Хемотерапијата може да се дава на неколку различни начини, во зависност од видот на онколошкото заболување и хемотерапевтските лекарства кои ги користите.
Најчесто таа се дава со инјектирање во вена (интравенозно). Некои лекарства се даваат како таблети или капсули (перорално), а други се инјектираат во мускул (интрамускулна инјекција) или под кожата (субкутана инјекција).
Лекарствата дадени на овој начин се апсорбираат во крвта и се пренесуваат низ цело тело, за да стигнат до сите туморски клетки.
Кај некои видови на онколошки заболувања хемотерапијата може да се инјектира во цереброспиналната течност на р`бетниот столб (интратекална инјекција). Понекогаш, хемотерапијата може да се инјектира и во поединечни телесни празнини (како карличната празнина или мочниот меур), тоа се вика интрацеребрална хемотерапија.
Лекарствата дадени на ваков начин имаат тенденција да останат во таа област каде што се дадени и да не се шират во клетките од други делови на телото. Кај некои видови на рак се користи високо дозна хемотерапија.

Бидејќи многу високи дози на хемотерапија ја оштетуваат коскената срж (која произведува крвни зрнца), кај пациентите на кои им предстои трансплантација, ваквата виокодозна хемотерапија се користи по завршување на процедурата. Трансплантација е процедура која се прави со користење на матични клетки, кои се земаат од коскената срж или крвта. Таа може да биде сродна и несродна – клетки кои се земаат од пациентот или од некој друг донатор чии што клетки одговараат на примателот. Такво лекување е делотворно само кај некои видови на рак, како леукемија и лимфом – Хоџкинов лимфом и Нехоџкинов лимфом. За повеќе информации а трансплантација обратете се кај хематолог – специјалист за болести на крвта.
СМЕЕТЕ ЛИ ДА ПРИМАТЕ ДРУГИ ЛЕКАРСТВА ЗА ВРЕМЕ НА ХЕМОТЕРАПИЈАТА?
Општо правило е дека хемотерапијата не е пречка да се примаат лекарства и за други причини (дијабетес, хипертензија, срцеви заболувања, за намалување на болки). Но, треба задолжително да се консултирате со лекар, не само за овие, туку и за било кои други лекарства кои треба или сакате да ги земете, колку и да ви изгледа дека тоа е безопасен лек. Кога вашето семејство или некој близок ќе дознаат за вашата терапија, може да ве советуваат да земате разни производи, витамини, додатоци на храна, суплементи и лекарства кои им се чинат дека се добри за вашето здравје.
Здружението „Борка“ ви напоменува дека за време на вашата хемотерапија пожелно е да се консултирате со вашиот лекар онколог, доколку сакате да земете некои други лекарства кои не се препишани од вашиот лекар.