Основната причина за појавата на белодробниот карцином не е позната. Заболувањето е резултат на делувањето на бројни физички, хемиски и биолошки предизвикувачи, кај пациенети со предиспозиција за ова оболување.

Постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на белодробниот карцином кај некои луѓе. Но, проблемот е комплексен и до денес не се познати сите фактори на ризик.

Но, постоењето на еден или повеќе фактори на ризик, не значи дека и ќе дојде до развој на ова малигно заболување. Од друга страна пак, и лица кои немаат ниту еден фактор на ризик, заболуваат од белодробен карцином.

Белодробниот карцином најчесто се јавува во напредната возраст. Тој е најчесто застапен во шестта деценија од животот.

Колку што е понапредна возраста, толку и ризикот за ова заболување е поголем.
Мажите почесто заболуваат отколку жените и тој однос е 2.4: 1.

Ова заболување почесто се јавува кај лица кои имале членови во своето семејство со белодробен карцином (родители, брат или сестра). Овој зголемен ризик во некои семејства може да биде поради една или повеќе причини. Така, тие може да имаат некои заеднички навики, како пушењето, потоа, да живеат во места со канцерогени супстанции како што е радонот. Тие може да имаат наследен зголемен ризик во своите гени.

Пушењето е главен фактор на ризик за настанувањето на белодробниот карцином. Околу 90 % од белодробните карциноми кај мажите и околу 83% кај жените, се оценети дека се предизвикани од тутуновиот дим, било да е тој внесен активно, преку пушење или пасивно, преку престојување во простории каде се пуши (пасивни пушачи).

Пушачите на цигари заболуваат 25 до 30 пати почесто во споредба со непушачите.

Утврдено е дека бројот на заболени од белодробен карцином е поголем во индустриски развиените земји и во големите градови, отколку во руралните средини. Причина за тоа е аерозагаденоста. Загадениот воздух содржи во себе многу канцерогени супстанции, кои со дишењето се внесуваат во белите дроови.

После цигарите радонот се смета за втор по важност предизвикувач на рак. Како природно присатен радиоактивен гас, радонот е познат како канцероген и го зголемува ризикот за појава на ракот на белите дробови. За прв пат бил разгледуван кај рударите кои ископувале ураниумова руда со голем степен на изложеност на радонот.

Радонот може да се акумулира во домовите како и во други згради, но во многу пониска концентрација.

Некои од највисоките природни концентрации на радонот во Велика Британија биле откриени во југозападниот дел, но концентрации повисоки од просечно дозволените се најдени и во други делови на Британија.

Според една направена студија за изложеност на радонот се дошло до заклучок дека тој може да е одговорен за приближно 9% од вкупните случаеви на рак на белите дробови во државите од Европската унија.

Изложеноста на радонот го зголемува ризикот за добивање на рак на белите дробови кај двете групи, пушачи и непушачи, во ист процент, но неговиот ефект е поголем кај пушачите, кои се и со повисок ризик за појава на рак на белите дробови. На пример, при концентрација на 800 бекерели (Bq)/m3, апсолутниот ризик за појава на рак на белите дробови до возраст од 75 години помеѓу непушачите е околу 0,93%, додека пак кај пушачите тој достигнува 21,6%.