Меланомот е рак на кожа која потекнува од клетките на кожата наречени меланоцити. Тоа се клетки кои на вашата кожа и го даваат тенот. Додека се сончате меланоцитите произведуваат црн пигмент –меланин кој има основна улога да ја заштити кожата од ултравиолетови зраци а од друга страна вам ви го овозможува оној прекрасен бакарен тен.

Вистинската причина за појава на меланомот сеуште не е позната. Се смета дека изложувањето на сончевите зраци и на другите извори на ултравиолетово зрачење е најголем фактор на ризик за настанување на кожниот карцином и тоа повременото изложување на сонце. Во последно време  големо значење како причинител се дава на наследната компонента . Така меланомот е почест  кај лица со светол тен, сини или зелени очи со светла или црвена коса кои лесно поцрвенуваат и горат на сонце. Во третина од случаите малигниот меланом потекнал од некоја од пигментираните бемки по телото па зголемен ризик на настанување има кај лице кое има повеќе од 50 бемки на својата кожа. Просечно по телото секој човек има од 15 до 20 различни пигментирани бемки или дамки. Во ризик фактори се вбројува и податок за  сончеви изгореници со пликови во детсво или тинејџерска возраст

Клиничка дијагноза

Малигниот меланом е видлив тумор и поради тоа е можна рана дијагноза.  Промената е лесно видлива и пациентот може сам да ја примети. Сепак, популацијата, како и лекарите, треба да бидат едуцирани во препознавање на знаците при појава на меланомот.

Прв знак за меланом е промена во големината,бојата или обликот на постоечката бемка. Меланомот може да се јави и како нова дамка која обично изгледа невообичаено,црна е и со грд изглед. Обично ги има до четвртата година а потоа бледнеат.

За да запомните на што треба да внимавате потцетете се на првите 4 букви од абецедата АBCD.

Asymetry (асиметрија) – едната половина на бемката е различна од другата со или без појава на сателитски бемки во близина на постојаната бемка.

Border (раб) – рабовите на бемката се разјадени,раскрвавевени,назабени,заматени или неправилни ,а пигментот се шири кон околната кожа.

Color (боја) – бојата е нееднаква.Може да се видат нијанси на црна,кафена и розова боја.

Diameter(дијаметар)- промената во големината на постоечката бемка. Меланомите се обично поголеми од гумичката на молив т.е 5 мм. Промените што нагло растат и се со дијаметар поголем од 10 мм треба да се сметаат за сомнителни.

Сомнителна е и локализацијата на промената. Во најголем процент, меланомот се создава на грбот, нозете или, пак, на места подложни на постојани трауми, повреди и иритации (на лице, врат и сл).

Меланомот  е најинвазивен и најопасен карцином, кој брзо се шири – метастазира, тешко се лекува и може да заврши со смрт. Затоа раната дијагноза е единствен начин да се намали смртноста од меланомот во денешно време, бидејќи лекувањето на проширената болест има незначително влијание врз преживувањето   

Самопреглед

Од голема важност за рано откривање на ракот на кожата е самопрегледот.  Тој треба да се изведува еднаш месечно.  Посебно, овие самопрегледи треба редовно да ги изведуваат лица кои имаат еден или повеќе фактори на ризик.  Прегледот може да го изведувате сами или со помош на член од вашето семејство.

Застанете пред огледало и внимателно прегледајте ја секоја промена  и бемка на кожата по целото тело, вклучувајќи ја и кожата на стапалата. Започнете со преглед во правец од горе и напред кон назад и нагоре и тоа прво прегледајте го лицето,потоа спуштете се накај вратот,градите стомакот,нозете и на крај прегледајте ги стапалата. Со помош на помало огледало кое ќе го поставите под нозете прегледајте ги нозете од задната страна ,па потоа грбот и на крај прегледајте го вратот и пределот под косата. Наместо со помош на огледало во прегледот од задната страна на телото може да ви помогне некој член од семејството. При тоа следи го АBCD правилото.  Ако се примети било кој знак според ова правило, треба веднаш да се консултира дерматолог.

Шкотската асоцијација за меланом има развиено дијагностички критериуми кои се состојтат од 3 важни и 4 помалку важни критериуми во клиничката дијагноза.  Пациент кој исполнува кој било од важните критериуми, би требало да се упати во специјалистички центар за биопсија, а присуство на помалку важни критериуми треба да го предупреди лекарот да превземе понатамошни иследувања.

Важни  критериуми:

  1. Промена на големината на претходната лезија и очигледен раст на нова лезија.
  2. Ирегуларен облик-асиметрија и ирегуларен надворешен раб на новоразвиената пигментна лезија или појава на оваа карактеристика кај стара лезија.
  3. Ирегуларна боја-разнообразност на сенки на кафено или црно, во нова или стара лезија.

Помалку важни критериуми:

  1. Најголем дијаметар еднаков или поголем од 7 mm. Повеќето од бенигните бемки имаат најголем дијаметар помал од 7 mm.
  2. Инфламација-ретка во бенигните лезии, освен ако не се редовно изложени на траума.
  3. Секреција, инкрустација или крварење (не е карактеристична за бемките).
  4. Промени во сензација-обично се опишуваат како лесен јадеж.

Постојат повеќе клинички облици на малигниот меланом, но според честотата на појавување најчести облици се меланомот што се шири површно, нодуларен (јазлест) меланом, лентиго (лентаст) меланом. Површинскиот меланом потекнува од постојната бемка, лесно е испупчен со светлокафеава боја и со јазли во црна, сива, сина и розова нијанса. Може да се појави на кој било дел од телото, но најчесто се создава на грбот кај двата пола или на нозете кај жените.  Промената се шири по површината на кожата со различна инвазија на поткожното ткиво.

Нодуларниот меланом се развива без некои особено сомнителни знаци на бемката.  Брзо се формира цврст јазол што е болен на допир или, пак, раничка што крвави. Овој тип е најопасен бидејќи дава нејасни претклинички знаци и се открива дури кога има далечни метастази во организмот.

Лентиго меланомот е карактеристичен за постари пациенти. Обликот е како пигментирана дамка, со дијаметар од 5 до 6 см, која постепено расте, има нерамна површина и неправилна пребоеност.

Постои и така наречен акрален лентигинозен тип кој се развива на табаните и дланките.

Терапија

Оперативното лекување со хируршко отстранување на сомнителните промени во целост дава најдобри резултати. Малите ограничени промени со барем еден од сомнителните знаци за малиген меланом треба да се отстранат по оперативен пат, со три сантиметри од здравата околна кожа.  Потоа патохистолошки се потврдува дијагнозата.  Промените што веќе се големи со неколку знаци за малиген меланом честопати се со метастази во локалните лимфни јазли или во други органи во телото. Оваа состојба се лекува комбинирано – хируршки се отстранува меланомот со голема површина кожа и регионалните лимфни јазли. Потоа се комбинира цитостатска терапија со лекови за активирање на имунолошкиот систем. Сепак кај овој стадиум на меланом процентот на излекување е многу мал

Дакарбазинот може да се дава како монотерапија во дози од 200 до 250 мг/м2 од површината на телото, во форма на интравенска (ив) инјекција во текот на пет дена на секои три недели.

Контрола по завршена терапија

Се советува лекарски преглед еднаш месечно во првата година,на два месеци во тек на втората година и понатаму на секои три месеци. Рендгенографија на бели дробови,ехосонографија на црн дроб и биохемиски анализи се прават еднаш на шест месеци во првите две години а потоа еднаш годишно.

Битно е да се потенцира важноста на самопрегледот на кожата и пратењето на нормалните бемки кои ги имаме по кожата, а кои не се малигни, но можат да преминат во малиген меланом.