Мај е месец посветен на ракот на кожа. Меланомот е најсериозната форма на рак на кожата во однос на морталитетот. Меланомот може да се развие било каде на кожата, а во 30-50% од случаите се развива од веќе постоечките невуси. Најчеста локализација кај мажите е на трупот, а кај жените на нозете и трупот.
Една од најважните причини за меланом е изложеноста на ултравиолетовите зраци на сонцето. Исто така, постои силна поврзаност меѓу епизодите на изгореници од сонце здобиени во детството и подоцнежниот развој на меланом. Оштетувањето на генетскиот материјал здобиен со секоја епизода на изгореници од сонцето е неповратен процес. Како последица, овие кумулативни оштетувања имаат тенденција да се претворат во карцином на кожата декади подоцна.
Кои се другите штетни ефекти на кожата предизвикани од сонцето?
Покрај меланомот, сонцето предизвикува други форми на рак на кожа, кои иако обично не се фатални, често резултира со значителна изобличеност. Ултравиолетовите зраци на сонцето, исто така предизвикуваат предвремено стареење на кожата во форма на брчки, флеки, пукнати капилари и груба и сува кожа.

Кој има најголем ризик да добие меланом?
Ризикот за развој на меланом е повисок кај лица со светла кожа што лесно гори, и кај лица со многу бемки. Кај лица кои имале изгореници од сонце, особено во детството и адолесценцијата, кско и кај лица кај кои друг член во семејството имал меланом. Тој може да се појави на било која возраст, но тој е многу редок во детството.
Колку е чест меланомот во светот и во нашата држава?
Меланомот за разлика од другите канцери на кожа поретко се јавува. Но, меланомот е многу поопасен и е причина за најголем број (75%) смртни случаи предизвикани од рак на кожа. Во светот годишно се дијагностицираат околу 160 илјади нови случаи на меланом. Меланомот е почест кај жените отколку кај мажите, и е особено честа појава кај населението од белата раса кое живее во сончеви предели, со висока стапка на инциденца во Австралија, Нов Зеланд, Северна Америка и Северна Европа.
Според извештајот на Светската здравствена организација (СЗО), околу 48.000 смртни случаи поврзани со меланом се случиле во светот на годишно ниво (2006).
Во нашата држава во 2015 година од меланом умреле 67 лица со стапка од 3.2 на 100 000 жители, од кои 40 се мажи, а 27 се жени. Стапката на умрени мажи изнесува 3.9 на 100 000 мажи, а стапката на умрени жени 2.6 на 100 000 жени.
Стапката на инциденца на меланом во последните неколку децении се зголемува повеќе кај популацијата со светла кожа.
Како може да се подобрат шансите за преживување од меланом?
Клуч за поволен исход е рано откривање и навремен хируршки третман на меланомот. Периодичниот авто-преглед на кожата задолжително бара медицинска помош кога има сомневање и тоа треба да стане стандардна пракса доколку сакаме да се задржи стапката на смртност од меланом на најниско можно ниво.
Дали меланомот може да се спречи?
На генетски утврдените ризик фактори за меланом, како што е светол тен, голем број на невуси и семејна историја на меланом не може да се влијае. Но, значајно може да намали влијанието на надворешните ризик фактори кои доведуваат до развој на меланом со минимизирање на изложување на штетните фактори на средината како што е ултравиолетовото зрачење од сонцето. Пред сè, треба да се има за цел да се спречат изгореници (благо црвена кожа со или без меури кои се резултат на акутна прекумерна изложеност на сонце), а посебно внимание треба да се обрне на децата и адолесцентите со оглед на нивната осетливост.