Жените кои имале рак на дојка многу често го жалат и  оплакуваат губењето на својата дојка, или во најмала рака, губењето на чувството на сигурност во своето тело. Исто така тие се соочуваат и со обидот повторно да се присетат што ги правело да се чувствуваат женствено и посакувано пред нивната дијагноза. Ова не е секогаш лесно. Околината им дава големо значење на дојките, ги смета за симбол на женственост, и многу е важно за жените да го одржат чувството за себеси со цел да одбегнат да се чувствуваат ранливо или оштетено од физички и психички аспект.

Покрај физичкото здравје, многу важна работа за жените кои се соочуваат со рак на дојка и неговите последици е да обрнат внимание на својата емоционална, психoлошка и духовна благосостојба низ целиот пат на болеста. Многу често се случува фокусот и вниманието кое им се дава на тестовите, дијагнозите и третманот да ги засенат овие важни аспекти од животот.

После ракот на дојка треба да се обидеме да ја задржиме позитивната слика за нашето тело и чувството дека сме сексуално посакувани.

Докажано е дека на изборот на третман најмногу влијае возраста на жените, сликата која тие ја имаат за себе и своето тело, и стравовите со кои се соочуваат. Некои жени се одлучуваат за лампектомија со зрачна терапија наместо мастектомија поради козметички причини. Други жени избираат мастектомија затоа што сакаат областа која е зафатена да се отстрани целосно без разлика како тоа ќе влијае козметички.

Загриженоста за сексуалноста може да преставува проблем за жените кои имаат рак на дојка. Постојат повеќе фактори кои можат да предизвикаат сексуални проблеми. Важно е да се знае дека некои третмани, како што е хемотерапијата на пример, можат да ги променат хормоналните нивоа кај жените и да влијаат на сексуалните интереси.

Многу често кај жените може да дојде до намалување на желбата за секс после третманот. Жените кои пијат антидепресиви многу често чувствуваат намалување на либидото, а повеќето жени се обземени со негативни мисли и не се во состојба да продолжат да бидат сексуално активни после третманот. Жените кои се соочуваат со овие проблеми треба да се запрашаат што точно е тоа што ги попречува нивните сексуалните желби. Сосема е во ред да се запрашате дали се уште се чувствувам секси? Што чувствувам во врска со моето тело? Дали се чувствувам отфрлено од страна на партнерот? Лесно е да се најдат начини за да се решат овие проблеми кога ќе се обидете да ја откриете нивната причина.

Еве неколку позитивни работи кои може да помогнат во зголемување на сексуалното задоволство:
• Користење на вагинални лубриканти
• Антидепресиви кои не го намалуваат либидото и кои не оневозможуваат достигнување на оргазам
• Лекарства против мачнина и гадење
• Алтернативни начини на достигнување на сексуално задоволство
• Отворен разговор со партнерот

Врската со партнерот може да страда затоа што дијагнозата рак на дојка може да биде многу вознемирувачка и за него. Често пати сопругот или партнерот е збунет и несигурен за тоа како дијагнозата и третманот ќе влијаат на заедничката иднина и пројавува голема загриженост за тоа како физички и емоционално да ги искаже своите чувства после третманот. Ова посебно важи во оние случаи каде што е направена операција и кога партнерот се плаши дека може физички да ја повреди жената. Отворен и искрен разговор со партнерот за своите чувства може многу да помогне во комуникацијата.

Сексуалните проблеми се почести во случаите каде што е направена мастектомија. Губењето на едната или двете дојки може да биде многу трауматично не само за жената туку и партнерот. Најчестите сексуални последици доаѓаат од губењето на чувството на привлечност кај жената. Со отстранување на дојката жената може да почувствува дека губи дел од својата убавина и женственост. Скоро 50% од жените со дијагноза рак на дојка се соочуваат со сексуални проблеми. Меѓутоа многу е важно да се знае дека ист процент на жени на слична возраст и слично потекло и средина кои немале рак на дојка се соочуваат со истите проблеми.

Запамтете дека зрачната терапија или отстранувањето на градата неможе физички да ја намали сексуалната желба и неможе да ги намали вагиналната лубрикација, осетот во гениталиите или можноста за достигнување оргазам. Меѓутоа третманот за рак на дојка може да влијае на тоа како се чувствува жената кога е интимна со партнерот. После направена мастектомија на жената може да и биде многу непријатно кога некој ја допира во пределот каде што се наоѓа лузната, а во некои случаи некои жени никогаш повеќе неможат да уживаат кога партнерот ги допира за градите и брадавиците.

Истражувањата покажуваат дека психолошкото здравје на жената, задоволството во врската и сексуалниот живот пред дијагнозата се многу силни индикатори за тоа каков сексуален живот ќе имаат после дијагнозата.

Најчестиот виновник за нарушена сексуална функција не е губењето на дојката, туку предвремена менопауза предизвикана од хемотерапија или хормонална терапија. Најдобро е да се разговара со доктор – психолог  и да се изнајдат начини за да се реши проблемот.

Жените може да имаат голема корист од кратка сексуална терапија после нивната дијагноза, посебно ако ја направат заедно со нивниот партнер. Жените кои не се во брак или во врска исто така може да имаат корист од индивидуална терапија или терапија во група за поддршка, бидејќи е многу важно за нив да слушнат дека е возможно да започнат врска и после завршување на болеста.

Едно големо истражување покажува дека групата на жени кои имале рак на дојка и започнале нова врска претставува група која е најмногу сексуално задоволена споредено со сите други жени опфатени со истражувањето.

Жените кои се обидуваат да започнат врска после излекувањето треба да започнат со мали чекори:
• да се спријателат пред да станат интимни со некого
• да бидат искрени со потенцијалниот партнер
• да се стават себеси на местото на другиот и да се запрашаат како би се чувствувале ако партнерот им соопшти дека имал рак на простата? Дали сеуште би сакала да се гледам со него? Дали би сакала да се соочувам со медицинските и сексуалните проблеми?
• да ги држат на дистанца луѓето кои неможат да се соочат. Не дозволувајте некој кој неможе да се соочи со вашата болест да направи да се чувствувате лошо

Постарите жени не треба да се гледаат како асексуални. Повеќето жени над 65 годишна возраст остануваат сексуално активни и се грижат за својот изглед. Без разлика на годините, губењето на дојката е подеднакво трауматично искуство. Здравствените работници треба да го разберат ова и да го понудат истиот избор за зачувување на дојката кој би го понудиле и на помладите жени.

Добриот сексуален живот на жените со рак на дојка е многу важен дел од преживувањето и соочувањето. Овие жени имаат право да очекуваат и да сакаат да поминат низ болеста со позитивна слика за своето тело. Никој не сака да почувствува дека губењето на дојката значи и губење на женственоста. Секоја жена ќе си ги најде одговорите кои ги бара со свое време и на свој начин. Некои жени лесно поминуваат низ ова искуство, како ништо да не се променило, додека на некои им е потребно повеќе време да се прилагодат на своето ново тело или на новите чувства кои ги имаат за своето тело.

Како и со сите други здравствени проблеми, физичката активност може многу да помогне во достигнување на физичка и емоционална рамнотежа. Исто така носењето на лесна, женствена облека може да и помогне на жената да го поврати чувството на нормалност, благосостојба и женственост. Ако се чувствувате добро и другите луѓе ќе ве гледаат позитивно. Не постои ништо по секси од жена која зрачи со самодоверба. Ова чувство никогаш не смееме да дозволиме ракот на дојка да ни го одземе!

На фотографиите може да видите жени кои се оперирани од карцином на дојка со многу привлечна долна облека.

Ракот на дојка не ја намалува вашата вредност како жена. Учењето како повторно да се поврати задоволството и забавата во вашиот живот може да направи голема разлика во квалитетот на целото искуство. Можеби нема да почнете да се чувствувате добро во врска со вашето тело преку ноќ, но многу е важно да ја добивате поддршката која ви е потребна и да се чувате со цел да престанете да се сомневате во себеси.

Текстот е преземен од Амоена Лифе

Жени кои се оперирани од карцином на дојка со многу привлечна долна облека

Жени кои се оперирани од карцином на дојка со многу привлечна долна облека