Септември е светскиот месец за подигање на свеста за борба против хематолошките малигнитети. Имено околу 200 илјади луѓе во светот секоја година умираат од крвен рак, болест која доколку не се третира навреме со соодветна терапија може во рок од шест месеци да доведе до смрт.

Лимфомот е рак на лимфниот систем, кој е дел од имуниот систем. Постојат многу типови на лимфом, но главно тој се дели на Хочкинов лимфом и Не-Хочкинов лимфом.

Во нашата држава вкупниот број на новодијагностицирани пациенти од Не-Хочкинов лимфом во изминатата година изнесуваше 66, но според бројот на населението се претпоставува дека тој број се движи од 100 до 105.

Околу еден милион луѓе низ светот живеат со лимфом и кај околу илјада луѓе секојдневно се дијагностицира ова заболување, истражувањата покажуваат дека помалку од 50 % од луѓето знаат за оваа болест која е потенцијална опасност по животот на пацинетот, а речиси три четвртини или 75 % од населението не знае дека лимфомот е вид на рак. Од овие причини од 2004 година 15 септември е прогласен за Светски ден за борба против крвниот рак – лимфом со цел да се подигне свеста кај населението за ова заболување, неговите знаци и симтоми.

По повод Светскиот месец за борба против хематолошките малигнитети, Здружението за борба против ракот „Борка“ апелира до македонското население за сериозноста на лимфомот како заболување и потребата за неговото препознавање и лекување.

Како што вели претседателката на Здружението Борка за секој нов ден, Биба Додева, здравствената информираност кај населението во нашата држава е на многу ниско ниво и токму поради ова, бројот на откриени пациенти заболени од лимфом е многу мал.

„Со подигање на свеста за хематолошките малигнитети, луѓето ќе ги препознаат знаците и симптомите, кои водат кон рано дијагностицирање и навремен третман на ова заболување“, вели Додева. Таа смета дека доколку пациентите се дијагностицираат и се третираат навреме, многу од нив може да се излекуваат и да имаат долг и среќен живот.

Борка – за секој нов ден продолжува со своите активности за воведување на позитивна листа на новите лекови за хематолошките малигнитети со цел и пациентите во Македонија да имаат еднаков пристап до современа терапија според светските и европски препораки и протоколи.