Ракот на дојка е заболување кое најчесто во раните стадиуми на болеста не дава никакви симптоми. Поради тоа тешко може да се дијагностицира, затоа е поќелно  жената да прави редовни самопрегледи на дојките и да  јавува на редовни прегледи со ехо и мамографија. За успешен самопреглед потребни се два фактора – правилно време и правилна техника. 

Најдобро време кога треба да извршите самопреглед е:

• Два дена по завршување на менструалнниот циклус.

• Ако жената зема контрацептивни таблети, тогаш  прегледот да се направи по првата таблета од новата кутија.

• Жените во менопауза прегледот треба да го извршуваат секој месец на ист датум.

• Практикувајте го самопрегледот редовно по 20  години.

Правилна техника

Самопрегледот се состои од разгледување и опипување.

При разгледување на дојките потребно е да воочите присуството на симетрија, одредени испакнувања или вдлабнувања, како и промени на бојата и структурата на кожата на дојката. Обрнете внимание на брадавките: дали се еднакви, вовлечени или навлажнети. Никогаш не ги стискајте брадавките, присуството на исцедок анализирајте го на долната облека. Разгледувањето направете го застанати пред огледало во три позиции: со рацете подигнати над главата, рацете спуштени до телото и рацете поставени на колкови со половината лесно наведната напред. 

Опипувањето на дојката треба да го правите во легната позиција бидејќи во таа положба дојките се рамномерно достапни. Потоа, ја поставувате под глава раката од страна на онаа дојка која ја прегледувате. Со врвовите од прстите на другата рака , но не само со два прста, прегледувате. Истражувајте дали постои тврдина која минатиот месец ја немало и се разликува од другите делови на дојките. Го истражувате подрачјето од клучната коска до линијата под дојката, од градната коска до пазувата вклучувајќи ја и неа.

Доколку почувствувате промена, не анализирајте ја сами, појдете на лекар и дозволете тој да ги направи потребните анализи. Целта на самопрегледот е навременото воочување на промени.  Редовните прегледи ги извршува лекар специјалист радиолог кој одлучува дали треба да направите ехо на дојките, мамографија или некакво друго испитување.