Воспалението на простатата, (простатитис), најчесто се јавува со појава на повеќе различни симптоми и знаци на воспаление.  Во некои случаи простатитот не е причина, туку последица од некое друго заболување, како на пример при воспаление на мочниот меур (цистит), при воспаление на горните мочни патишта, при воспаление на слепо црево и друго. Од друга страна пак, примарното воспаление на простатата може да се пренесе и нагоре и да доведе до воспаление на мочниот меур или пак да се спушти надоле и да го зафати надворешниот мочен канал. Речиси редовно воспалението на простатата доведува и до воспаление на околните жлездени структури, како на семените меурчиња, а од тука преку семеводот до натсеменикот и семеникот. 

Pри преглед и поставување на дијагноза на болниот, треба да се има на ум дека воспалението не мора да биде изолирано само на простатата и неговите околни стуруктури, т.е.на органите на машкиот репродуктивен систем, туку може да доведе до појава на инфекции на мочниот систем (на мочниот меур, мочоводите, надворешниот мочен канал, па дури и воспаление на бубрезите). 

Воспалението на простатата (простатит) е најчесто уролошко заболување кај мажите помлади од 50 години. Кај мажите постари од 50 години, ова заболување е на трето место по честота на јавување, зад бенигната хипертрофија на простатата и зад ракот на простатата.

Најчесто воспалението на простатата се должи на враќање  на мочта, а со тоа и на бактериите и другите микроорганизми во простатичните каналчиња. Се јавува кога доаѓа до инфекција на мочните патишта, на семените каналчиња, при катетеризација на мочниот меур итн.

Причини и различни форми на простатит

Во зависност од критериумите, сите простатити можат да се поделат:

Според видот на причинителот на болеста:

Простатити од бактериско воспаление

  • Неспефично, предизвикано од  разни видови на бактерии.
    Се работи за воспаление на жлездата кое, ако е акутно, најчесто е предизвикано од бактеријата Esherichia koli (65%-80%), а потоа следат Pseudomonas Aeruginosa, Seratia, Klebsiella и Enterobacter Aerogenes. Субакутните и хроничните простатити најчесто се предизвикани од Chlamydia trachomatis, а потоа од Ureplasma urealyticum и од другите бактерии.
  • Специфично (туберкулзно, предизвикано од бактеријата Micobacterium tuberculose)
  • Венерично (воспаление предизвикано од сексуално преносливи причинители)

Простатити без бактериска потврда

Овие простатити најчесто се предизвикани од вируси, паразити, или од други причинители (микоплазма, кламидија, од алергија и друго).

Болести кои се пренесуваат преку сексуален однос

Венерични (тука спаѓаат сифилис, трипер)

Болести кои се пренесуаваат по сексуален однос, но не спаѓаат во класични полови болести, како што се небактериките воспаленија на простатата и мочниот канал (микоплазми, кламидии).

Практична поделба на простатитот 

Sпоред Националниот Институт за Здравје, постојат 4 категории на простатит

  • Акутен бактериски простатит
  • Хроничен бактериски простатит
  • Небактериски простатит
  • Асимптоматски инфламаторен простатит

Акутен бактериски простатит

Акутниот бактериски простатит претставува потешко заболување. Најчесто се јавува кај младите мажи, до 40 годишна возраст. Често може да биде провоцирано од настинка, од возење на велосипед, од консумирање на ладни пијалоци. Често се јавува и при постоење на каменчиња во мочните канали или во мочниот меур. Може да се јави и по агресивен сексуален однос, по анален секс без заштита со кондом, по некои интервенции, како по катетеризација на мочниот меур или по цистоскопија.

Најчести симптоми на акутниот бактериски простатит се: акутна болка пропратена со често мочање, чувство на печење во мочниот канал, болни грчеви во мочниот канал, отешнато мочање со послаб млаз кој се прекинува во текот на мочањето, а понекогаш може да дојде и целосно прекинување на мочањето (уринарна ретенција).  Со терапијата на акутниот простатит најчесто се постигнува целосно излекување. Во помал број на случаи, обично при неадекватно спроведена терапија, тој минува во хроничен простатит.

Хроничен бактериски простатит

Хроничниот бактериски простатит е почест од акутниот. Хроничниот простатит може да постои подолго време пред да се појават одредени тегоби како што се: болки во крстот за време на мочањето, различни тегоби при мочањето, како и тешкотии при поголем физички напор. Sимптомиte најчесто се поврзани со мочниот канал. Се јавува секрет, кој најчесто е слузест, а поретко крвав и се цеди од мочниот канал. Често, секретот се засилува при дигање на тешки предмети, или при напорна физичка работа, како и при дефекација (при одење по голема нужда). Може да биде присутно и лесно печење при мочањето, може почетниот млаз да е заматен, а потоа мочта да се избистри. Пациентите се жалат на тапи и неодредени болки во препоните и во тестисите. Општите симтоми на хроничниот простатит не се карактеристични за воспалението. Пациентите немаат покачена телесна температура, но може да чувствуваат замор, општа слабост, малаксалост, немир и да имаат пореметувања во спиењето како несоница или поголема потреба за спиење. Постоењето на исцедок од мочниот канал, често предизвикува вознемиреност кај болниот.

Другите општи симптоми се поврзани со сексуалните потешкотии. Овие пациенти често може да имаат одереден степен на еректилна дисфункција како на пример: неможност да доживеат оргазам, да постои пренадразливост и да имаат брз оргазам со прерано исфрлање на спермата. Поретко може да се јави и губиток на либидото и болки при сексуален однос.

Кај помалку од половина од болните може да се открие и докаже присуството на бактеријата која го предизвикала воспалението. Но, во поголемиот број на случаи, таа не може да се изолира. Механичките дразби (возење на велоспед, тешка физичка работа, интензивни спортски акивности) како и некои хемиски или термички дразби можат да доведат до активирање на воспалението и да дадат акутни епизоди. 

Хроничниот бактериски простатит има слични симптоми како и акутниот, но тие се помалку драматични и нема покачена телесна температура. Хроничниот бактериски простатит е најчеста причина за повторно присуство на бактерии во мочта кај мажите. 

Антибиотската терапија uspe[no go lekuva ovoj problem.

Небактериски простатит 

Dијагнозата на овој тип на простатитис се поставува, дури од кога ќе се исклучи постоењето на другите видови на простатит. Небактерискиот простатит го карактеризира болка, која е најчесто е локализирана во долниот дел на стомакот, во машкиот полов орган, а може да биде присутна и во семениците. Често е присутна болка за време и по ејакулацијата. Болните се жалат на зачестено мочање, како и на отежнато мочање со видно намален млаз, кој често се прекинува и завршува со испрекинато капење на мочта. Опишани се и појави на еректилна дисфункција, но овој симптом сепак не е карактеристичен за овој тип на простатит. Доколку овие симптоми (синдром) траат подолго од 3 месеци, болеста преминува во хронична. При ректален преглед не се видени некои посебни промени, освен лесна осетливост при допир.

Некои автори сметаат дека во основа на оваа состојба е психичкото растројство кај болниот. Затоа, често во терапијата се користат нервно-смирувачки лекови (хелекс, деметрин, лексилиум и други), кои ја ублажуваат простатодинијата.

Асимптоматски инфламаторен простатит

Овој вид на простатит не дава никакви симптоми за присутна инфекција.

Кај овие лица се откриени покачени бели крвни зрнца во крвта (леукоцитоза) и присуство на бактерија за време на нивната евалуација за постоење на други заболувања на простатата.

Дијагнозата се поставува при рутински бактериолошки преглед на спермата, на простатичната течност, на мочта или се открива со микроскопски преглед на ткивото на простатата по операцијата на бенигната хипертрофија или по биопсијата на ракот на простатата. Овој вид на простатит често се јавува како придружна појава кај лица со бенигна хипертрофија или со рак на простатата и не бара посебно лекување. Се лекува основното заболување, односно бенигната простатична хипертрофија или присутниот рак на простатата.