Ракот на тенкото црево е ретка болест која се јавува кога абнормални, малигни клетки ќе почнат да се делат без контрола. Најчести видови на ракови во оваа област се аденокарцином, лимфом, саркоми и карциноидни тумори. Како резултат на ракот може да се јави обструкција на тенкото црево со што се попречува нормалната пасажа и дигестија на храната. Околу 50% од туморите на тенкото црево се аденокарциноми, 20% се лимфоми, 20% отпаѓаат на карциноидите тумори и 10 % на саркомите.

Аденокарцином

Овој вид на рак најчесто започнува во внатрешната обвивка на тенкото црево, најчесто се јавуваат во дуоденумот и јејунумот, поточно во деловите кои се поблиску до желудникот. Овие тумори може да прават обструкција на варењето на храната со што ја нарушуваат дигестијата. Аденокарциномот е најчест вид на рак на тенкото црево, но на него отпаѓаат околу 2% од сите тумори на гастроинтестиналниот тракт и е причинител на околу 1% од смртните случаеви поврзани со рак на гастроинтестиналниот тракт. Карциномот на тенкото црево може да се појави на повеќе места.

Лимфом

Овој доста невообичаен тип на рак е не-Хоџкин вид на лимфом кој започнува во лимфното ткиво на тенкото црево. Малигниот лимфом најчесто не се среќава како единствена лезија.

Саркоми

Најчесто кај тенкото црево се среќава леомиосаркомот. Се наоѓаат во мазната мускулатура на илеумот, последниот дел од тенкото црево. Липосаркомот и ангиосаркомот се среќаваат поретко.

Карциноидни тумори

Најчесто се среќаваат во илеумот. Во 50% од случаевите се појавуваат како мултипни лезии.

Причини и симптоми

Причините за појава на овој рак не се познати, меѓутоа во факторите кои допринесуваат за негов развиток спаѓаат изложеноста на канцерогени хемикалии, радијацијата и вируси. Исто така и пушењето и лошата исхрана се сметаат за ризик фактори. Инциденцата на овој рак е поголема кај луѓе со прекумерна тежина. Најчесто ракот на тенкото црево во почеток не дава симптоми. Гастроинтестиналното крварење е најчест симптом. Секој треба да се јави на лекар доколку се присутни наведениве симптоми :

• губење на тежина

• грутка во абдоминалната регија

• крвава столица

• болка или грчеви во абдоминалната регија

Дијагнозa

Проценката започнува со земање на детална анамнеза и вршење на комплетен преглед. Доколку пациентот веќе има симптоми лекарот може да ги предложи следните тестови:

• Рентген на горниот гастроинтестинален тракт. За подобро да се видат контурите на рентген пациентот зема течност наречена бариум.

• Компјутерска томографија(КТ)

• Магнетна резонанца

• Ултразвук

• Ендоскопија. Ендоскопот е тенко осветлено цевче кое преку грлото се воведува до дуоденумот. Со оваа процедура може да се изврши и биопсија со што се зема ткиво за микроскопско испитување за евентуално постоење на малигни клетки. Ако е евидентно постоењето на рак на тенкото црево ќе се направат дополнителни испитувања за да се утврди колку и каде се има проширено.

Клинички фази

Како и кај другите видови на канцер, ракот на тенкото црево може да се класифицира како локализиран, регионален или дистално проширен.

Локализиран. Ракот се нема проширено надвор од границите на органот во кој се развил

Регионална проширеност. Ракот се има проширено од органот во кој започнал на околните ткива –мускули, лигаменти или лимфни јазли.

Дистална проширеност. Ракот се има проширено и во други органи како на пример црниот дроб, бубрезите, коските, белите дробови.

Терапија

Терапевски опции за третман на ракот на тенкото црево се хируршко отстранување, радијација, хемотерапија и/или биолошка терапија.

Ракот на тенкото црево може да се излечи во зависност од хистологијата. Најчест третман е хируршкото одстранување на ракот. Кај поголемите тумори потребно е опереративно да се одстрани и дел од околното здраво ткиво на цревото како и некои крвни садови и лимфни јазли.

Радијацијата ги убива клетките на ракот и ја намалува неговата големина со употреба на високо енергетски рентген зраци. Радијацијата може да дојде од надворешен извор-машина или од внатрешен извор. Терапијата која се базира на внатрешен извор на радијација вклучува употреба на радиоизотопи кои преку пластично цевче се администрираат во делот од телото каде се наоѓа ракот. Несакани ефекти од радијационата терапија се :

• премореност

• губиток на апетот(анорексиа)

• гадење и повраќање

• дијареа

• гасови

• поддуеност

• благи промени на кожата

• интолеранција кон млечни производи

Хемотерапијата ги убива клетките на ракот со лекови кои се земаат орално, интравенки или интрамускулно. Се нарекува системски третман бидејќи лекот преку крвотокот се движи низ телото и ги убива клетките на ракот кои се наоѓаат надвор од тенкото црево. Хемотерапијата може да се даде како адјувантна терапија после оперативен третман. Радијационата и хемотерапијата сами по себе се доста корисни кај мали канцери на тенкото црево. Несакани ефекти од хемотерапијата се :

• гадење и повраќање

• губиток на апетит

• привремено опаѓање на косата (алопеција)

• жарење во устата

• премореност, како резултат на малиот број на црвени крвни зрнца

• поголема изложеност на инфекции или крварење како резултат на ниското ниво на бели крвни зрнца и тромбоцити

Преку користење на имуниот систем на телото, биолошката терапија го стимулира телото да се бори против ракот. Природни елементи од телото или лабораториски произведени агенси се дизајнирани да ја поттикнат, водат или обноват способноста на организмот да се одбрани од болеста. Кој вид на терапија ќе се примени ќе зависи од видот на ракот, а не од клиничката фаза на болеста.

Прогноза

Прогнозата или можнота за преживување зависи од видот на ракот, целокупното здравје на пациентот како и од тоа дали ракот е проширен во други органи или се наѓа само во тенкото црево. Излекувањето зависи од можноста ракот целосно да се одстрани со операција. Аденокарциномот најчесто се среќава во дуоденумот, меѓутоа пациентите со рак во оваа област имаат полоша прогноза одколку оние со истиот канцер во јејунумот и илеумот, поради намалената можност за оперативно одстранување.

Националната Датабаза за Канцер (НДК) објави резултати за средно преживување од околу 19.7 месеци за овие пациенти со севкупно 5 годишно преживување на околу 30.5%. За одстранети аденокарциноми НДК дава податок за петгодишно преживување на 20% од пациентите, додека кај отстранети леомиосаркоми бројката е 50%. Со студија било утврдено дека можноста за метастази од леомиосаркомот се движи од 24-50%, овој вид на рак најчесто се шири во црниот дроб. Терапија на избор за рак на мазната мускулатура е хируршко одстранување. Радијационата и хемотерапијата немаат голем усоех. Пациентите кои се постари од 75 години имаат помали шанси за преживување од помладите пациенти. Исто така пациентите кај кои туморите немаат јасно дефинирани граници имаат полоша прогноза отколку пациенти кај кои се среќаваат тумори со добро дефинирани граници. Можноста за преживување се намалува со прогредирање на клиничката фаза на болеста. Кај локализирани тумори е 47.6%, кај регионално проширени 31% а кај дистално проширените 5.2%.

Превенција

Најголем број од луѓето кај кои се дијагностицира рак немаат наследни генетски абнормалности. Нивните гени се оштетиле после раѓање од супстанции во нивната околина. Супстанциите кои ја оштетуваат ДНК на начин кој доведува до развој на рак се нарекуваат канцерогени. Канцерогени се некои хемикалии, радијацијата и некои вируси. Азбестот е една од супстанциите за кои се смета дека предизвикуваат рак на тенкото црево. Иако точната причина за развој на рак не е позната група од фактори допринесуваат за негов развој а тука спаѓаат и пушењето и лошата исхрана. Исхрана со зеленчук и овошје и редукција на внесот на храна богата со масти може да го намали ризикот за развој на рак. Одредени овошја, витамини и минерали се доста корисни во превенцијата на рак на тенкото црево како на пример Б6, фолати, ниацин и железото. Некои испитувања ја поврзуваат консумацијата на солена, кисела и конзервирана храна со појавата на рак на дигестивниот систем. Исто и недостатокот на овоштје, зеленчук и влакна во исхраната се смета за ризик фактор. За превенција на рак, важно е да се избегнуваат канцерогените материи и познати ризик фактори, да се има здрав животен стил, исхрана со помалку масти и повеќе овошје и зеленчук. Модифицирањето на генетските предиспозиции преку редукција на ризик факторите исто така помага во превенцијата.