Денеска во просториите на Здружението за борба против рак “БОРКА за секој нов ден” се одржа годишниот завршен состанок на членовите на извршниот одбор и собранието на  БОРКА. На состанокот се дискутираше за активностите кои беа успешно реализирани изминатава година, но беа дадени предлози за активностите кои би сакале да бидат во фокус следната година во програмата за 2020 година. 

На состанокот беше поканет министерот за здравство д-р. Венко Филипче, на кој му беше врачена благодарница за неговото несебично залагање и поддршка во реализација  на  активностите и кампањите на БОРКА, за подобрување на квалитетот на животот на пациентите кои се заболени од рак. 

“Среќни сме дека министерот за здравство ги слуша проблемите со кои се соочуваат пациентите од малигни заболувања и превзема активности за подобрување на квалитетот на живот на овие пациенти. Сведоци сме дека изминативе две години, работите почнаа да се менуваат, има достапни терапии кои во времето кога се лекуваа многу наши Борки, меѓу кои и мојата мајка, не беа достапни и требаше да се платат од свој џеб. Се работи за прескапи, иновативни терапии кои живот значат и го продолжуваат животот на овие луѓе. Се подобруваат условите за дијагностика, условите за функционирање на скрининг програмите, но и следење на овие пациенти и овозможување на психолошка поддршка.

Се промени набавката на лекови од паралелен увоз, зголемен бројот на реконструкција на дојките по и за време на мастектомија, градникот за надворешната протеза е достапен на пациентите на товар на фондот,  а од следната година очекуваме да се реализираат и ослободувањето од партиципација на овие пациенти, како и обезбедување на бесплатен превоз на пациентите кои се лекуваат на клиниките во Скопје. Но, една од најбитните работи која ќе ни биде за цел во програмата за 2020 е имплементирање на Стратегијата за контрола на ракот,  со која ќе се понудат системски решенија за превенција, рано откривање, третман и терапија, реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација, но и палијативна нега на пациентите заболени од малигни заболувања во нашата држава” – изјави Биба Додева на денешниот состанок. 

„Исклучително ми е драго што во соработка со овие прекрасни луѓе, претседателката Биба Додева и жените борки, заеднички, преку идеја и реализација ја менуваме иднината и заедно се бориме за подобро низ процесот во кој проаѓаат лицата кои се заболени од рак во Република Северна Македонија. Се подобруваат условите за дијагностика, условите за функционирање на скрининг програмите, но и следење на овие пациенти и овозможување на психолошка поддршка. Набавивме 30 нови биолошки лекови. Сите пациенти со рак на дојка ја имаат потребната терапија. Воведовме новина за двојно читање на мамографските слики, радиолозите треба да имаат искуство на читање мамографски слики од минимум 800 пациентки“, потенцираше министерот Филипче и додаде дека за првпат обезбедена е психолошка поддршка за онколошките пациенти.

Оваа соработка ќе продолжи и понатаму со тоа што  за 2020 година е предвидено отварање на Дневен центар во “БОРКА”, каде што пациентите ќе имаат можност за дополнителна консултација за нивното заболување и системска психосоцијална помош и поддршка на пациентите заболени од малигни заболувања и членовите на нивните семејства. Ние сме должни да ги охрабриме овие пациенти и нивните семејства, активно да учествуваат во одлуките за нивите третмани, да бидат информирани за својата болест, но истовремено да им пружиме психосоцијална помош и поддршка. Лекувајќи го не само телото, туку и духот и емоциите, може да направат голема разлика во нивниот живот и излекување.

Здравјето е фундаментално човеково право, така што една од нашите должности како држава е да се овозможи универзален пристап до здравствените услуги и навреме, адекватен и современ третман за сите.

Сите ние заедно сакаме и ја менуваме приказната. 

Здравјето не е цена туку тоа е инвестиција.

Со почит,

Тимот на БОРКА