(ПОСВЕТЕНО НА МОИТЕ ДРУГАРЧИЊА, ТАМУ НЕКАДЕ, ГОРЕ)

Здраво драги мои, се надевам сте ми добро, здрави, весели, насмеани во летните денови. Овој трет дел одлучив да го посветам на моите другарчиња, оние кои се таму некаде, горе. Секогаш кога ќе помислам ми се стега срцето, немам објаснување, само страв. Може ли да постои разумно објаснување за згаснувањето на еден млад живот?! Не.

Приказната започнува вака…

Кога слетав во Германија и пристигнав во Фленсбург, ме пречека Филип, јас милувам да го викам Фичи, како брат ми. Зошто тој ми беше како братче. Млад дечко, полн со живот и прекрасен човек, човек кој на сите ни помагаше со целото свое срце. Зборуваше одлично германски и работеше во Германија, но по потекло од Босна. Доколку не ми кажеше, никогаш немаше да помислам дека е болен, леукемија. Како што поминуваа месеците, се дружевме, станавме многу блиски со неговата фамилија, посебно со тета Мирјана, мајка му. Секој ден бевме заедно. Тие беа симбол за позитивна енергија и убава мисла. Фичи влезе во изолација за трансплантација, но поради одредени компликации мораше подолго да остане во болница. Во меѓувреме и јас влегов во изолација, на 25 август 2016. Ме уклучија на хемотерапија и оппппп, ми стигнува СМС. Фичи ми пишува од интензивна нега: „ Јанче, да ти посакам среќа и сето тоа брзо да го решиш и да остане зад тебе. Среќно! “ И тогаш се договоривме дека откако ќе излеземе од болница, ќе се собереме цела екипа и ќе одиме на скара. Добив уште една порака на 31 август, полна со надеж и прекрасна мисла. Фичи беше поискусен од мене, нему му беше втора трансплантација, за жал. Како што поминуваа деновите, на први септември мене ми ги вратија клетките, беше многу потешко. После висока доза на хемотерапија, кревав висока температура, ми се оштети слузокожата на устата и грлото и со денови бев на инфузија и вештачка храна, сите можни нус појави ми се појавија, но тоа се издржува. Она што ми беше најтешко беше стравот. Цело време чувствував некој немир, не можев да спијам, имав несоници бидејќи ми беше страв ако ги затворам очите, може да умрам. Го сонував татко ми, тетин ми, секое утро барав во соновник што значи тоа да зборувам во сон со луѓе што сум ги изгубила. Огромен страв, огромен немир … секое утро и секоја вечер се молев на Бог да не чува сите нас, се молев на глас.

Тој ден, 12 септември, мајка ми беше многу чудна. Влезе во соба, излезе, повторно влезе, па повторно излезе. И имав кажано да купи бонбони и едно перниче со смајли, да се качи на четврти спрат каде што лежеше Фичи, тета Мирјана секогаш беше покрај него, и да ги однесе од нас како подарок за неговата храброст. Ништо не ми спомна за тоа. А јас знаев. Само пред неколку дена гласот на тета Мирјана беше поинаков. Докторот им беше кажал да се подготвени. Ми стигна порака од едно другарче од Србија, се плашев да ја прочитам. Доктор Менсел и кажал на мајка ми ништо да не ми кажува, бидејќи тој ќе ме извести, полека. Беше касно. Видов на фејсбук, тој ден го изгубивме Фичи. Беше страшно. Сите ние, пациентите од Балканот, докторите, сестрите, целата негова Босна, бевме во шок и неверување. Првиот ангел ни одлета!

Поминаа месеци, изгубивме уште две другарчиња.

Вториот ангел, млад, битолски боем, како што доликува за најбоемскиот град во нашата земја :) Се сеќакам кога пристигна во Фленсбург со својата фамилија, веднаш се здруживме, бевме  одлична екипа, се смеевме, си помагавме, заедно чекоревме кон победа. Понекогаш знаев и да го искарам, да му кажам да не се занесува, јас како повозрасна :) , а со Мартин го чекавме да се ожени зошто ни беше најзаљубен и со нетрпение чекаше да се врати во својата Битола. И се врати. Додека бев во изолација ми напиша: „ Јана, ајде уште малку, па кога ќе дојдам во Охрид, ќе те носам на кафе во Ликвид “ :) хехехехе Никогаш не го испивме кафето. Вториот ангел ни одлета!

Драги мои, имам една пријателка, дел од нашата Фленсбург фамилија, мајка на две малолетни деца, жена лавица, пример за борбеност и љубов. Се запознавме Германија, нејзиниот сопруг имаше трансплантација. Таа е жена која не застанува, мајка од која треба сите да научиме како се сака својот животен партнер. Жена која со своите постапки ни докажа дека она „ во добро и во зло “ значи многу. Секогаш со насмевка на лицето ќе ни кажеше: „ толку многу поминавте, сега е крајот, уште малку и сите ќе се вратиме дома“. Тие се вратија една недела после мене. Требаше заедно да одиме на првата контрола. Во меѓувреме слушнав дека настанала некоја компликација, па тој ден се јавив да прашам како ни е другарчето и дали нашле смештај во Фленсбург. Таа ми одговори со едно „АЛО“, но низ солзи. Кога ја прашав што се случува … третиот ангел ни одлета!

Драги мои, не сакам да звучам како некој филозоф. Секој на свој начин го доживува животот. Она што можам од моето искуство во оваа борба за живот да го споделам со вас е следно: љубете силно, не ја чувајте љубовта само за себе. Таа треба да се каже, да се покаже. Не, нема време. Зошто тоа е животот, полн изненадувања, добри и лоши. Самиот не учи како понатаму, со кого понатаму. Животот може да НЕ трпи неискажани емоции, себичност, злоба. Онаа љубов која не се надоградува има рок на траење. Затоа не прифаќајте ништо помалку од ЉУБОВ. Само човек кој се откажал да љуби, е несреќен човек, зошто само љубовта може да не разбуди со насмевка на лицето, само таа останува кога сè друго завршува.

А вие, наши ангели на небото, вие кои бескрајно го љубевте животот, чувајте не. Ние секогаш ќе се сеќаваме на вас ! И оваа борба Ви ја посветувам Вам !

Засекогаш Ваша,

Јана