Различните хемотерапевтски лекарства предизвикуваат различни несакани ефекти. Важно е да запаметите дека скоро сите несакани ефекти се само краткотрајни и постепено ќе исчезнат по завршување на лекувањето. Во прилог следи вториот дел од текстот кој има за цел да помогне да бидат полесно разбрани несаканите ефекти од хемотерапијата.
  • Влијание врз нервниот систем – Некои хемотерапевтски лекарства можат да влијаат на нервите на рацете или нозете. Може да причини трпнење, нечуствителност или чувство на боцкање. Состојбата е позната како периферна невропатија. Ако чувствувате вакви симптоми кажете му на лекарот. Обично симптомите престануваат кога ќе престане хемотерапијата, но ако тоа е во голема мера, може да настане трајно оштетување на нервите. Вашиот лекар треба да ја следи состојбата и доколку е потребно да ги промени лекарствата, ако состојбата се влоши.
Некои лекарства може да предизвикаат анксиозност и немир, вртоглавица, несоница или главоболки. Некои луѓе исто така имаат потешкотии да се концентрираат на било што. Ако имате било кој од овие несакани ефекти, кажете му на лекарот кој може да ви помогне за олеснување на состојбата.
Некои лекарства може да придонесат да не можете да слушате високи фреквенции. Тоа може да ви причини постојано зуење во ушите (тинитус), кое може доста да ве вознемирува. Ако забележите ваква промена, пожелно е да се јавите на лекарот.
  • Влијание на слузокожата на внатрешните органи – Некои лекарства може да предизвикаат разранување на устата, со појава на афти. Обично тоа може да стане пет до десет дена по примање на лекарствата и да исчезне во рок од три до четири недели. Лекарот може да ви препише течности за плакнење на устата. Редовно миење на забите со мека четка ќе помогне да ја одржувате устата чиста. Ако устата е многу разранета може да се користат гелови, масти и креми со кои ќе се мачкаат афтите, за да се намали разранетоста.
  • Влијание на кожата и ноктите – Некои лекарства може да придонесат за сушење на кожата или лесно перутање и може да влијае при пливање, особено ако водата е хлорирана. При појава на какви и да било осипи на кожата треба да се извести лекарот. Лекарствата може да направат кожата да е почуствителна на сончева светлина, за време и после лекувањето. Заштитете ја кожата со носење на шапка, очила за сонце и пошироки алишта, како и заштитен крем за кожата која е изложена на сонце.
Ноктите може да ви растат побавно и да забележите појава на бели линии. Можно е да бидат и покршливи и да се лупат. Некогаш може да се промени формата и бојата на ноктите и да станат потемни или побледи. Вештачки нокти или лак за нокти може да ги покријат белите линии.
  • Влијание на мускулите и коските – Некои лекарства кои влијаат на нервниот систем може да предизвикаат вкочанетост на прстите на рацете и нозете, како и жештина, немање на сила, трпнење и неосетливост. Во ретки случаи може да има губење на рамнотежа, отежнато држење на предмети или болка во телото. Некои лекарства влијаејќи на мускулите може да предизвикаат слабост. Ако имате вакви симптоми бидете внимателни ако користите алатки кои се остри. Користете бастун за качување по скали. Обувките треба да ви бидат удобни и по мерка.
После завршување на лекувањето, овие симптоми исчезнуваат и многу ретко остануваат доживотно.
  • Намален имунитет – можност за бактериски и габични инфекции
Со оглед на тоа дека хемотерапијата го намалува бројот на бели крвни зрнца (леукоцити) кои се борат со микробите, тие многу полесно може да предизвикаат болести. Референтната (дозволени граници) стапка на леукоцити во крвта се движи во интервал од 4.000 – 9.000. Промената на бројот од 1.000 – 3.000 е очекувана за време на лекувањето и не треба да се вознемирувате. Микробите кои предизвикуваат инфекции, обично постојат во организмот (во цревниот тракт), на нашата кожа, но не наоѓаат поволна средина за настанување на инфекција. Кога бројот на леукоцити ќе падне под 1.500, овие микроби наоѓаат многу поволни места за болести. Освен тоа, може да останете без заштита и од микробите од надворешната средина и затоа мора да внимавате како никогаш до сега. Не се бакнувајте и не контактирајте со заразени луѓе. Во деновите кога показателите ви се ниски, избегнувајте места со многу луѓе и места кои се затворени.