Витамин Е претставува антиоксиданс одговорен за правилно функционирање на имунолошкиот систем и за одржување на здрави очи и кожа. Тој всушност претставува група на липосолубилни материи познати како токофероли (т.е. алфа токоферол и гама токоферол). Гама токоферол учествува со 75% од вкупниот витамин Е внесен со исхраната. Храна богата со витамин Е вклучува: ореви, житарици, грав, јајца, ладно цедените масла, како и одредено овошје и зеленчук. Бидејќи витаминот Е е растворлив во масти, потребно е да се зема во присуство на масти за негова правилна апсорпција.
Витамин Е се апсорбира од страна на гастроинтестиналниот систем и се складира во ткивата на организмот. Одредени здравствени состојби како болести на црниот дроб, целијакија и цистична фиброза, може да предизвикаат намалување на витаминот  Е во организмот. Пациенти со терминална бубрежна инсуфициенција, кои се на постојана дијализа, имаат зголемен ризик за дефицит на витамин Е.
Овие пациенти често добиваат интравенозни инфузии на железо кои може да делуваат како антагонисти на витаминот Е.
Недостатокот на витамин Е може да предизвика замор, проблеми со концетрацијата, ослабен имунолошки систем, анемија и ниски нивоа на тироидни хормони. Исто така може да предизвика проблеми со видот и раздразливост. Ниски серумски нивоа на витамин Е, се поврзани исто така и со депресија.


Употреба
Витаминот Е е неопходен за оптимално функционирање на  имунолошкиот систем, здрави очи и заштита на целиот организам. Исто така е поврзан со превенција на голем број на болести. Терапевтските придобивки од витаминот Е се:

–         Превенција и третман на рак .  Витаминот Е е познат антиоксиданс кој е поврзан со намален ризик од рак на гастроинтестиналениот систем, грлото на матката, простатата, белите дробови и  ракот на дојката. Покрај употребата на витаминот Е во превенција на рак, тој се испитува и како третман против рак. Покажано е дека го инхибира растот на туморите на простатата и индуцира апоптоза (клеточна самодеструкција) на канцерските клетките. Витаминот Е исто така, се испитува како можен адјувантен третман кај пациенти со рак подложени на радијациона терапија. Се смета дека високите дози на антиоксиданси во исхраната можат да ја зголемат ефикасноста на радијационата терапија а во исто време и да ги заштитат здравите клетки од оштетување.

–         Заштита на имунолошкиот систем. Различни студии покажале дека суплементите на витаминот Е, особено кај постарите пациенти, ја зајакнуваат функцијата на  имунолошкиот систем. Овие пациенти покажале подобрување во имунолошкиот одговор, зголемена резистенција на инфекции и зголемена продукција на антитела. Витаминот Е исто така е употребуван кај ХИВ позитивни пациенти за забавување на прогресијата на болеста.

–          Превенција на болести на очи. Клиничките испитувања за витамин Е, покажале дека, суплементарната терапија со витамин Е, значајно го намалува ризикот од катаракта и макуларна дегенерација, осебно кај жените.

–          Превенција на губиток на меморија. Дефицитот на витамин Е се поврзува со послаби резултати на тестовите за меморија, кај некои постари лица.

–          Третман на Алцхајмерова болест. Во студија изведена на Колумбија Универзитетот, истражувачите откриле дека пациентите со Алцхајмерова болест, кои земале дневни суплементи на витамин Е подолго одржувале нормално функционирање, отколку оние кои земале плацебо. Слична ваква студија е извршена во 2002, од  група на Холандски епидемиолози, спроведена помеѓу 1990 и 1993, со дополнителни испитувања во 1994 и 1999, но на многу поголема група на испитаници. Студијата ги потврдила наодите на истражувачите од Колумбија универзитетот, дека високиот внес на витамин Е со исхраната го намалува ризикот за развој на Алцхајмерова болест.

–          Третман на болести на црниот дроб. Витаминот Е може да го заштити црниот дроб од болести.

–          Третман на дијабетес. Витамиот Е може да помогне кај пациенти со дијабетес, да го искористуваат инсулинот поефикасно. Исто така се покажало дека е ефикасен и кај третманот на дијабетичната невропатија. Витаминот Е ги намалува симптомите на дијабетската невропатија и ја подобрува брзината на преносот на нервните импулси.

–          Анелгетик. Витаминот Е има антиинфламаторно и анелгетско дејство. Студиите покажале дека може да се користи за третман на артритични болки кај некои лица.

–          Превенција на Паркинсонова болест. Внес на високи дози на витамин Е е поврзан со намален ризик од добивање на Паркинсонова болест, според една холандска студија од 1997.

–          Третман на тардивна дискинезија. Инндивидуи кои земаат невролептични медикаменти за шизофрениа или други нарушувања, можат да имаат несакани ефекти, како доцна дискинезија, пратена со неволни повторувачки движења и мускулни контракции. Суплементацијата со витамин Е можат да ги намалат или елиминираат овие несакани ефекти кај некои лица.

–          Третман на порфирија. Се покажало дека витаминот Е може да биде корисен при третманот на порфирија, група на нарушувања карактризирани со абнормалности во метаболизмот на крвните пигменти, преку намалување на екскрецијата на овие пигменти во урината.

Другите бенефиции на витаминот Е се помалку разјаснети или им недостигаат контролни студии за нивна поддршка. Во нив спагаат следниве:

–          Нега на кожа. Се смета дека витаминот Е ја зголемува толеранцијата кон УВ зраците доколку се зема како суплемент заедно со витамин Ц. Витаминот Е се користи и во третманот на рани за нивно побрзо заздравување.

–           Жешки бранови (валунзи). Според една мала студија направена во клиниката Mayo, истражувачите откриле дека преживеаните од карцином на дојката кои страдале од жешки бранови, почувствувале намалување на овие жешки бранови после земање на суплементи со витамин Е.

–          За одржување и репарација на мускулното ткиво. Неодамнешните испитувања покажале дека антиоксидативните својства на витаминот Е можат да превенираат оштетување на мускулното ткиво предизвикано од напорни тренинзи. Исто така, давањето на суплементи на витамин Е пред некоја хируршка процедура на мускулите или зглобовите ги намалува реперфузионите повреди за време на операцијата (мускулно оштетување кое се појавува кога крвотокот е запрен и потоа повторно овозможен во ткивата и органите).

–          Плодност. Покажано е во испитувања со животни дека витаминот Е ја подобрува функцијата на спермата и се смета дека има слични ефекти и кај луѓето.

Препарати                                                                                                                       

 Американските препораки за дневен диететски внес (RDA) на алфа-токоферолот како форма на витамин Е се:

 

–          мажи: 10 мг или 15 ИЕ

–           жени: 8 мг или 12 ИЕ

–          бремени жени: 10 мг или 15 ИЕ

–          жени кои дојат: 12 мг или 18 ИЕ

Во Април 2000, Националната Академија на Науки ги смени препораките за RDA на витамин Е на 22 ИЕ, со горна граница или максимална дневна доза од 1500 ИЕ. Дневните вредности за витамин Е прпорачани од FDA, остануваат 30 ИЕ за мажи и жени постари од четири години.

Многу видови на јаткасти овошја, зеленчук и разни растителни масла, содржат витамин Е. Храната богата со витамин Е вклучува житарици, кикиритки, зрна од соја, авокадо, маслиново и пченкарно масло, грозје, праски, брокула, јајца, домати и капини, Свежите, необработени хранливи продукти се најбогати со витамин Е. Топлината и светлината можат да ја намалат потентноста на витаминот во свежото овошје и зеленчук  и затоа треба да се избегнува негово несоодветно складирање како и многу долго готвење. Исечен на парчиња зеленчукот и овошјето богати со витамин Е се изложени на повеќе светлина и затоа треба да се складираат и да се чуваат цели. За лица кои се со ризик за дефицит на витамин Е или оние кои не земаат доволно со исхраната, суплементите на витамин Е се достапни во различни форми, вклучувајќи таблети, капсули, прашаци за растворање и течности за орални употреба. За надворешна употреба витаминот Е е достапен како креми, лосиони и масла. Дневната препорачана доза на витамин Е е различна кај различни лица и зависи од нивната потреба на витамин Е како и од количеството на полинезаситени масти кое лицето дневно го конзумира. Доколку има повеќе полинезаситени масти во исхраната, дозата на витамин Е треба да е поголема, бидејќи витаминот Е помага во намалувањето на оксидирачкиот ефект кои овие масти го имаат.

Бидејќи витаминот Е е липосолубилен, суплементите треба секогаш да се земаат заедно со храната. Суплементите на витамин Е ги има како природни и синтетски. Природните се екстрахирани од маслата на пченичните никулци и останати природни извори на витамин Е, додека синтетските се добиваат од  нафтени масла. Природните формули на витаминот се бележат со префикс “д” на името на витаминот (на пр. д- алфа-токоферол).

Мерки на претпазливост                                                                       

Предозирање со витамин Е (преку 536 мг) може да предизвика гадење, дијареа, главоболки, болки во стомакот, крварење, покачен крвен притисок, замор и намалување на функцијата на имуниот систем.  Пациенти со ревматско срцево заболување, дефицит на железо, анемија, хипертензија или тироидна дисфункција треба да се консултираат со лекар пред да започнат да употребуваат суплементи на витамин Е, затоа што витаминот Е може да има негативно влијание врз овие состојби.

Несакани дејства                                                                                          

Витаминот Е генерално добро се толерира и несаканите ефекти се ретки. Но кај некои лица кои имаат дефицит на витамин К, витаминот Е може да го зголеми ризикот од крварење. Во ваквите случаи, несаканите ефекти можат да бидат елиминирани или намалени со прваилно дозирање на витаминот Е и витаминот К.

Познато е дека високи дози на витамин Е, можат да го зголемат ризикот за рак на дојката кај мажите, иако причините за тоа се уште не се доволно разјаснети.  Препаратите на витамин  Е за надворешна употреба, можат да предизвикаат алергиска реакција позната како контактен дерматитис. Затоа треба пред употреба на препарати на витамин Е да се направи тест за сензитивност.

Интеракции                                                                                                                

Лицата кои се на антикоагулантна или антиконвулзивна терапија треба да се советуваат со лекар пред да започнат со користење суплементи на витамин Е, затоа што витаминот Е може да влијае на ефикасноста на овие медикаменти.  Исто така, важно е пациентите кои имаат закажано операција да го информираат лекарот доколку земаат суплементи на витамин Е, затоа што дејството на витаминот Е може да интерферира со дејството на други медикаменти дадени за време или пред операцијата, а исто така го продолжува времето на крварење. Неоргански суплементи на железо го уништуваат дејството на витаминот Е, затоа е потребно лицата кои земаат вакви суплементи, правилно да ги распоредат дозите во текот на денот (на пр. наутро да се зема железо, а навечер витамин Е). Високи дози на витамин А можат да ја намалат апсорпцијата на витаминот Е, и затоа е потребно правилно одредување на двете дози на витамини кај лица кои земаат суплементи од двата витамина.