Мочниот меур е орган кој ја складира урината од бубрезите сѐ до нејзината елиминација од телото. Внатрешната површина на мочниот меур е обложена со епител познат како преоден епител, чија цел е да го заштити мочниот меур од влијанијата на урината. Кај карциномот на мочниот меур овие клетки почнуваат да се размножуваат неконтролирано и ги заземаат здравите ткива.

Карциномот на мочниот меур најчесто се манифестира со безболно крвавење во урината. Ова крвавење може да биде видливо или да се детектира само со микроскоп. Понекогаш може да се открие во урината покрај други испитувања. Многу ретко, но некогаш печење за време на мокрење може да се должи на оваа болест. Сепак, не постојат тестови кои се користат како скрининг на карцином на мочниот меур.

Кои се ризик фактори?
Пушењето: се смета за најголем ризик фактор за развој на карцином на мочниот меур. Кај пушачите ризикот од појава е за двапати поголем отколку кај непушачите. Хемиските супстанци кои предизвикуваат канцер се наоѓаат во чадот од цигарите, се апсорбираат преку белите дробови во крвта, од тука се филтрираат и стигнуваат до мочниот меур. Затоа овие хемикалии содржат канцерогени ефекти врз мочниот меур.

Одредени професии: туморите на мочниот меур најчесто се јавуваат кај вработените во индустрија за бои, работници кои работат со хемикалии како што се бензидин и бетанафтиламин, како и гума, кожа, производители на текстил, молери, машински работници, фризери, возачи на камиони. Факторите на ризик, заедно со ризикот од пушење цигари, кај одредени професии драстично се зголемува.

Други фактори на ризик: најчесто се појавува на возраст над 65 години. За 4 пати е почест кај мажите за разлика од кај жените. Останати ризик се хронична инфекција на уринарниот тракт, камен во бубрег и во мочниот меур, ретки вродени дефекти на мочниот меур, недоволен внес на течности, семејна историја на карцином на мочниот меур, пиење вода со арсен.