Простатата е жлезда, дел од машкиот полов систем. Сместена е под мочниот меур, на основата на машкиот полов орган и непосредно пред задното црево. 

Taa e орган со жлездесто-мускулна структура, чиј секрет влегува во составот на семената течност (спермаta). 

Градба и функции на простатата

Простатата е составена од мускулни и еластично-сврзни влакна кои заедно градат една еластично-мускулна мрежа во чии шуплини е сместено жлезденото ткиво. Кај возрасен маж таа е со големина на орев, со најголем дијаметар од 3 до 5 сантиметри и тежина од 15 до 20 грама. Нејзиниот надворешен облик потсетува на костен, чиј поширок крај е свртен нагоре кон мочниот меур, а врвот надолу кон дното на карлицата. Простатата по боја е сивоцрвена, а на пипање со прст преку задното црево е еластична, мека и безболна. Низ средишниот дел на простатата минува мочниот канал. 

Науката сè уште не ги познава сите функции на простатата. Таа останува жлезда во човечкото тело, која е најмалку разјаснета. Tестис е орган во кој се произведуваат сперматозоидите, а машкиот полов орган  помага да се исфрли спермата во вагината. Според тоа, тестисот и пенисот се т.н. примарни сексуални органи. Простатата се смета за придружна сексуална жлезда, иако, веројатно, нејзината единствена функција е поврзана со сексуалниот, односно со машкиот репродуктивен систем. 

Основна задача на простатичната течност е да служи како транспортна средина на сперматозоидите на тој начин што го зголемува волуменот на семената течност. Но, исто така, учествува и во исхраната на сперматозоидите, ги зајакнува, и ја неутрализира киселоста на вагиналниот канал кај жената. Со тоа се продолжува и животот на сперматозоидите.

Простатичниот секрет има улога на заштитна бариера и не дозволува ширење на инфекцијата во органите на машкиот полов систем, како и нагоре во органите на уринарниот систем  -мочниот меур и бубрезите .