Карциномот на дојка се лекува, но мора навреме да се открие. Во прилог ви објаснуваме кои тестови и процедури се користат во дијагнозата на карцином на дојка:

Клинички преглед на дојки

Докторот ќе ги прегледа вашите дојки со цел да утврди дали има присуство на грутки или други абнормалности.

Мамограф

Американското здружение за рак им препорачува на жените редовен мамографски преглед еднаш во годината, по 40. година.  За тоа дали ви е потребен мамографски скрининг, одлуката ја донесувате вие и вашиот доктор. Доколку имате повеќе од 40 години, зборувајте со вашиот доктор за тоа кога треба да започнете со мамографските скрининзи.

Мамографскиот скрининг подразбира снимање на секоја дојка во две различни позиции: од горниот дел кон надолу и од едната кон другата страна. На резултатите од мамограмската снимка ткивото на дојката е прикажано со бела и нејасна боја, додека масното ткиво е потемно и прозирно.

Потенцијални абнормалности можат да се најдат кај повеќе од 11 отсто од жените кои доаѓаат на мамограмски прегледи. Мамограмот има прецизност од 85 до 90 отсто. Овој апарат може да открие абнормалности во дојката пред истите да се прошират.

Ултразвук за дојка

 Ултразвукот прави снимки од деловите на дојката кои се подлабоко во внатрешноста. Ултразвукот може да помогне во разликувањето на солидната маса и цистата полна со течност. Се препорачува за прегледи на помлади жени.

Отстранување на примерок од клетките на градата за испитување (биопсија)

Примероците од биопсијата се праќаат во лабораторија на анализа. Патолозите утврдуваат дали се работи за канцерозни клетки или не. Примерокот, исто така, се анализира со цел да се утврди типот на клетката која се наоѓа во внатрешноста на дојката, стадиумот на карциномот и дали канцерозните клетки имаат хормонски или други рецептори кои би можеле да влијаат врз третманот. 

Магнетна резонанца (MRI)за снимање дојки

Магнетната резонанца користи магнет и радио зраци за да направи снимки од внатрешноста на дојката.

Во зависност од состојбата на пациентот, можно е да бидат потребни и други испитувања.