Групата која е формирана на фејсбук „Превод кога е најпотребен“ одговори на неколку наши прашања поврзани со бесплатниот превод на медицинска документација. Во групата се преведува документација на 18 јазици од 140 преведувачи. Здружението „Борка за секој нов ден“ силно ја поддржува оваа иницијатива и овие општествено одговорни луѓе.

Во продолжение ќе можете да прочитате која е целта на оваа група, што точно работат, како дошле на идејата за вакво нешто како и нивни контакт на кој ќе можете да ги побарате.

– Целта на Групата „Превод – кога е најпотребен“  е превод на медицинска документација наменета за лекување или консултации со медицински установи надвор од државава. Под медицинска документација се подразбираат документи кои содржат анамнеза, дијагноза, терапија, болнички протоколи, отпусни листи, напатствија и препораки за натамошно лекување на пациентот. Нашата работа како администратори (Стефанија, Љубинка и Светлана) е да ја олесниме комуникацијата меѓу барателот на превод и преведувачите, во исто време штитејќи ја приватноста и на барателот и на преведувачот. Дополнително, постојано ја ажурираме базата на податоци на пријавени преведувачи, правиме статистичка обработка на преводите, се во насока што побрзо да одговориме на барањата за превод.

Како дојдовте на идеја за бесплатни преводи?

– До идејата дојдовме случајно, во дискусија на слична тема на социјалните медиуми заклучивме дека голем дел од нас веќе преведуваат медицинска документација без да го наплатат преводот, само што не сме биле организирани. Ветив дека ќе ја направам групава, и идејата – колку и да беше случајна, сега е реалност, успешна реалност.

Која е вашата цел/мисија?

– Нашата цел е да го олесниме патот кон подобро здравје на барателите. Свесни сме за лавиринтите, бирократијата и процедурите кои што треба да ги помине секој кој што би се лекувал во странство, згора на тоа, потребни се многу финансии. Доколку олесниме барем дел, поедноставиме лавиринт, помогнеме со збор, нашата мисија е исполнета.

Колку членови од оваа група работат на преводите?

– Групата е формирана на 25 јуни 2019 година, за ова кратко време во Групата може да се преведува документација на 18 јазици од 140 преведувачи. Сепак, мора да нагласам дека преведувачите не се само јазичари, туку има и постојани судски преведувачи кои се доктори на пример. Помошта и поддршката од докторите во групата е од огромна важност за нас и во оваа прилика искажувам немерлива благодарност до секој член на групата кој на било кој начин помогнал да ја оствариме нашата мисија.

Кој се може да побара и да добие превод и каква е процедурата за барање за превод?

– Секој граѓанин може да побара превод во Групата, групата е отворена за нови членови и бројот на членови секојдневно расте.

– Постои едноставна процедура за барање односно добивање на превод: барањата за превод, заради заштита на приватноста на барателот, се доставуваат на електронската адреса mkdpreveduvaci@gmail.com. Документите кои што треба да бидат преведени пожелно е да бидат во PDF формат, скенирани документи, наместо фотографии од документи со цел да се што почитки. Документот за превод мора да содржи име, презиме и датум на раѓање на пациентот. Пораката треба да содржи информација за јазикот на кој треба да биде извршен преводот, рок на извршување на преводот, сродство со пациентот на кој што се однесува документацијата и евентуалната потреба преводот да биде судски.

– Дополнително, би нагласиле дека од пракса и заради итноста на преводите, пожелно е документот да биде што пократок; Доколку докторот не може да издаде пократок документ, пожелно е да сугерира кој извештај од лабораториска анализа е полезен за натамошното лекување, со маркер да обележи кои делови од документот се важни… се во насока на што побрзо извршување на преводот.

Доколку некој има потреба како да дојде до ваш контакт? 

– Групата се пребарува на Facebook: „Превод – кога е најпотребен“, електронската адреса на групата е mkdpreveduvaci@gmail.com

– Поврзувањето со Групата е преку следнава врска: https://www.facebook.com/groups/617171338806207

– Благодарност до Борка за поддршката на нашата Група. До сите читатели на ова интервју упатуваме желби за добро здравје, убави мисли и многу насмевки во Новата 2020 година.