  од  силните  дејства  на  хемотерапијата.

Таргетирана (целна) терапија

Таргетираната терапија  секогаш  е  насочена  кон  некој специфичен  механизам  на  дејство,  кој  влијае  на  способноста  на  канцер  клетката  да  расте,  да  се  размножува и  да  комуницира  со  други  клетки; нема големо влијание и последоватлно  на  тоа  има  помалку  несакани ефекти  кај пациентите. Таргетиранат терапија  делува  против  одредена  молекуларна  цел,  како што  е  некој  специфичен  протеин,  рецептор,  ензим,  или  создавање  на  нови  крвни  садови  (нео-ангиогенеза)  кои  се  потребни  за  растот  на  туморот.

Овие  специфични протеини,  кои  се  цел  на  таргетираната  терапија,  учествуваат  во  сигналните  процеси  во  клетката. Со  блокирање  на  сигналите  кои  и  кажуваат  на  канцер  клетката  неконтролирано  да  расте  и  да  се  дели, таргетираната  терапија  може да  го  сопре  растот  и  делбата  на  канцер  клетките. Целната  терапија  во  која  спаѓаат  лековите  наречени  тиозин  киназа –  инхибитори,  делуваат  на  протеинот  киназа,  кој е  поврзан  со клеточниот  дел  на  рецепторот  на  површината  на  клетката. Протеинот  киназа  ја  регулира  ензимската  активност  и  има  важна  улога  во спроведувањето  на  сигналите  од  површината  на  клетката,  т.е. од рецепторот,  до  јадрото  на  клетката.  Хиперактивната  киназа доведува  до  аберантна,  лиганд независна,  нерегулирана  стимулација  на  канцер  клетката.

Тирозин киназа  инхибиторите  се  нова  група  на  лекови  кои  ја  прекинуваат  сигналната патека  условена од протеинот  киназа,  спречувајќи  го  растот  и  делбата  на  канцер  клетката.  Настар и најдолго употребуван лек од оваа група лекови е лекот  ерлотиниб кој  е регистриран  и  кај  нас. Во  организмот,  клетките може да  се  делат  само  ако  добијат  хемиски  сигнал за  тоа. Лекот ерлотиниб,  познат  како ЕГФР – тирозин  киназа  инхибитор (инхибитор  на  рецепторот  за  епидермалниот  фактор  за  раст)  делува  на  тој  начин  што  го  блокира  хемискиот  сигнал  кој  ја  поттикнува  туморската  клетка  да  се  дели. Со  тоа  се  спречува  понатамошното  растење  и  размножување  на  туморот.  Овој  лек  делува  само  на  туморските  клетки,  нема  несакани  дејства  на  здравите  клетки,  добро  се  поднесува  и  затоа  овие  лекови  се  нарекуваат  уште  и паметни  лекови. Лекот  ерлотиниб  е  во  форма  на  таблета,  се  зема  наутро,  една  таблета  пред  или  после  појадок. Освен ерлотиниб постојат и други понови лекови од оваа група, кои исто така се инхибитори на ЕГФР-тирозин киназата (gefitinib, afatinib, osimertinib). Пред почетокот на терапијата со таргет лековите, Вашиот лекар треба да направи испитување, за да открие кој тип на таргет терапија е најсоодветна за Вас. Таквите тестови се нарекуваат анализа на биомаркерски статус, при кои би требало пред отпочнувањето на терапијата да се направи истовремено молекуларно испитување за присуство на ЕГФР, АЛК и PD-L1  мутација. Доколку кај Вас се пронајде АЛК генетската мутација и Вашиот карцином е проширен кон други делови од телото (метастазиран), по проценка на Вашиот лекар може да Ви одреди терапија со лекот alectinib. Лекот alectinib, уште се нарекува и АЛК инхибитор, и тој делува насочено кон абнормалните АЛК протеини, со што ја блокира нивната функција и спречува растење и ширење на туморот. Лекот alectinib покажува значително подобра ефикасност во третман на АЛК позитивен НСКБК, во споредба со компаративната терапија за оваа болест. Таа освен што има подобра ефикасност, делува и на намалување на веќе постоечките метастази и во заштита од појава на нови метастази. Вашиот лекар може да ви препише таргетирана терапија како прва линија на третман или како втора или трета линија доколку туморот не реагирал на  претходната  терапија. Најдобрите резултати се постигнуваат ако целната терапија се даде како прва линија на терапија. Целната  терапија може да го  сопре  процесот кој  овозможува клетката  неконтролирано  да  расте. Научниците  постојано  откриваат  нови  сознанија  за  механизмите  на  делување  на  таргетираната  терапија  врз  канцер  клетките. Таргетираната  терапија  делува  различно  од  стандардната  хемотерапија. Прашајте  го  вашиот  лекар  дали  таргетираната  терапија  е  соодветна  за  вас. Освен alectinib има и други лекови од оваа група: crizotinib, brigatinib. За  несаканите  ефекти  од  таргетираната  терапија,  свртете  на  стр.  16.

Анти – ангиогенезна терапија  со  моноклонални  антитела

На туморот  му  се  потребни  кислород  и  хранливи  материи  за  да  може  да  расте  и  да  се  размножува. Затоа,  туморот  создава  своја  мрежа од  крвни  садови  преку  која  се  храни.  Овој процес  се  вика  неоангиогенеза (патолошка  васкуларизација). Процесот  на неоангиогенеза  е  неопходен  за  туморот  да  може да  порасне  од  една  мала  група  на  канцер  клетки  во  тумор  со  поголеми  димензии.  Овој процес  се  одвива  преку  т.н.  васкуларен  ендотелијален  фактор  за  раст,  ВЕГФ, кој  го  лачат  туморските  клетки. Туморските  крвни  садови  го  ранат  туморот  и  служат  како  патишта  за  ширење  на  туморските  клетки  низ  телото  (метастазирање). Анти-ангиогенезна  терапија  со  моноклонално  антитело (bevacizumab)  делува  на  тој  начин што  го  инхибира  ВЕГФ  да  делува  на  рецепторите  на  крвните  садови, со што доведува  до регресија  на  постоечките  туморски  крвни  садови  и  спречува  да  се  создаваат  нови,  со  што  туморот  не  се  снабдува  со  хранливи  материи. На  тој  начин,  туморот  не  добива  доволно  кислород  и хранливи  материи,  се  намалува  и престанува  да  расте.  Овие  моноклонални  антитела  се  даваат  заедно  со  друга  терапија (пр. хемотерапија) во  прва  линија  на  третман  кај  неситноклеточен  белодробен  карцином.  Кога  хемотерапијата  се  дава  заедно  со анти-ангиогенезна  терапија – bevacizumab,  таа  полесно  стигнува  до  туморот,  а  моноклоналното  антитело – bevacizumab ги уништува  туморските  крвни  садови,  со  што се  постигнуваат   подобри  резултати  во  лекувањето.

Како  се  дава  анти-ангиогенезна  терапија?

Моноклоналните  антитела- bevacizumab претставуваат  виали  кои  содржат концентриран  раствор  на  bevacizumab. Кај  пациентите  се  администрираат  по пат  на  инфузија,  во  вената  на пациентот  (интравенска  инфузија,  И.В.) Првото примање  на  инфузија со  bevacizumab треба  да  трае 90 минути,  а  следните  се  даваат  во  времетраење  од  30 до  60  минути. Во клиничките студии,  како  и  во  лекувањето  на  илјадници  пациенти  во  светот,  комбинацијата  на хемотерапија со анти-ангиогенезна  терапија со  моноклонални  антитела (bevacizumab)  значително повеќе  го  продолжува  преживувањето  на пациентите  во  споредба  со  стандардната  хемотерапија.

Имунотерапија

Имунотерапијата делува против туморот на многу специфичен начин. Покрај класичната хемотерапија, во денешно време се користат современи методи за лекување, кои му помагаат на имунолошкиот систем да се избори со карциномот. Имунотерапијата делува така што ги блокира механизмите на тумор клетките преку кои тие го онеспособуваат имунолошкиот систем во борба против болеста. На тој начин имунолошкиот систем е посилен и може самиот да се бори против болеста. Една од имунотерапиите кои се достапни за третман на белодробен карцином е лекот atezolizumab. Овој лек ги блокира механизмите на тумор клетките кои го онеспособуваат имунолошкиот систем и им овозможува на Т клетките фа ги напаѓаат тумор клетките. Освен овој постојат и други лекови кои спаѓаат во имунотераписки лекови: nivolumab, pembrolizumab. Лекот atezolizumab може да се администрира како прва или втора линија кај НСКБК во напредата фаза или метастазиран.  Лекот атезолизумаб може да се администрира заедно со хемотерапија. или со моноклонално антитело кое ја спречува нео-ангиогенезата . И двете можни комбинации го потпомагаат делувањето на имунотерапијата и придонесуваат за поголем успех во лекувањето. Лекот atezolizumab се администрира преку интравенска инфузија. Првата инфузија се администрира во времетраење од 60 минути и доколку добро ја поднесете, следните инфузии се администрираат во времетраење од 20 минути.

Линкот од “Кој стадиум е Вашиот НСКБ?” тука.

Линкот за “ДА СЕ ЖИВЕЕ СО БЕЛОДРОБЕН КАРЦИНОМ – ДЕЛ 2” тука.

Линкот за “ДА СЕ ЖИВЕЕ СО БЕЛОДРОБЕН КАРЦИНОМ” тука.