[Not a valid template]

На 27.01.2011 год. во Мулти-Бизнис Центарот на Скопски Саем се одржа Втората Национална Конференција, како дел од Европската Недела за превенција од рак на грлото на матката со наслов „Дали знаете дека ракот на грлото на матката може да се спречи?“ како дел од глобалната кампања „Бисер на Мудроста“.

Г-ѓа Биба Додева, Претседател на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“ одржа уводен говор и ја објави Европската Недела за превенција од рак на грлото на матката:

„По втор пат во Македонија Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“,  како полоправен член на Европската Асоцијација за цервикален карцином (ECCA) ја организира Националната конференција за борба против ракот на грлото на  матката под мотото „Дали знаете дека ракот на грлото на матката може да се спречи?“. Исто така најавуваме пет едукативни предавања на оваа тема низ градовите во републиката и тоа во Тетово, Куманово, Прилеп, Охрид и Струмица. „Бисер на Мудроста“ е кампања за превенција на рак на грлото на матката, создадена како метод со здружени и обединети напори  поефективно: да ја подигнеме свеста за овој малигном со употреба на сите алатки кои ни се достапни во превенцијата , вклучувајќи ги тука скрининг методите и ХПВ вакцинацијата, да ги охрабриме жените целосно да ги користат овие програми и да се залагаме за имплементација на овие методи и програми кај девојките и жените насекаде“ изјави претседателката на здружението.

Д-р Јованка Костовска, Раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство, ја најави програмата за рано откривање на малигни заболувања:

„За 2011 година Министерството за здравство согласно Програмата за рано откривање на малигни заболувања ќе започне со организиран скрининг на жени на возраст од 30 – 55 години во следниве градови: Гостивар, Прилеп, Штип и Свети Николе. Од 2009 година започна задолжителната вакцинација против ХПВ кај девојчиња на 12 години и со истата постојано се зголемува опфатот. Околу 55% од девојчињата се веќе вакцинирани. Само со заеднички активности на скрининг и вакцинација за период од 10-15 години може да се намали инциденцата од рак на грлото на матката“ рече Д-р Костовска на денешната Конференција.

Г-ѓа Лилјана Поповска, Претседател на Комисијата за еднакви можности помеѓу жените и мажите во Собранието на Република Македонија имаше обраќање за искуствата при имплементацијата на превентивните мерки за борба против рак на грлото на матката:

„Подигањето на јавната свест кај жените во Република Македонија  за ракот на грлото на матката мора  значително да се зголеми,со тоа што тие би ги користеле сите  услуги за скрининг и превенција од оваа болест,каде што им се достапни.Исто така подигањето на јавната свест за оваа болест мора да се зголеми и кај политичарите во Република Македонија,со што тие би дале приоритет на реализација и имплементација на горенаведените  услуги  преку соодветните институции“ во своето обраќање изјави Г-ѓата Лилјана Поповска.

Н.Е. Г-ѓа Симоне Филипини, Амбасадор на Кралството Холандија во Република Македонија ги пренесе искуствата во Холандија во борбата против рак на грлото на матката:

„Денес во Холандија, како резултат на развојот на превентивните методи и третмани на ракот на грлото на матката, утврдено е драстично намалување на инциденцата и стапката на морталитет од оваа болест.Сето ова се должи на националните  скрининг програми кои се спроведуваат уште од од 1996 год. Во Холандија, вакцинацијата против ХПВ е бесплатна кај девојките. Најбитен момент е жените да знаат дека ракот на грлото на матката навистина може да се спречи, а превенцијата започнува со редовни скрининзи,а за младите девојки превентивните мерки од ХПВ треба да почнат со вакцинација“ изјави Н.Е. Г-ѓа Симоне Филипини.

Г-ѓа Ангела Агелер, Советник за односи со јавност, Претставник од Амбасадата на САД говореше за искуствата во САД во борбата против рак на грлото на матката:

„Оваа година, во целиот свет, повеќе од половина милион жени ќе бидат дијагностицирани со рак на грлото на матка. Оваа година, над 300.000 (триста илијади) жени ќе починат од овој вид на рак – повеќето од нив живеат во земјите во развој. Статистичките податоци се застрашувачки, бројките се огромни, а трошоците се вртоглави. Но денес од вас барам да помислите на една жена –  мајка, сопруга, сестра, пријателка. Зад сите тие огромни бројки стојат поединци, жени со име и лице, семејства и пријатели во различни заедници во целиот свет. Затоа, од вас барам да помислите на една жена чиј живот ќе се смени доколку и кажете за оваа болест и за начинот на кој може да најде помош за да се бори против тоа“ изјави г-ѓата А.Агелер

Г-ѓа Емануел Гиноф, Раководител на оперативен сектор, Претставник од Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија говореше за искуствата во земјите на Европската Унија во борба против рак на грлото на матката:

„Во Европската Унија , секоја година  3,2 милиони европјани заболуваат од рак, и тоа е втората најголема причина за смртност во Европа.Од  нив  29 % се мажи, а 23% се жени.
Кај  жените на возраст од 15-44 год.  во ЕУ, ракот на грлото на матката е втор најчест тип на рак, после ракот на дојка.Кај земјите во ЕУ кои ги спроведуваат редовните скрининзи, забележано е намалување на инциденцата и морталитетот од оваа болест.Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија врши константен мониторинг за развитокот и постигнувањата од областа на јавното здравство. Во Извештајот за прогрес на Република Македонија за 2010 година, назначено е дека одреден напредок е постигнат во превенцијата и третманите на овој тип на малигном“ изјави Г-ѓа Емануел Гиноф.

„Дали знаете дека ракот на грлото на матката може да се спречи?“
Д-р Горан Димитров , специјалист-гинеколог, одржа едукативно предавање за превенцијата и симптомите  на рак на грлото на матката Претседател на Здружението за Хуман Папило Вирус (ХПВ) на Македонија.

„Во Европа на секои 18 минути умира по една жена заболена од ракот на грлото матката.Во Македонија во 2008 год. според статистичките податоци на GLOBOCAN 2008, IARC имало 297 заболени од рак на грлото на матката. Превенцијата и раното тестирање се клучните фактори кои можат да со тек на време да ја променат  статистика кон подобро.Затоа е многу важно да правите редовни гинеколошки прегледи со ПАП тест, а доколку е потребно докторот ќе Ви препорача и тестови за ХПВ или колпоскопија и други дијагностички методи, ако наодот на ПАП тестот е сомнителен “ истакна во своето едукативно предавање д-р Горан Димитров

Ракот на грлото на матката може да се спречи!