Како и за сите други карциноми кои се јавуваат кај луѓето, така и за ракот на простатата причините за неговото јавување не се познати. Се уште не може да се објасни зошто некои луѓе заболуваат, а други не. Сепак, некои лица имаат поголем ризик да заболат од оваа болест. Постојат одредени фактори на ризик кои ја зголемуваат можноста од појава на оваа болест кај некои луѓе.

Фактори на ризик се:

Возрастa

Главен ризик фактор за карциномот на простата e возраста. Болеста ретко се јавува кај мажи помлади од 45 години. Можноста од појава на карциномот на простатата брзо се зголемува со годините.

Така, повеќето пациенти со карцином на простата се на возраст над 65 години.

Фамилијарната историја на болеста 

Доколку некој од машките членови од семејството боледувал од карцином на простатата, постои поголем ризик некои од членовите на семејството да заболат. Ризикот е поголем ако повеќе од еден роднина имал рак на простата. Една студија тврди дека маж со двајца роднини од прв степен кои имале рак, има пет пати поголема шанса да добие рак. Затоа, некои стручни лица препорачуваат мажите со вака голем ризик редовно да се проверуваат, почнувајќи од нивната 40-та година.

Расата

Карциномот на простатата почесто се јавува кај црната отколку кај белата раса. Исто така, почесто се јавува кај белците Европјани, отколку кај Азијатите.

Исхраната

Некои студии укажуваат дека прекумерната телесна тежина и внесувањето на голема количина масти од животинско потекло во исхраната го зголемуваат ризикот за карцином на простатата. Постои теорија која укажува дека мастите ја зголемуваат продукцијата на машкиот полов хормон, тестостерон, кој го потпомага настанувањето на простатичните карциномски клетки.

Утврдено е дека почесто се јавува кај лица кои во својата исхрана внесувале повеќе црвено месо, а малку овошје и зеленчук.

Лица кои во својата исхрана вклучуваат повеќе овошје и зеленчук, а помалку масна храна и црвено месо, имаат помал ризик да заболат.