Карцином на тестиси е болест при која малигни клетки се откриени во едниот или двата тестиси. Постојат неколку типови на клетки содржани во тестисите, и било кои од овие клетки може да се развијат во еден или повеќе видови на рак. Над 90% од сите случаи на рак на тестисите почнува во клетките наречени герминативни клетки. Постојат два главни типови на тумори на гаметните клетки кај мажите: семиноми и несеминоми. Семиномите сочинуваат околу 40% од сите тумори на герминативните клетки во тестисите. Несеминомите сочинуваат група на карциноми, кои вклучуваат хориокарцином, yolk sac (герминативни) тумори, ембрионален карцином и тератома.

Иако ракот на тестисите  вклучува помалку од 2% од сите случаи на рак кај мажите, тој најчесто се среќава кај млади мажи на возраст од 15-35 години. Исто така е еден од најизлечивите.

Демографија

Иако инциденцата на рак на тестисите се зголемува двојно во последните 30 години, тој сеуште ретко се случува. Скандинавските земји имаат највисока стапка во светот. Германија и Нов Зеланд исто така, имаат високи стапки. Најниската инциденца на рак на тестисите се наоѓаат во Азија и Африка.

Инциденцата за рак на тестис за Македонија изнесува 5.1 или 59 случаи на 100 000 жители, додека морталитетот изнесува 0.8 или 10 случаи на 100 000 жители (GLOBOCAN 2008, fast stats).

Причини

Точната причина за ракот на тестисите не е позната. Ризикот за рак на тестисите е многу повисок за момчиња родени со еден или двата тестиси, кои се наоѓаат во долниот дел на стомакот, а не во скротумот. Оваа состојба се нарекува крипторхизам или неспуштени тестиси. Животниот ризик за добивање рак на тестиси е четири пати повисок за момчињата со крипторхизам одколку за општата популација. Овој ризик фактор останува дури и ако е направена операција за враќање на тестисите назад во скротумот.

Мажите кои имале абнормален развој на нивните тестиси се изложени на зголемен ризик, како што се мажите со Klinefelter-ов синдром (нарушување на половите хромозоми). Семејната историја за рак на тестиси ја зголемува можноста за добивање на оваа болест. Мажите заразени со вирусот на хумана имунодефициенција (ХИВ), особено оние со развиена СИДА, имаат повисока инциденца, како и неплодните мажи. Одредени тумори на тестисите се појавуваат почесто кај мажите со одредени професии, како рудари, нафтени работници и комунални работници.

Симптоми

Карцином на тестисите обично не покажува рани симптоми. Сомнеж се јавува кога во тестисите се чуствува маса или грутка, иако маса во тестисите не секогаш укажува на рак и обично е безболна. Симптомите на рак на тестисите вклучуваат:

• грутка во тестисот (обично со големина на грашок, но тестисот може да биде зголемен колку јајце)

• зголемување или значајно намалување на едниот тестис

• чувство на тежина во скротумот

• непријатна болка во препоните или долниот дел на стомакот

• секоја ненадејна колекција на течност во скротумот

• осетливост или зголемување на градите

• болка или непријатност во едниот тестис или во скротумот

 

Дијагноза

Историја и физикален преглед. Лекарот зема лична и семејна медицинска историја и се врши комплетен физикален преглед. Лекарот го испитува скротумот, како и стомакот и други области за да провери за дополнителни маси.

Ултразвук. Ако масата е пронајдена, лекарот, најверојатно, ќе изврши ултразвук. Преку употреба на звучните бранови, ултразвукот може да помогне да се визуелизираат внатрешните органи и може да биде корисен во покажување на разликата помеѓу циста исполнета со течност или цврста маса. Ако туморот е солиден, тој најверојатно е малиген.

Крвни тестови. Некои видови рак на тестисите лачат високи нивоа на одредени протеини како што се алфа-фетопротеинот (AFP), хуман хорионски гонадотропин (HCG) и ензими како лактат дехидрогеназа (LDH). Овие маркери може да помогнат да се најде тумор кој е премногу мал за да се почувствува за време на физикалниот преглед. Покрај тоа, овие тестови се исто така корисни во одредувањето на тоа колку ракот е всушност развиен, а во евалуацијата на одговорот на третманот, да се биде сигурен дека туморот нема да се врати.

Хирургија. Ако е пронајден сомнителен раст, хирургот треба да го отстрани туморот и да го испрати во лабораторија за тестирање. Патологот го испитува тестикуларното ткиво микроскопски, за да се утврди дали клетките на ракот се присутни. Ако се пронајдат клетки на ракот, патологот праќа назад извештај и го опишува видот и степенот на зафатеност. Во речиси сите случаи, хирургот го отстранува целиот погоден тестис преку рез во препоните, не преку скротумот. Оваа постапка се нарекува радикална ингвинална орхиектомија.

Откако ракот на тестисите е определен, неопходни се дополнителни тестови, за да се дознае дали ракот е метастазиран (раширен) на други делови од телото и да се утврди стадиумот или степенот на болеста. Оваа информација му помага на лекарот да направи план за соодветен третман. Овие тестови можат да вклучуваат компјутеризирана томографија (КТ скен), лимфангиографија (ртг на лимфниот систем), скенирање на коските и ртг на градниот кош.

Тестикуларно самоиспитување

Тестикуларно самоиспитување (ТSE) е постапка со која пациентот ги проверува изгледот и конзистентноста на неговите тестиси. Повеќето ракови на тестисите за прв пат се забележани од страна на самиот пациент. Мажите треба да прават ТSE секој месец за да дознаат дали нивните тестиси содржат некакви сомнителни грутки или други неправилности, кои би можеле да се знаци на рак или инфекција.

Опис

ТSЕ треба да се прави за време на топол туш или во полна када, кога кожата е топла, влажна и лизгава од пената. Мажите треба да излезат од кадата и да застанат пред огледало. Топлината од кадата или тушот ќе го релаксираат скротумот и кожата ќе биде помека и потенка, правејќи полесно да се почувствува грутката. Важно е испитувањето да се направи многу нежно. Мажите треба да застанат пред огледало и да бараат оток на скротумот. Со користење на двете раце, скротумот треба да биде нежно кренат така што областа под него да може да се провери.

Следниот чекор е испитување со рака. Вториот и средните прсти треба да се стават под секој тестис, со палците на врвот. Тестисите треба да се испитаат еден по еден. Мажите треба да го тркалаат секој тестис меѓу прстите и палците. Тие треба да почувствуваат грутки од која било големина (дури и мали како зрно грашок) особено од предната страна или од страната на секој тестис. Мажите, исто така би требало да проверат постоње на болка или неправилности. Следно, треба да се почуствуваат epididymis и vas deferens, кој се наоѓаат на врвот и на задниот дел од тестисите. Оваа област се чувствува како јаже и не треба да биде осетлива.

Нормални резултати

Нормално е едниот тестис да биде поголем од другиот и да се обесени на различни нивоа, но големината да остане иста, од месец до месец. Тестисите треба да бидат без грутки, болка, неправилности и оток.

Абнормални резултати

ТSЕ се смета за ненормално ако се најдат било оток, осетливост, грутки или неправилности. Тврди, неподвижни грутки се ненормални, дури и ако тие се безболни. Грутката може да биде знак на инфекција или малиген тумор. Промената на големината на тестисите од еден месец до следниот, исто така, е абнормално. Чувството на тежина во скротумот е уште еден абнормален знак. Ако е пронајдена било каква абнормалност, мажот се охрабрува да го посети неговиот лекар што е можно поскоро, затоа што ракот на тестисите се лекува ако се открие рано.

Стејџирање

Стадиум I. Оваа фаза се однесува на рак кој се наоѓа само во тестисот, без ширење во лимфните јазли или во далечните органи.

Стадиум II. Ова покажува дека ракот се проширил и во лимфните јазли во абдоменот, но не и во лимфните јазли во други делови на телото.

Стадиум III. Во оваа фаза, ракот се проширил и надвор од лимфните јазли во абдоменот, и / или ракот е во некои делови од телото далеку од тестисите, како што се белите дробови или црниот дроб.

Рекурентен рак. Рекурентната болест покажува дека ракот се вратил откако веќе бил третиран. Ракот на тестисите може да се врати во истиот тестис (доколку не е хируршки отстранет) или во некој друг дел од телото.

 

Третманот

Одлуката за третманот за ракот на тестисите зависи од стадиумот и клеточниот тип на карциномот, како и возраста на пациентот и општата здравствена состојба. Најчесто се користат четири видови третмани, тоа се хирургија, радиотерапија, хемотерапија и трансплантација на коскената срж или матични клетки.

Хируршката операцијата е нормално првата линија на третман за ракот на тестисите и вклучува отстранување на погодениот тестис. Оваа постапка е позната како радикална ингвинална орхиектомија. Во зависност од типот и стадиумот на ракот, во исто време може да бидат отстранети и некои лимфни јазли или можеби со втора операција. Оваа постапка се нарекува ретроперитонеална лимфонодална дисекција и може да биде голема операција. Некои пациенти ќе доживеат привремени компликации по операцијата, вклучувајќи инфекции и опструкција на дебелото црево. Ако тестисите се отстрануваат, мажот нема да има способност да произведува сперматозоиди и ќе стане неплоден (неспособен да биде татко). Хирургијата со отстранување на лимфните јазли може да предизвика некои оштетувања на околните нерви, што може да интерферира со способноста да се ејакулира. Мажите пред операција за рак на тестисите, може да поразговараат со својот лекар за операција со зачувување на нервите, како и за донирање на сперма.

Радијационата терапија за ракот на тестисите се прави со машина однадвор и е позната како надворешено зрачење. Еден потенцијален проблем со овој вид на зрачење е тоа што, исто така, може да се уништат околните здрави ткива, како и клетките на ракот. Други потенцијални несакани ефекти вклучуваат гадење, пролив и замор. Посебен уред може да се користи за да се заштитат тестисите и да се зачува плодноста.

Хемотерапијата се однесува на употребата на цитостатици при лекување на ракот. Бидејќи лековите влегуваат во крвотокот и циркулираат низ телото, хемотерапијата се смета за системска терапија. Лекови кои главно се користат при третман на рак на тестисите се cisplatin, vinblastine, bleomycin, cyclophosphamide, etoposide и ifosfamide.

Овие лекови се даваат во различни комбинации, бидејќи употребата на два или повеќе лекови се смета за поефикасна од употребата на само еден лек. Хемотераписките агенси може да влијаат на нормалните, како и канцерогените клетки, така што се можни неколку несакани ефекти, како на пример:

• гадење и повраќање

• промени во апетитот (анорексија)

• привремено губење на косата (алопеција)

• рани во устата

• зголемен ризик од инфекции

• крварење или модринки

• замор

• пролив или запек

 

Неколку лекови се на располагање за да помогнат во лекувањето на овие несакани ефекти, од кои повеќето ќе исчезнат откако ќе заврши третманот. Сепак, некои од хемотераписките агенси кои се користат за време на третманот на рак на тестисите може да предизвикаат долгорочни несакани ефекти. Тие вклучуваат губење на слухот, оштетување на нервите и можно оштетување на бубрезите или белите дробови.

Друга потенцијално сериозна долгорочна компликација е зголемен ризик од леукемија. Ова е ретко пропратен ефект, но се случува кај помалку од 1% од случаите со рак на тестисите кај пациентите кои примаат хемотерапија. Хемотерапијата исто така може да влијае на производството на сперма. Ова може да биде перманентно кај некои случаи, но многумина ќе ја добијат назад нивната плодност во рок од неколку години.

Клинички студии се во тек, за да се утврди дали високите дози на хемотерапија во комбинација со трансплантација на матични клетки ќе се покажат ефективни во лекувањето на некои пациенти со напреднат рак на тестисите. При овој третман, од пациентот се земаат клетки прекурзори на крвните, наречени матични клетки (од коскената срж или филтрирани од крвта на пациентот). Овие клетки се чуваат замрзнати додека се даваат високи дози на хемотерапија. По примање на хемотерапијата, на пациентот му се даваат матични клетки преку инфузија. Овој третман овозможува користење на дополнителни големи дози на хемотерапија и може да ја зголеми стапката на лекување кај некои видови на рак на тестисите.

Превенција

Главните фактори на ризик поврзани со рак на тестисите – крипторхизам и фамилијарната историја на болеста, се неизбежни, бидејќи тие се присутни од раѓањето. И покрај тоа, многу мажи дијагностицирани со оваа болест, немаат познати фактори на ризик. Поради овие причини, не е можно да се спречат повеќето случаи на рак на тестисите, но самопрегледот овозможува рано откривање и успешно лекување на истиот.