Што треба да се знае за ХПВ вакцината која го намалува ризикот од настанување на рак на грлото на матката ?
ХПВ вакцината претставува изум на 21-от век. Тоа е првата вакцина во историјата на медицината која индиректно, спречувајќи го заразувањето со Хуман папилома вирус, го спречува настанувањето на малигни болести.
Зошто е опасен Хуманиот папилома вирус (Human Papiloma virus HPV) ?
Одредени типови на ХПВ се онкогенични (високо ризични) т.е. доведуваат до настанување на малигни болести на одредени места во човечкото тело.

Кои фактори влијаат на појава на ХПВ инфекцијата?
ХПВ инфекцијата во аногениталната регија и во најголем процент од случаите се пренесува по сексуален пат и кондомите не претставуваат сто постотна заштита за спречување на ширењето на инфекцијата. Жените кои што имаат повеќе бремености, повеќе партнери, кои што пушат цигари и имаат намален имунитет се под ризик за добивање на оваа инфекција и последователно развивање на оваа болест.

Што предизвикува ХПВ инфекцијата?
ХПВ инфекцијата предизвикува бенигни и малигни промени на повеќе места на човечкото тело, од обични брадавички во гениталната регија, на стопалата и рацете, до малигни заболувања (рак) на грлото на матката, вагината, вулвата, анусот, пенисот, како и малигни тумори на главата и вратот.

Дали ХПВ вакцината е безбедна ?

Употребата на ХПВ вакцините во студиите, почнувајќи уште од 1999 година, пред одобрувањето од Бирото за храна и лекови на САД, на 8.6.2006 година, во следствените студии подоцна, како и извештаите од системот за контрола на несакани ефекти VAERS (Vaccine Adverse Event Reporting System) покажуваат дека оваа вакцина е високо безбедна и дека не се регистрирани тешки несакани ефекти по нивна администрација.