Од карцином на грло скоро два пати почесто заболуваат мажите во однос на жените. Најчесто се пациенти кои се во средна и старечка возраст (помеѓу 50 и 70 години). Иако во последниве години забележан е значителен раст на појавата на карцином на грло кај помладата популација и се почеста e појава на карциномот и кај жените.

Кој се најчестите симптоми за болеста:

  1. Засипнатост или промена на јачината и на бојата на гласот
  2. Отежнато или болно голтање
  3. Чувство на страно тело во грлото
  4. Оток на самиот врат
  5. Отежнато дишење
  6. Непријатен мирис од устата
  7. Болки во ушите
  8. Губење на телесната тежина во краток временски период

Како се воспоставува дијагноза на карцином на грлото?

Доколку се појават некои од наведените знаци на болеста, потребно е секој пациент да се обрати до својот матичен лекар. Понатаму се врши преглед на грлото со помош на ларингоскоп или со други ендоскопски инструменти. Се врши земање на примерок од променетото ткиво (биопсија) и со помош на патохистолошкиот наод се врши поставување на конечна дијагноза. За детална проценка на проширеноста на болеста денеска може да се користиме и со дијагностички методи како што се ултразвучен апарат, компјутеризирана томографија (CT, MSCT), магнетна резонанца (MR), позитрон-емисиска томографија (PET-CT) и др.

Како се лекува ракот на грлото?

Лекувањето на карциномот на грлото може да биде хируршко (laringectomy), може да биде со помош на зрачење (radiotherapy) и со примена на цитостатска терапија (chemotherapy). Кои од овие начини на лекување ќе биде избран пред се зависи од многубројни фактори кои се врзани поединчено за самиот пациент. Тука спаѓаат големината и самата локализација на туморот, општата состојба на болниот, евентуалните постоења на метастази на вратот или постоењето на одалечени метастази.

Рехабилитација на гласот и говорот после целосна ларингектомија

Кај пациенти кај кои е направена целосна ларингектомија не постои можност за создавање на природен глас и говор. Меѓутоа, денеска сме во можност да овозможиме добивање на говор и после целосна ларингектомија и тоа на повеќе начини и со примена на повеќе методи. Ниту една од методите кои денеска се применуваат не може да претставуваат универзален начин за примената и усвојувањето на езофагијалниот говор кај сите пациенти. Односно тоа е во директна зависност од состојбата на пациентот, мотивираноста на пациентот за одредена метода, од можностите на здравствената установа и од едуцираноста и можностите на докторот и рехабилитаторот – логопедот. Најраспространетата метода претставува едукацијата и примената на езофагијалниот говор кои воедно е најпрактичниот и наједноставниот начин за повторно воспоставување на комуникацијата кај пациентите после извршената целосна ларингектомија. Истиот езофагијален говор е најблизок до претходно говорниот глас на пациентот и овој говор е по природен и попријатен за слушање од колку говорот добиен со помош на електроларингс.

Д-р. Игор Ценевски