• Репродуктивни совети
Иако хемотерапијата може да ја намали плодноста, сосема е возможно, жената која прима хемотерапија да забремени за време на третманот. Несаканите ефекти на хемотерапијата, како гадење и дијареја, може да ја намалат ефикасноста на контрацептивните таблети. Жените, чиј сопруг прима хемотерапија, може исто така да забременат. Бременоста треба да се избегнува за време на хемотерапијата, заради можноста од оштетување на плодот од лекарствата.
За жал, некои видови на хемотерапија може да предизвикаат неплодност. Неплодност е неможност да забремените или да станете родител и може да е привремено или постојано, во зависност од лекарствата кои ги примате. Ве советуваме, со лекарот целосно да го разгледате ризикот од настанување на неплодност , пред да започне лекувањето. Ако имате партнер, тој или таа веројатно ќе сака да учествува во таков разговор, така што и двајцата ќе ги знаете сите факти и ќе можете да разговарате за своите чувства и идните можности.
Некои лекарства нема да имаат траен ефект на Вашата плодност.
Јајниците кај некои жени ќе започнат одново да формираат јајце клетки по завршување на лекувањето.
Во таков случај неплодноста е краткотрајна. Вашите менструални циклуси ќе се нормализираат кога лекувањето ќе заврши. Таков е случајот со една од три жени. Обично, колку сте помлади, толку е поголема веројатноста повторно да имате нормални менструални периоди и се уште да имате деца, по завршување на хемотерапијата.
Ако сте биле бремени пред да ви биде дијагностицирано заболувањето и пред да започне хемотерапијата, многу е важно да ги разгледате можностите со Вашиот лекар, за и против продолжување на бременоста.
Понекогаш може да се одложи започнување на хемотерапијата, до моментот на раѓање на детето, во зависност од видот на рак кој го имате, степенот на болеста, колку е напредната бременоста и конкретната хемотерапија на која ќе бидете подложена. Ќе имате потреба за разговор со лекарот за Вашата бременост и треба да ви е сосема јасно за сите ризици и алтернативи, пред да донесете крајно решение.
Кај мажите, некои лекарства нема да имаат ефект на плодноста, но други може да го намалат бројот на сперматозоиди и да влијаат на нивната способност да стигнат и да ја оплодат јајце клетката за време на сексуалните односи. Сепак, ќе можете да имате ерекција и да имате оргазам, како и пред лекувањето.
Ако се уште имате планови за деца, пред да започнете со хемотерапијата, можете во банка за сперма да зачувате свои сперматозоиди и подоцна да ги употребите. Ако тоа е возможно во Вашиот случај, ќе треба да дадете неколку семенски проби во период од неколку недели. Дури потоа, тие ќе бидат замрзнати и ќе се чуваат така, за да може подоцна вештачки да се оплоди јајце клетката и Вашата партнерка да забремени.
Ако хемотерапијата предизвикува неплодност, некои мажи може да останат неплодни заради начинот на тоа лекување, но кај други може да се случи да се враќа нормалното ниво на сперматозоиди. Понекогаш може да поминат неколку години пред тоа да се случи. Вашиот лекар може да ги преброи сперматозоидите кога лекувањето ќе престане, за да ја провери Вашата плодност.
Ако сте планирале да имате дете или да имате уште деца во семејството, ќе биде многу тешко да ја прифатите неплодноста. Чувството на загуба може да биде многу болно и вознемирувачко за луѓе од сите возрасти. Понекогаш чувството може да биде како да сте изгубиле дел од себе. Заради тоа, може да се почуствувате како помалку маж или помалку жена.
Некои луѓе може да го игнорираат ризикот од неплодност, сметајќи дека им е поважно да се справат со ракот. Кај други може да изгледа дека сосема мирно го прифаќаат тој факт додека лекувањето не заврши и додека повторно не си го средат животот.
Луѓето се разликуваат по реакциите за ризикот од неплодност. Се разликуваат и по начинот на кој ја прифаќаат или не ја прифаќаат дијагнозата и лекувањето.
Не постои правилен или неправилен начин на реагирање. Постои само еден начин, а тоа е – Вашиот начин.