Влијанието на цигарите врз здравјето на луѓето и откажување од пушењето

Ризици по здравјето
Карциноми поврзани специфично со употребата на тутун
Превенција на создавање на ракот заради пушењето
Начин на престанок со пушење
Посебни грижи на пушачите
Третмани

За потенцијалните негативни здравствени ефекти на пушењето постои сомневање уште од 1859 година. Епидемиолошки докази од потенцијално штетните ефекти од пушењето цигари се зголемуваа во  текот на следните години. Конечно, во 1962 година, Кралскиот колеџ за Лекари од Лондон официјално потврди дека пушењето претставува сериозна закана по здравјето на луѓето; во 1964 година Хирурзите на САД го следеа примерот.

Ризици по здравјето
До 2001 година, околу 450.000 Американци годишно умираа  од болести поврзани со пушењето цигари. Според Американското Здружение за Рак, секоја година 3000 непушачи умираат од рак на белите дробови од ефектите на изложеност на пасивно пушење. Бремените жени кои пушат имаат поголема веројатност да родат бебиња со мала тежина, додека пушачите имаат зголемени стапки на болести на срцето и респираторни проблеми.
Во прилог на овие здравствените ризици, пушачите се наоѓаат во поголем ризик за развој на многу видови на рак. Всушност, 38% од сите смртни случаи на рак кај мажите и 23% од сите смртни случаи на рак кај жените, се припишуваат на пушењето цигари. Бидејќи пушењето цигари се повеќе преовладува  во земјите во развој, стапката на 
болести, како ракот на белите дробови, исто така се зголемува.

Карциноми поврзани специфично со употребата на тутун:
Рак на белите дробови: Пушењето е сега главниот фактор на ризик за рак на белите дробови. Тутунот за прв пат се поврзува со рак на белите дробови во 1898 година, кога имало теории дека е причина за неколку случаи на рак на белите дробови кај тутунските
работници. Од тогаш, истражувањата продолжија да го документираат односот помеѓу пушењето и ракот на белите дробови. Инциденцата на ракот на белите дробови (бројот на нови дијагностицирани случаи годишно) е во сооднос со трендот на пушење. 
Како што се повеќе и повеќе жени почнаа да пушат, инциденцата на рак на белите дробови кај жените исто така се зголеми.  Во доцните 1900-ти, 90% од случаите со рак на белите дробови кај мажите  и 79% кај жените се верува дека се поврзани со пушењето.

Рак на главата и вратот: Пушењето го зголемува ризикот од рак на главата и вратот. Кога тутунот се користи заедно со алкохол, се верува дека е уште поголем ризикот од овие видови на дијагнози. Точниот механизам на оваа врска, позната како “синергетски ефект”, се уште не е добро разбран.

Езофагеален рак: Пушачите, особено жените пушачи, се со зголемен ризик за развој на
езофагеален рак – ризик, кој се зголемува со количината на испушени цигари дневно.

Рак на панкреасот: Се проценува дека 22000 луѓе умираат од рак на панкреасот секоја година, а алармантни 30% од овие смртни случаи се поврзани со пушењето цигари.

Колоректален карцином: Лицата кои пушат цигари се со поголема веројатност да развијат полипи на дебелото црево, кои за возврат го зголемуваат ризикот од рак на дебелото црево. Исто така,  има докази дека ризикот од рак на дебелото црево или ректален карцином, се зголемува со “пакет години“ за пушачите. (“пакет години“ се пресметуваат со множење на бројот на кутии на испушени цигари дневно, со бројот на
години на пушење).

Рак на желудникот: Иако некои истражувања покажаа непостоечка врска помеѓу пушењето и ракот на желудникот, други покажале зголемен ризик за пушачи на возраст над 50 години, како и односот помеѓу болеста и “пакет годините“ на пушење. Потребни се повеќе убедливи истражувања за подобро разбирање на улогата која пушењето ја има во развојот на рак на желудникот.

Рак на мочниот меур: Пушењето, се верува дека е поврзано со 30-40% од сите случаи на рак на мочниот меур, од кои повеќето се од преоден клеточен тип. Ризикот за развој на рак на мочниот меур, се верува дека е поврзан со времетраењето на пушењето и обратно поврзан со возраста во која пушењето започнало (колку е помало лицето кога започнува пушењето, повисоки се шансите за развој на рак на мочниот меур).

Рак на матката: Се чини дека постои врска помеѓу пушењето и ракот на матката – колку е поголема “дозата” или бројот на испушени цигари, толку е поголема веројатноста за појава на развој на рак на матката. Пушењето, исто така, е поврзано со хуман папилома вирусната инфекција или накусо ХПВ. Одредени типови на ХПВ вирусот може да предизвикаат да се развијат брадавици во пределот на гениталиите и грлото на матката. Овие типови на инфекции се главна причина за рак на матката. Поради овие преклопени
односи, за точниот ефект на пушењето врз ракот на грлото на матката е потребно понатамошно истражување.

Рак на дојка: Пушењето, како фактор на ризик за рак на дојка, се уште не е доволно испитано:  некои студии покажуваат зголемен ризик кај пушачите, додека пак други покажуваат намален ризик кај пушачите. Генетската подложност  заедно со одредени компоненти на тутун дава различни резултати, но потребни се повеќе истражувања за подобро да се разбере  овој однос.

Превенција на создавање на ракот заради пушењето
Иако ракот не може секогаш да се спречи, избегнувајќи ги познати фактори на ризик, како што е пушењето, е важен дел од превенцијата. Најдобар пристап да се спречи болеста
е воопшто да не се започнува со пушењето.  Сепак, дури и лица кои пушеле со години, со прекинување на оваа навика може да го намалат ризикот од рак и да го подобрат нивното здравје и благосостојба. Кратко по откажување од пушењето, лицата ќе забележат подобрување на нивното чувство за вкус и мирис. Десет години по откажувањето од цигарите, ризикот од рак на белите дробови опаѓа до 50%. По петнаесет години без пушење, поранешните пушачи имаат ист ризик од рана смрт, како и лицата кои никогаш не пушеле. Иако откажувањето од пушењето ја намалува веројатноста за развивање на рак, ризикот зависи од количината на цигари кои се испушени, бројот на години пушење и дали некоја личност е веќе заболена во моментот кога престанува со пушењето.

Начин на престанок со пушење
Престанување со пушењето е медицински термин за одвикнување од цигари. Тоа е важен дел од превенцијата на ракот, бидејќи пушењето е единствена најпревентивна причина за смрт од рак. Уште во 1982 година, општите хирурзи објавија дека во САД тутунот предизвикува повеќе смртни случаи на рак отколку било кој друг фактор – 30% од сите смртни случаи на рак, вклучувајќи 87% од смртните случаи на рак на белите дробови.. Откажувањето од пушењето, значително го намалува ризикот од рак; 15 години по прекинот, ризикот на поранешниот пушач е речиси исто толку  низок, како и на некој кој никогаш не пушел.

Престанокот со пушењето опфаќа неколку различни пристапи, почнувајќи од лекови и психотерапија до посебни часови и програми. Пушењето е навика која е тешко да се прекине, бидејќи вклучува многу различни аспекти на емотивниот и социјалниот живот на индивидуата, како и физичка зависност од никотинот. Повеќето луѓе кои се откажале од пушењето успешно, користат комбинација на третмани или техники за откажување.

Посебни грижи на пушачите

Луѓето кои се обидуваат да се откажат од пушењето, често се загрижени во врска со:

Симптомите на повлекување. Никотинот, супстанцијата во тутунот која им дава пријатно чувство на пушачите, дава зависност слична на таа од хероин или кокаин. Последиците од никотинот можат да предизвикаат депресија, лутина, замор, главоболки, проблеми со спиењето или концентрацијата или зголемен апетит за храна.Овие симптоми обично започнуваат неколку часа по последната цигара.Тие може да трааат неколку дена или неколку недели.

Зголемување на телесната тежина. Многу луѓе,особено жените, добиваат еден до пет килограми по откажувањето од пушењето. Ова благо покачување на телесната тежина, сепак не е ни приближно голема опасност по човековото здравје, како продолжувањето со пушењето. Повеќе вежбање може да помогне.

Стрес. Многу пушачи почнале да пушат, како начин да се справат со стресот и напнатоста. Изнаоѓање други методи – вежби, медитација, масажа и слично, може да ја намалат желбата за пушење кога се јавува стрес.

Несакани ефекти од производите за никотинска замена. Пушачите кои користат производи кои помагаат во престанувањето со пушењето, може да искусат главоболка, гадење, болки во грлото или долгорочна зависност. Несаканите ефекти често може да се намалат или елиминираат со користење на пониска доза на производот или префрлање на друга форма на никотинска замена.

Третмани
Заместителна терапија за никотинот – го снабдува пушачот со мали дози на никотин без другите штетни хемикалии во тутунот. Тоа ја намалува физичката желба за цигари, па пушачот поефикасно може да се справи со психолошкиот аспекти на прекинувањето. Почнувајќи од 2001 година, Американската Асоцијација за храна и лекови (FDA) одобри четири форми на терапија за никотинска замена:

Трансдермални фластери – лепенки, кои го снабдуваат телото со одмерени дози на никотин преку кожата. Дозите се намалуваат во текот на неколку недели и на тој начин им помагаат на пушачите постепено да се намали потребата за никотин.

Никотински гуми за џвакање – обезбедуваат брзо дејство на замена на никотинот кој се апсорбира преку ткивата на устата. Пушачот полека ја џвака гумата за џвакање, а потоа продолжува да ја држи во внатрешноста на образот 20 до 30 минути.

Назален никотински спреј – обезбедува никотин преку ткивата на носот. Тој делува побрзо од лепенките или гумите за џвакање.

Никотински инхалатори – пластични цевки кои содржат никотински приклучоци. Приклучокот испушта никотинска пареа, кога пушачот вдишува низ цевката. Некои пушачи преферираат инхалатори, бидејќи тие повеќе наликуваат на цигари од другите видови никотинска замена.

Лекови – Bupropion е антидепресив и се издава со цел да ги намали симптомите на откажување од никотинот. Bupropion само по себе може да им помогне на луѓето да се откажат од пушењето, но неговата  успешност е повисока кога се користи заедно со некоја од заместителните терапии. Друг лек, кој понекогаш се издава за откажување од никотинот е buspirone кој е анксиолитик.

Програми и групи за прекин со пушењето – помагаат при зајакнување на одлуката на пушачот  да се откаже од цигарите. Тие ги учат луѓето да ги препознаат најчестите проблеми кои се јавуваат при откажувањето и нудат емоционална поддршка и охрабрување. Иако програмите за прекин со пушење немаат толку висока стапка на успех сами по себе споредено со лековите или терапијата за замена на никотинот, тие се многу корисни, како дел од севкупниот план за откажување.
Најефективните програми вклучуваат индивидуални или групни психолошки советувања. Многу државни здравствени фондови денс ги покриваат трошоците за програмите за одвикнување од пушењето.