Социјален живот

Иако хемотерапијата може да предизвика непријатни и несакани ефекти, некои луѓе сепак успеваат да водат скоро нормален живот за време на лекувањето.
Често хемотерапијата може да ве натера да се чувствувате подобро, затоа што се ублажуваат симптомите на ракот.
Дури ако се чувствувате нерасположени за време на лекувањето, ќе почнете да забележувате дека закрепнувате брзо во периодот на примањето на терапиите и ќе можете одново да се занимавате со вообичаените работи и истовремено да се чувствувате подобро. Можеби ќе треба да одите на работа и да продолжите со вообичаените социјални работи како обично, но ќе треба да имате паузи во текот на денот или скратување на работното време.
Некои луѓе чувствуваат замор за време на хемотерапијата.
Тоа е сосема нормално и може да биде предизвикано од самите лекарства и борбата на телото со болеста или да биде последица на лошо спиење.
За некого, за кого е нормално да е исполнет со многу енергија, чувството на замор цело време може да делува разочарувчки и тешко за справување. Најтешкиот период може да биде кон крајот на хемотерапијскиот третман.
Обидете се да ги намалите дејностите кои не се приоритетни и замолете го семејството или пријателите да ви помогнат во работите како пазарување и домашна работа. Важно е да не се борите со заморот.
Дајте си време за одмор и ако се уште работите, уверете се дали е возможно да го намалите работното време додека трае лекувањето. Ако имате тешкотии со заспивањето, матичниот лекар може да ви препише некои лекови за полесно заспивање.
Додека ја примате хемотерапијата, можете да забележите дека не можете да извршувате некои нешта што сте ги земале здраво за готово. Секако дека не треба потполно да запрете со социјалниот живот.
Во зависност од тоа колку добро се чувствувате, не постои причина да престанете да излегувате или посетувате пријатели, особено ако претходно сте ги планирале тие средби. На пример, ако требате да излегувате вечерта, можете да се одморите подолго во текот на денот, и така ќе соберете повеќе енергија.
Ако планирате да излезете за појадок, ручек или вечера, добро е да ги земете таблетите против повраќање пред да отидете и внимателно да ја изберете храната од менито.
Ако наближува важен настан (како свадба), разговарајте со Вашиот лекар дали лекувањето може малку да се одложи, така што ке се чувствувате колку што е можно подобро за време на настанот.
Ако заминувате во странство за празниците, важно е да запомните дека додека примате хемотерапија не треба да се земаат било какви вакцини со , „жив вирус“. Тоа вклучува вакцини за полиомелит, морбили, рубеола, тројна вакцина за морбили, паротит и рубеола, БСЗ вакцина (против туберкулоза), вакцина за жолта треска и вакцина против тифус. Тоа, пред се, се вакцини кои можете да ги примате ако е неопходно. Ако патувате во странство, распрашајте го лекарот дали треба да ви бидат направени други вакцини како што се, вакцини за дифтерија, тетанус, грип, хепатит Б, хепатит А, беснило, колера или инекција на тифоидна вакцина.

Интимни контакти 

Некои луѓе, периодот на примање хемотерапија го поминуваат без тоа да се одрази на нивниот сексуален живот. Истовремено, други забележуваат дека нивниот сексуален живот повремено или постојано е променет на некој начин како последица на лекувањето. Настанатите промени се привремени и не би требало да имаат долгорочен ефект врз сексуалниот живот.
На пример, може да има период во кој просто се чувствувате премногу
изморени или можеби недоволно силни за нивото на физичката активност на која сте навикнале за време на сексот. Ако лекувањето е причина да ви се лоши, постои веројатност на одреден период, воопшто да не сакате да имате секс.
Неспокојството може да игра голема улога при запирањето на сексуалниот живот. Какви и да се промените, тие се вообичаено карактеристични и не се сериозни. Не постои медицинска причина да престанете да имате секс во било кое време додека земате хемотерапија. Потполно безопасно е и самите хемотерапевтски лекарства нема да имаат долгорочни физички ефекти врз способноста да бидете сексуално активни и од тоа да чувствувате задоволство. Какви и да се промените во Вашиот сексуален живот, малку веројатно е долго да траат.
Единствено исклучок може да бидат жените чија хемотерапија довела до рана менопауза. Тие жени ќе почувствуваат симптоми, вообичаено поврзани со менопаузата, која може да вклучува сувост на вагината и намален интерес кон сексот.
Надминувањето на каков и да е проблем, сексуален или друг, може да изгледа како тешка битка, кога едновремено се обидувате да ја прифатите дијагнозата и да се справите со хемотерапијата. Запомнете дека повеќето несакани ефекти на хемотерапијата кои можат да се одразат на половиот живот како замор или гадење, постепено ќе исчезнат веднаш откако лекувањето ќе престане.
Се смета дека хемотерапијските лекарства не можат да преминат во спермата или во вагиналните течности. Покрај тоа за луѓето кои се подложни на хемотерапија, повеќето болници советуваат користење на кондоми. Тоа има за цел спречување на можни проблеми кај вашиот партнер.
Важно е да се преземат соодветни мерки против бременост, додека се дава хемотерапијата, бидејќи лекарствата може да му наштетат на плодот. Заради тоа, лекарот ќе ве посоветува да употребувате сигурни методи за контрацепција (обично ‘‘бариерни‘‘ методи) за цело време на лекувањето и неколку месеци после тоа.