Рак на бубрезитеРак на бубрезите е болест, при која клетките во одредени ткива на бубрегот почнуваат да растат неконтролирано и да формираат тумори. Бубрежниот карцином, кој понекогаш се нарекува хипернефрома, се јавува во клетките кои ги обложуваат бубрезите (епителните клетки). Тоа е најчест тип на рак на бубрезите. Осумдесет и пет проценти од сите бубрежни тумори се карциноми на бубрежните клетки. Wilms – овиот тумор е брзо-растечки рак на бубрегот најчесто забележан кај децата под возраст од четири години.

Опис
Бубрежниот карцином, генерално се развива во слузницата на тубулите кои ја филтрираат и чистат крвта. Рак кој се развива во централниот дел од бубрезите (каде што се собира урината и празни во уретерите) е познат и како преоден карцином на бубрежната карлица. Ракот на преодните клетки е сличен на ракот на мочниот меур. Wilms-овиот тумор е најчест тип на рак на бубрезите во детството и се разликува од ракот на бубрезите кај возрасните.

Демографија
Инциденцата на ракот на бубрезите изнесува околу 4% од сите случаи на рак. Во САД, ракот на бубрезите е деветтиот најчест рак и инциденцата е зголемена за 43% од 1973 година, стапката на смртност е зголемена за 16%. Постојат околу 20.000 нови случаи на рак на бубрезите секоја година. Постојат околу 72.000 смртни случаи годишно во светот поради рак на бубрезите. Во Македонија ракот на бубрегот се наоѓа на единаесетто место по честота, со 91 новооткриен случај на 100 000 население и смртност од 41 случаи на 100 000 население (според GLOBOCAN 2008). Ракот од бубрежните клетки претставува 90-95% од сите малигни неоплазми кои потекнуваат од бубрезите. Ракот на бубрезите се јавува најчесто кај мажи на возраст над 40 години. Средна возраст на дијагностицирање е 65 години. Мажите имаат два пати поголеми шанси од жените да добијат рак на бубрегот.

Причини и симптоми
Причините за појава на рак на бубрезите се непознати, но постојат многу фактори на ризик поврзани со рак на бубрезите. Фактори на ризик, наведени од најчести до најретки вклучуваат:
• болеста на von Hippel-Lindau
• хронична дијализа
• дебелина
• пушење цигари
• роднина од прв степен со рак на бубрезите
• хипертензија
• работници во хемиско чистење
• диуретици (не-хипертензивна употреба)
• изложеност na trichloroethylene
• голема употреба на phenacetin
• полицистични бубрежни заболувања
• изложеност на кадмиум
• изложеност на арсен
• азбестоза

Најчестиот симптом на рак на бубрезите е крв во урината (хематурија). Други симптоми вклучуваат болно мокрење, болка во долниот дел на грбот или од страните, абдоминална болка, грутка или тешка маса која може да се почувствува во пределот на бубрезите, необјаснето губење на тежината, треска, слабост, замор и висок крвен притисок.

Дијагноза
Дијагностички преглед за рак на бубрезите вклучува земање на детална анамнеза и правење на целосен физички преглед при кој лекарот ќе го палпира абдоменот за појава на грутки. Лабораториските тестови може да покажат абнормални нивоа на железо во крвта. Ниски црвени крвни клетки (анемија) или високи црвени крвни клетки (еритроцитоза) може да го придружуваат ракот на бубрезите. Повремено, пациентите имаат високо ниво на калциум.

Доколку лекарот се сомнева во рак на бубрезите, интравенска урографија (исто така наречена пиелограм или IVP) може да се направи. Еден IVP е тест со x-зраци при кој боја се инјектира во вена на раката. Бојата патува низ телото и кога е концентрирана во урината која треба да се исфрли, таа ги истакнува бубрезите, уретерите и мочниот меур. На рентгенската слика, бојата ќе ги открие сите аномалии на уринарниот тракт. IVP може да ги заобиколат малите тумори на бубрегот.

Бубрежен ултразвук е дијагностички тест во кој се користат звучни бранови за да се формира слика на бубрезите. Ултразвукот е безболна и неинвазивна постапка која може да се користи за да се детектираат дури и многу малите тумори на бубрегот. Imaging тестовите, како компјутеризираната томографија (КТ) и магнетната резонанца (МРИ) може да се користат за да се оценат бубрезите и околните органи. Овие тестови се користат за да се провери дали туморот се шири надвор од бубрезите во други органи во абдоменот. Ако пациентот се жали на болки во коските, посебно рендгенско скенирање може да се направи за да се отфрли ширење во коските. Рентгенска снимка на градниот кош може да се направи за да се исклучи ширење во белите дробови.

Бубрежна биопсија се користи за да се потврди дијагнозата на рак на бубрезите. Во текот на оваа процедура, мало парче ткиво се отстранува од туморот и испитува под микроскоп. Биопсијата ќе даде информации за видот на туморот, клетките кои се инволвирани и агресивноста на туморот (стадиумот на туморот).

Одредување на стадиумот
Насоки за стејџирање на рак на бубрезите се следните:
• Стадиум I: примарниот тумор е 5 cm во најголемиот дијаметар и е ограничен само на бубрегот, без зафатеност на лимфните јазли
• Стадиум II: примарниот тумор е поголем од 5 cm во најголемиот дијаметар и е ограничен само на бубрегот, без зафатеност на лимфните јазли
• Стадиум III: примарниот тумор може да се прошири во главните вени или инвадира во надбубрежните жлезди или перинефритичното ткиво, но не надвор од фасцијата на Gerota. Може да има метастази во поединечни лимфни јазли.
• Стадиум IV: примарниот тумор инвадира подалеку од фасцијата на Gerotа. Метастази има во повеќе од еден лимфен јазол. Можни метастази во далечните структури на телото. 

Третман

Tретманот кај секој човек е различен и зависи од повеќе фактори. Локацијата, големината и степенот на туморот мора да се земат во прилог на возраста на пациентот, општата здравствена и медицинска историја. Примарен третман за рак на бубрезите, кој не се проширил на други делови од телото, што е стадиум I, II, или III, е хируршко отстранување на заболениот бубрег (нефректомија). Бидејќи повеќето канцери опфаќаат 
само еден бубрег, пациентот може да функционира добро со останатиот. Два типа на хируршка процедура се користат. Радикална нефректомија значи отстранување на целиот бубрег и на околните ткива. Понекогаш, лимфните јазли околу бубрезите исто така се отстрануваат. При делумна нефректомија се отстранува само дел од бубрезите, заедно со туморот. Оваа процедура се користи било кога туморот е многу мал или кога не е практично да се отстрани целиот бубрег, а тоа е кога пациентот има само еден бубрег или кога и двата бубрези имаат тумори. Нефректомија исто така може да биде корисна за стадиум IV на рак, но алтернативни хируршки процедури, како што трансартеријална ангиоинфаркција може да се користат.

Терапијата со зрачење, која се состои од изложување на клетките на ракот на високо-енергетски гама зраци од надворешен извор, генерално ги уништува клетките на ракот со минимална штета на нормалното ткиво. Несаканите ефекти се гадење, замор и стомачни тегоби. Овие симптоми исчезнуваат кога третманот е завршен. Кај рак на бубрезите, радијационата терапија се покажа за олеснување на болката и крварењето, особено кога ракот е иноперабилен. Меѓутоа, таа не покажа дека е од голема корист во уништувањето на клетките на ракот на бубрезите. Затоа зрачната терапија не се користи многу често како третман за рак или како рутинска адјувантна терапија при нефректомија. Радиотерапијата, сепак, е корисна за справување со метастатски рак на бубрезите.

Третман на рак на бубрезите со анти-канцер лековите (хемотерапија) не даде добри резултати. Сепак, нови лекови и нови комбинации на лекови продолжуваат да бидат тестирани во клинички испитувања.

Имунотерапија или имунолошка терапија, еден вид на третман во кој имунолошкиот систем на организмот е ангажиран да помогне во борбата против ракот, е нов режим на терапија која се тестира за рак на бубрезите. Клинички испитувања со супстанци произведени од страна на имуните клетки алдеслеукин и интерферон, покажаа некои ветувања во уништување на клетките на ракот на бубрезите. Овие супстанции се одобрени за употреба, но тие можат да бидат многу токсични и да произведат сериозни несакани ефекти. Придобивките кои произлегуваат од третманот треба да се проценуваат многу внимателно во однос на несаканите ефекти за секој случај поединечно. Имунотерапијата е системска терапија која најмногу ветува за метастатски рак на бубрезите.

Прогноза
Бидејќи рак на бубрезите често се открива рано, а понекогаш и напредува бавно, шансите за хируршко излекување се добри. Исто така е еден од ретките случаи на рак за кој постојат добро документирани случаи на спонтана ремисија без терапија.

Клинички испитувања
Постојат многу клинички испитувања за проучување на нови видови на терапија со зрачење и хемотерапија, нови лекови и комбинации на лекови, биолошка терапија, начин на комбинирање на различни видови на третман за рак на бубрезите, пропратни ефекти, намалување и подобрување на квалитетот на животот. Имуностимулаторните агенси и техниките на генска терапија кои ги менуваат туморските клетки, соединенијата за антиангиогенеза, циклин-зависни киназа инхибитори и диференцирачки агенси се тестираат како можни терапии.

Превенција
Точната причина за рак на бубрезите не е позната, па поради тоа не е можно да се спречат сите случаи. Сепак, бидејќи постои силна поврзаност помеѓу ракот на бубрезите и тутунот, избегнување на тутунот е најдобар начин да се намали ризикот од развој на овој рак. Користење на заштита при работа со канцерогени агенси како што се азбест и кадмиум и јадење добро балансирана исхрана, исто така, може да помогне во спречување на ракот на бубрезите.