Драги мажи, запомнете, вредноста и квалитетот на секој превентивен преглед се состои во тоа да ги дијагностицира болестите навреме, како и да ви понуди препораки за промена на животниот стил, навиките, начинот на исхрана и да ви посочи патеки за поуспешно „управување“ со вашето здравје. 

1. PSA во крв и консултација со уролог
Еден од најважните превентивни прегледи што треба да бидат направени кај секој маж над 50 години е прегледот на простатата, кој се состои во ехо и ректален преглед на простатата. Составен дел од овој „машки пакет“ е и одредувањето на ПСА во крвта. Ова е еден вид на туморски маркер кој може да открие присуство на карцином во простата во многу рана фаза. Кај мажи со семејна историјаза карцином на простата, како и кај пушачи овие прегледи треба да започнат да се спроведуваат веќе од 45-тата година

2. Колоноскопија
Колоноскопијата е единствениот преглед при кој со флексибилна туба на која има поставено камера, се гледа внатрешноста на дебелото црево и се откриваат полипите и карцином на дебело црево. Доколку се откријат промени како полипи, истите се отстрануваат во еден акт за време на колоноскопијата. Секој маж на возраст помеѓу 50 и 60 години мора да направи колоноскопија, како единствена метода во превенција и навремено откривање на овој карцином.

3. Дермоскопија
Според досегашната пракса, меланомите кај мажите доцна се откриваат зошто за разлика од жените, тие не го набљудуваат своето тело и не може навреме да ги забележат промените на кожата. Како превенција од карциномот на кожа се препорачуваат редовни самопрегледи на кожата. Мажите треба да знаат дека по секоја промена која ќе ја забележат на своето тело треба веднаш да се јават на дерматолог, а еднаш годишно, особено пред летото, треба да направат дерматоскопија. Лекувањето на карциномот на кожа е многу ефикасно, но само ако се открие навреме.

4. Доплер на каротидни артерии
Исклучително важен преглед е ехото на срце и прегледот на каротидните артерии. При преглед на артериите се мери соодносот на двата внатрешни и средниот слој на ѕидот од артериите. Се изведува со цел да се одреди присуство на атеросклеротична болест на крвните садови кои се задолжени за носење кислород на крв до мозокот. Тестот се изведува еднаш годишно кај луѓе над 50 години

Kои се најчестите уролошки болести и проблеми и кога мажите да се јават на уролог? 
Мажите редовно и на секоја возраст треба да го посетуваат својот уролог. Најопасната болест на возраст од 15 до 30 години е карциномот на тестисите. Се работи за млади мажи кои потенцијално имаат реална шанса да бидат излекувани ако карциномот се открие навреме со многу едноставна дијагностичка процедура.

Чест проблем на оваа возраст се и сексуално преносливите инфекции. 
Друг проблем е плодноста, а важно е што сите причинители може да се откријат на оваа возраст и да се третираат, за навремено да се спречи неплодноста. Честа појава што влијае на плодноста е варикоцелата, која кај многу мажи не дава симптоми, но ја намалува плодноста, а доколку се открие навреме, многу лесно се лекува со едноставна хируршка интервенција. Многу е подобро мажите пред стапување во брак со едноставен уролошки преглед да ја проверат својата плодност за потоа да немаат проблеми. 

Kоја е причината за еректилната дисфункција кај помладите мажи? 
Еректилната дисфункција,најчесто е од психогена природа , ако се исклучи дијабетес, невролошки испади, хормонски дебаланс. Најголем процент се млади момчиња кои немаат ерекција е поради психичка траума. Најчесто станува збор за нереализиран сексуален однос, некоректно однесување од некоја девојка кое остава долготрајни последици кај момчето. Тие се затвораат психички, па ова им станува реален проблем. Денес постојат модерни протоколи на лекување и многу брзо овие пациенти излегуваат од затворениот круг што самите го создале. 

Мажите сакаат дискреција од урологот ! 
 Kога ќе се спомене уролог, мажите го поврзуваат со својата интима и затоа тоа за нив претставува еден вид стрес. Тие се многу чувствителни кога ќе се спомне името уролог. Жените се послободни да зборуваат за својата интима, а мажите се посуетни и не сакаат отворено да зборуваат. Затоа уролозите треба да пристапат со исклучително внимание за да се изгради доверба. Лекарите од скопските болници велат дека пациентот за да ги каже проблемите , треба да биде убеден дека тоа останува во ординацијата со што му се гарантира приватноста. Најчесто по прегледот мажите не го споменуваат зборот уролог, полесно им е да кажат дека биле на хирург.

ЗГОЛЕМЕНАТА ПРОСТАТА НАЈЧЕСТ ПРОБЛЕМ КАЈ ПОСТАРИТЕ ОД 40 ГОДИНИ
-Мажите над 40 години најчесто имаат проблем со зголемување на простатата и раниот карцином на простатата. Најновите истражувања велат дека скринингот и раното откривање на ракот на простатата треба да почне од 40 година бидејќи првите промени се откриваат преку едноставен лабораториски тест – ПСА – и со ректален преглед. Простата е единствен орган во нашето тело кој можеме да го допреме и да видиме какви промени се случуваат – преку дебелото црево можеме да ја прегледаме оваа жлезда и рано да ги откриеме сите промени во нејзиниот состав. При овој преглед многу ни помага и ултрасонографијата, особено доплер ултрасонографијата со која секоја зголемена васкуларизација на некој ран туморски процес се детектира и во најрана фаза. Ако има промени, се прави биопсија да се открие дали има тумор. Kај нас биопсијата се изведува со ултрасонографија, доплер сонда. Со неа директно се гледа простатата, нејзината васкуларизација и се гледа каде е јазолот, се земаат парчиња од тоа место и истите ги анализира тимот од патохистолошката лабораторија. Во рок од 48 часа имаме дијагноза дали е карцином на простата или не. Ова е светски протокол за рано откривање на карциномот на простатата, кој, за жал, е во огромен пораст, а многу лесно се лекува ако навреме се открие.