Причината за појава на ракот на простатата е нејасна, но најчесто е врзана со присутната генетска предиспозиција, етникумот и начинот на живеење. Многу студии покажале дека внесувањето на поголема количина на месо, месни производи, животински масти во исхраната, а помалку овошје и зеленчук се најчести ризик-фактори за појава на болеста. Исто така и изложеноста на тешки метали го зголемува ризикот за настанувањето на карциномот на простатата.

Ракот на простатата е поврзан со тестисите. Лачењето на хормони не е само причина за појава на болеста, туку и за нејзиното ширење.

Затоа примената на хормонската терапија игра важна улога во третманското водење на карциномот на простатата, како самостојна или во комбинација со другите тераписки модалитети.

Карциномот на простатата е индивидуална и непредвидлива болест, чиј малигнен потенцијал не може секогаш да се предвиди. Обично тоа е споро растечки тумор кој се развива со години. Многу постари мажи имаат карцином на простата без присутни симптоми и водат нормален начин на живот.

Ракот на простатата може да се открие со обичен ректален преглед, преку ехо-дијагностика или со тумор-маркери.

Рaната дијагноза и неговата навремена терапија доведува до целосно излекување дури во 98 % од заболените. Токму поради ваквата висока стапка на преживување во раните стадиуми на болеста, се препорачува, секој маж над 50-та година, без разлика дали има проблеми со мокрењето, да отиде еднаш до два пати во годината на преглед. На тој начин ќе се овозможи навремено и успешно излекување на карциномот.

Акцијата „Моември“ е иницирана во Австралија во 2003 година со цел да се сврти вниманието кон еден од најчестите здравсвтвени проблеми кај мажите – ракот на простата. Акцијата многу брзо страна стана глобална, а се состои во тоа мажите во ноември да пуштаат мустаќи.

Моември е месецот ноември, кој од 2003 година се одбележува како „машки“ месец за зголемување на свеста за рано откривање на машките болести како рак на простата, еректилна дисфункција, машки климактериум, ќелавост, ХПВ, кардиоваскуларни болести, стрес, ‘рчење.

Фондацијата Movember ги предизвикува мажите да пуштат мустаќи во текот на Movember (порано познат како Ноември), за да се поттикне разговор и да се соберат средства од витално значење за здравствени програми на мажите.