Здравиот човек има многу желби. Болниот само една – да оздрави. И ова би била излитена фраза доколку многумина кои биле ставени на животен тест не го почувствувале здравствениот проблем  на своја кожа. Костадинка Филчева е поранешен благајник во трговска фирма во Струмица. Има 56 години и денеска е невработена. Но, тоа не ја засега како што можеби би ја депримирало пред околу 6 години. Тогаш почнува нејзиното патешествие – борбата со ракот на дојка, кој го открила сосема случајно, со самопреглед кој и изгледал наивно, но медицинските резулати го покажале спротивното. Во прашање бил нејзиниот живот, судбина, надеж…

“Приказната за мојата болест почнува пред 6 години. При еден самопреглед напипав една грутка во дојката. Реагирав брзо, отидов на ехо, па на биопсија. Резулатот беше фиброаденом. Значи првично не беше страшно. Веднаш решив и се оперирав во Струмица. По долго чекање на резултатите што претставува најболна точка за пациентите, бидејќи немаме доволно патолози, мислејќи дека ќе се потврдат резултатите од првата биопсија се случи она на што не се надевав. Резултатите од операцијата покажаа дека се работи за карцином. Кога ми ги соопштија истите се сеќавам дека првите минути беа вистински шок за мене. Разочарување. На тоа се сеќавам и денес. Но, како што минуваа минутите и часовите станував бесна, па борбена, и си ветив дека ќе направам се да ја победам оваа болест”, вели Костадинка Филчева за Фактор.

После мастектомијата во Скопје резултатите на нејзина радост биле  добри. Поминала само со хормонска терапија која ја користи и денес. Редовно оди на контрола на ехо на дојка и редовно посетува гинеколог. Во блиските кругови ја знаат како Кети. Ведра, насмеана и позитивна и полна со животна енергија. Бидејќи знае што значи да ја живееш секоја минута како последна. Голем број од жените кога ќе чујат за болеста, се откажуваат уште непочнати со  борбата. А тоа е, според Кети, најголемата грешка. Бидејќи разочарувањето носи депресија и пропаст, а тогаш не може многу да се помогне.

“Помошта што ја имав од тимот на Борка ми беше непроценлива. Затоа и јас решив да се ангажирам како волонтер во мојата родна Струмица. Да им помогнам на оние жени на кои тоа им е потребно. Денес јас се чувствувам прекрасно. Го живеам секој дел од денот, им се радувам на моите три внучиња. Се она што можеби порано ми пречело сега не го ни приметувам.  Му се радувам на секој нов ден и затоа не залудно е логото на нашето здружение Борка – ЗА  СЕКОЈ НОВ ДЕН!”,вели Филчева.

Црна статистика – за една година 1.152 новозаболени жени од рак на дојка!Активностите  за подобрување на психолошката и здравствената состојба на жените болни од рак на дојка се насочени кон едукација на граѓаните со цел да се подигне јавната свест за рано откривање на ракот. Колку порано се открие, толку се поголеми шансите за целосно оздравување. Статистиките на Меѓународната агенција за истражување на ракот „ГЛОБОКАН“ за 2012 година велат дека  во Македонија се регистрирани 1.152 новозаболени од рак на дојка, од кои околу 400 починале. Оваа поразителна, но и реална бројка, според Филчева, треба да го вклучи алармот и да го разбуди стравот, но и одговорноста кај жените за своето здравје. Она што разочарува е фактот што се намалува и старосната граница на заболените, па така најмладата пациентка со рак на дојка има само 19 години!

“Јас сум координатор на Борка за градот Струмица. Кај нас членуваат околу 40 жени и уште огромен број на подржувачи. Преку едукативни трибини со познати доктори, онколози, гинеколози, торакални хирурзи ги запознаваме жените со новите достигнувања на медицината и новите предизвици исправени пред болеста. На средбите сме насмеани, релаксирани. Сите ја делиме истата или слична судбина. Си помагаме, се подржуваме. На жените со понизок социјален статус им даваме перики кои им се потребни за хемотерапија. Во Струмица имаме добар мамограф и добар и одговорен лекар радиолог, д-р Кирил Николов на кого сме му благодарни за професионалноста и посветеноста”, додава Костадинка Филчева.

Манифестацијата “Напред розово-чекори против ракот на дојката”, која се одржува денеска, треба да ја разбуди свеста кај младите и воопшто кај жените кои сакаат да си помогнат себеси и своето семејство. Целта е, потенцира Филчева, да се  извадат надвор оние кои молчат за својата болест – болните оперирани,  но и здравите подржувачи,  затоа што сите се потенцијални пациенти или имаат некој заболен во својата близина. Дејствуваат  заедно бидејќи целта  е иста. Костадинка Филчева преку својот личен  пример, преку својата животна приказна им  порачува на сите жени да не губат надеж.  Уште утре да го направат својот прв или следен контролен преглед, да  прават редовно самопреглед на градите, бидејќи само така можат да го сочуваат своето здравје.  Само здрави ќе бидат успешни на своите работни места, добри сопруги, мајки, баби. Кампањата за борба против ракот на дојка „Напред розово 2014 – чекори против ракот на дојка“ по шести пат  се одржува  во Градскиот парк кај Школка. Собир  кој  треба  да ги мотивира и поттикне сите  барем за миг да размислат за себе и своето здравје, а не кога веќе  ќе биде доцна. Б.С.

Преземено од ФАКТОР