Точната причина за лимфомите е непозната. Во принцип, мажите се изложени на поголем ризик од жените, а ризикот се зголемува со возраста. Лимфомите може да се јават во која било возраст, иако поголемиот дел од овие лимфоми се случуваат кај луѓе на возраст од 15-34 години и над 60-годишна возраст. Во зависност од специфичниот тип, лимфомот може да ги има сите карактеристики на ракот како што се, брзо размножување на клетките, абнормални клеточни типови, губење на нормалната распределба на клетките и инвазивна способност. Покрај тоа, голем број на лимфоми се значително зголемени во последните години, многу од нив се должат на епидемијата на СИДА (од причини кои се уште се слабо разбрани, заболените од СИДА имаат повисока веројатност за развој на не-Хочкин лимфоми). Луѓето изложени на пестициди и на јонизирачко зрачење имаат повисоки од просечните шанси да се разболат од оваа болест. Луѓето кои страдаат од имунодефицитарни нарушувања, како и оние кои биле третирани со имуносупресивни лекови при трансплантација на срцето или бубрезите и состојби како што се ревматоидниот артрит и автоимуните болести, се изложени на зголемен ризик за оваа болест. Некои истражувања покажаале слаба асоцијација помеѓу ретровирусите и некои ретки форми на лимфом.

Симптоми

Симптомите на лимфомот се често нејасни и неспецифични. Пациентите може да почувствуваат губење на апетитот, губење на тежината, гадење, повраќање, абдоминална непријатност и пробелми со варењето. Пациентот може да се жали на чувство на преполнетост, што е резултат на зголемени лимфни јазли во абдоменот. Притисок или болка во долниот дел на грбот е уште еден симптом. Во напредна фаза, пациентот може да има болки во коските, главоболка, постојана кашлица, ненормален притисок и застој во лицето, вратот и горниот дел од градите. Некои може да имаат трески и ноќно потење. Во повеќето случаи, пациентите одат на лекар поради присуството на отечени жлезди на вратот, пазувите или препоните. Бидејќи сите симптоми се заеднички за многу други болести, од суштинско значење е да се побара медицинска помош ако некој од симптомите трае две недели или повеќе. Само искусен лекар може правилно да дијагностицира дали симптомите се должат на лимфом или некоја друга болест. Хочкиновиот лимфом обично почнува во лимфните јазли. Јазолот се зголемува и слично на зголемени лимфни јазли поради заразни причинители, може или не мора да предизвикува болка. Хочкиновиот лимфом напредува на прилично предвидлив начин, патувајќи од една група на лимфни јазли на друга, освен ако не се третира. Понапреднати случаи на Хочкинов лимфом ја вклучуваат слезината, црниот дроб и коскената срцевина. Карактеристиките и прогнозата на пациентите со Хочкинова болест и не-Хочкинов лимфом е (НХЛ) значително се разликуваат.