Драги мои, се надевам сите сте ми добро, здрави, среќни, заљубени :) Јас имам една професионална деформација, многу зборувам :) па еве ме повторно со втор дел од мојата приказна.

Долга е патеката на малигните заболувања. Треба многу да се оди, многу да се издржи, многу солзи, насмевки, исчекувања… и кога само ќе помислите дека е готово, дека најтешкото поминало, се соочувате со периодот од една до друга контрола. Треба многу да се внимава, трпеливо да се чекори во насока на победа. Првите две години после лекувањето се најризични, тоа мора да се акцентира. Драги мои другарчиња кои сте на почетокот на оваа борба, можам да ви кажам дека најголемата нервоза произлегува од неизвесноста и од немоќта веднаш да се вратите на ритамот на живот што сте го навикнале. Но, секој ден е нова лекција. Со секој нов ден вие се менувате, станувате нова, подобра личност, похрабра, поемотивна, позрела … но, мора да се внимава. Во овие болести не постои простор за емоции, не постои простор за грешки. Обична инфекција може да ве уништи. Прифатете ја болеста и дозволете другите да ви помогнат. Бидете дисциплинирани и храните се здраво. Секое утро расположите се со некоја физичка активност во зависност од тоа колку енергија имате. После секоја хемотерапија почастите се себеси, купите си некоја ситница што ќе ве направи среќни, девојки посебно вие :) Не бидете тврдоглави и слушајте го својот организам. Искажувајте ги емоциите, плачете кога ќе ви дојде. Ако чувствувате потреба, разговарајте со психолог, ќе ви помогне. Ако не можете да функционирате како претходно, прифатете го тоа. Ако не можете да водите љубов како некогаш, разговарајте со вашиот сакан/а и прифатете го тоа. Во оној момент кога ќе прифатите дека сте болни, токму во тој момент драги мои, ќе видите колку всушност е прекрасен животот. Тогаш ќе добиете желба да се борите како лавови, за да ги доживувате сите оние моменти што значат живот. Токму тогаш болеста не ви може ништо. И молите се на Бога, молите се секој ден, верувајте и љубете со целото свое срце.

А како јас го поминувам периодов? Добро сум, супер, јуначки. Во мај заминувам на втора контрола и се надевам на уште подобар резултат. Времето е прекрасно, па прошетките во нашиот Балкански Ерусалим, покрај преубавото наше езеро се величенствени. Е сега, кога на тоа ќе додадете кафенце со најмилите, што друго би посакале? :) И моите другарчиња, моите борци, се добро. Со нетрпение чекам да се вратат од Фленсбург, па да се гушнеме сите заедно и победничка журка следува, но безалкохолна хахахаха :) Во ред, проф. Басара дозволува чаша црвено вино! Хахаха

Април месец ќе биде месец на убави вести. Прво, мојата Натушка ќе ме направи најсреќната тетка на светот. Со оглед на тоа што денот кога беше нејзината свадба мене ме отпуштија од болница, од операција, замислете баш тој ден L, е сега ќе следуваат две чаши вино со мекиците J Мојот Сашо ја предава скицата за докторатот и ќе не израдува со уште една премиера, горда сум многу на него. Исто така, ќе го завршам курсот по германски јазик, А1 ниво. Проф. Басара, жената на која го должам мојот живот доаѓа во Скопје на конгрес, обавезно ќе одиме со мојата екипа борци. А можеби ќе имам прилика јас, како професионален туристички водич, да и ги покажам убавините на нашата Македонија. Хммм што друго да ви кажам? Заљубена сум во континуитет, секој месец, секоја минутка :)

Се приближува Велигден, голем христијански празник. Среќна сум бидејќи ќе го славам дома. Минатата година, јас и мојата фамилија од Фленсбург го прославивме со хемотерапија, но и од тоа искуство научивме нешто многу вредно, колку навистина одредени денови во годината треба да се посветат на значењето на љубовта и на искрената поддршка. Морам да ви опишам J Малтезер клиниката е како мозаик на народи од Балканот. Сите млади, полни со живот, искрени, позитивни и во најтешките моменти. Бевме неколку души што примавме хемотерапија во исто време, плус посети од нашите другарчиња кои амбулантски ги примаа терапиите. Фоајето на трети спрат на одделот за онкологија и хематологија се викаше: „Кафе Балкан“. Тоа дека бевме најгласни мислам дека не треба да го потенцирам J хахахаха Сигурна сум дека секој од нас се прашуваше „кога дома“ гледајќи низ прозорите од болницата, но сите се шегувавме, се смеевме, тој ден нарачавме малку побогата храна (не ви препорачувам ако примате хемо, не, не), а морам да признаам дека нашите родители јунаци не израдуваа со црвени јајциња. Важно е тој ден да се прослави со љубов, а кога таа љубов е искрена и доаѓа од срцето, ќе направи да заборавите на местото каде што се. Затоа драги мои, запомнете ја оваа, еве нека биде велигденска порака од мене и моите другарчиња: „Сакајте искрено и со целото срце, бескрајно почитувајте ги вашите родители и учете ги вашите деца на бескрајна љубов, бидете трпеливи, запишете се на спорт и јадете здраво, секој ден најдете барем пет минути за луѓето кои ви значат, купете кученце хахаха, гушкајте се, водете почесто љубов, радувајте се на животот и тогаш кога мислите дека е сè готово“. Ова е едноставен рецепт за здрав живот, од нас кои сеуште се бориме за него.

Ве гушкам силно и ви пожелувам безброј насмевки драги мои,со убави мисли до сите вас.

Се надевам за брзо со „Живот-трет дел“ :)

Јана