Здружението за борба против рак “Борка-за секој нов ден”, за прв пат го одбележа месец мај –Светскиот месец за подигнување на свеста кај населението за меланомот во соработка со Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија, Скопје.
Денеска беше објавено започнувањето на изработката на проектот помеѓу Универзитетаската клиника за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје и Универзитет Мичиген, Анн Арбор- оддел за патологија. Овој проект предвидено е да трае три години. Активностите ќе се одвиваат во шест фази и во секоја од овие фази ќе бидат вклучувани релевантните институции кои работат на оваа тема, а Здружението Борка континуирано ќе ја следи и поддржува реализацијата на проектот во сите фази.
Директорката на Универзитеткската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија проф- Д-р Смилја Туџарова Ѓоргова изјави: “Основната цел за овој проект е да се размислува за употреба на нови вакцини и моноклонални антитела кои би ги намалиле метастазите кај пациентите со меланом и сето ова да биде пратено со мала токсичност и безбедност за пациентите. Заедно, во соработка со проф. Д-р Жанета Николовска Чолеска од универзитетот Мичиген, која што е лидер во областа за испитување на молекуларна таргетна антиканцер резистентна хемотерапија за малигниот меланом, ќе се обидеме оваа соработка да резултира со вклучување и достапност на современи лекови и третман кои би биле ставени на позитивната листа на лекови, покриени од Фондот за здравствено осигурување на Македонија, бидејќи станува збор за вулнерабилна група на пациенти. “
Исто така на прес конференцијата се промовираше едукативниот водич за меланом, изработен и достапен на прифатлив јазик за нашиот народ, кој содржи информации за ризик факторите и превенцијата, симптомите, начинот на преглед и самопреглед, дијагнозата и третманот за лекување.
“На пациентите со малиген меланом неопходно е да им се постави дијагноза кај општ лекар и дерматолог со добропознатата метода- дермоскопија, потоа пациентот се упатува на хирушко лекување каде што истовремено се вади и жлезда стражар во соработка со патофизиолози, верификацијата на извадениот материјал се поставува на институтот за патологија каде што соработуваме со проф. Д-р Гордана Петрушевска, пациентите со метастази се третираат на Институтот за онкологија, нашите пациенти се третираат со имунотерапија, а во терминалниот стадиум со цитохемотерапија завршуваат во последните мигови од нивниот живот. Проектот има за цел да во својата завршна фаза поттикне изградба на центар за тешки, хронични, болни и лица кои што во последните мигови од животот, кога нивните семејства не се во состојба да им ја пружат соодветната нега”- изјави проф. Д-р Туџарова.
“Здружението веќе 6 години се бори за правата и подигнување на стандардот на третман на пациентите со малиген меланом во Македонија, и како и до сега ќе се трудиме да бидеме мост помеѓу пациентите од една страна и здравствените власти и инцституции од друга страна, со цел преку заеднички дијалог да се избориме за подобрување на третманот, и имплементирање на нови, современи начини на дијагностика и третмани со докажан бенефит кај пациентите” – изјави Биба Додева, Претседател на Здружението за борба против рак “Борка- за секој нов ден”.
Согласно на податоците на Глобокан 2008, во Македонија бројката изнесува околу 170 новодијагностицирани пациенти со меланом на годишно ниво, од кои околу 80 завршуваат со фатален исход.
O коментари